Македонија
Маричиќ: ИПА-поддршката во правосудниот систем, пресудна за напредокот во Поглавје 23 и 24
Денес заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и национален ИПА-координатор, Бојан Маричиќ, го отвори петтиот состанок на Секторската работна група за секторот правда, на кој ја потенцираше важноста на овој сектор особено од аспект на европската интеграција.
„Владеењето на правото претставува сржта на пристапувањето на нашата земја во ЕУ, а реформите имаат клучна улога во целиот процес. Земјава вложува значајни напори и ресурси за владеење на правото, градење функционално судство, борба против организираниот криминал, и тоа со единствена цел – да обезбеди економски развој и да овозможи демократија во пракса“, рече Маричиќ.
Според него потребно е соодветно да се координира донаторската помош со цел да биде комплементарна, односно распоредена рационално, да ги покрива реформите за европска интеграција планирани во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, како сеопфатен национален стратешки и програмски документ за водење на процесот на европска интеграција, како и Националниот план за развој кој е во тек и Програмата за економски реформи, со кои практично се заокружува планирањето и одредувањето приоритети на стратешко ниво.
Маричиќ ја истакна и важноста од учеството на граѓанските организации на состаноците на Секторските работни групи со цел да се обезбедат нивните повратни информации за начините како спроведувањето на приоритетите е остварливо, ефективно и ефикасно, како и нивната посветеност за спроведување на некои од приоритетите на терен.
„Верувам дека во следната фаза ќе се обезбеди финансирање на добро дефинираните и договорени приоритети – без разлика на изворот на финансирање, било да е тоа национален буџет и помош од донатори“, рече Маричиќ, информирајќи ги присутните дека е започнат и процесот на програмирање на ИПА 2023-2024 кој ќе се реализира на техничко ниво на секторски работни групи и побара повратна информација од донаторите во однос на презентираните приоритети и идното финансирање на нивната имплементација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ангелов за ДУИ: Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата
Колку и да е убедлива, победата нема да биде комплетна доколку ДУИ не биде срушена од власт, вели претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов по првиот круг од претседателските избори.
„Затоа е потребна општа мобилизација за уште посилна победа на коалицијата “Твоја Македонија” предводена од ВМРО ДПМНЕ. Граѓаните ги отпишаа СДСМ, да запнеме сите заедно да ги отпишеме и ДУИ. Овојпат ДУИ мора да падне! Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата!“, порача Анеглов.
Ангелов пред еден месец соопшти дека неговата партија излегува од коалицијата предводена од СДСМ.
Тој со години се залагаше воените инвалиди и семејства на загинатите бранители да бидат обештетени, но немаше слух од своите коалициони партнери. Како што самиот рече, добивал поддршка од премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но поради противењето на ДУИ тоа не се случило.
Македонија
Стевчо собра повеќе потписи од гласови – поразот на Јакимовски главна тема на социјалните мрежи
Кандидатот за претседател на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската општина Карпош Стевчо Јакимовски, на вчерашниот прв круг од претседателските избори освои само 8.103 гласови односно 0,90%. Тоа е помалку од бројот на собрани потписи за претседателска кандидатура, зад која му се потпишаа 10.000 граѓани.
Јакимовски во неговата општина освои 2.143 гласови, додека во родната Крива Паланка за Јакимовски гласале 182 граѓани.
Тој вчеравечер призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Сиљановска-Давкова. Додаде дека не е задоволен од изборниот резултат.
Поразот на Јакимовски вчера беше главна тема на социјалните мрежи.
Стевчо Јакимовски ни комшиите не го гласале. Пошо да го гласаа ќе тепаше у прв круг.
— Ракун (@HumoroidM) April 24, 2024
И доктортот Нико Беќаровски за него објави хумористичен статус.
„Стефчо Јакимовски собра повеќе потписи од гласови“, напиша тој на фејсбук.
Стевчо Јакимовски во првиот круг заврши последен по бројот на гласови на претседателските избори.
Македонија
Почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро
На 75 години денеска почина менаџерот Велибор Џаровски- Џаро по кусо боледување, потврди семејството. Тој важи за една од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија.
Тој соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, а беше познат и како „крал на местенките“ во фудбалот.
Соработуваше со големи музички ѕвезди како Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена.
Своевремено има изјавено дека организирал 5.000 концерти и бројни турнеи во повеќе од тридецениската кариера како менаџер.