Македонија
Маричиќ: Реформите не се обврска само кон ЕУ, тие се наша должност и обврска кон граѓаните
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во обраќањето на втората панел-дискусија, „Зелена агенда и одржлива поврзаност“ и „Ресурси, земјоделство и кохезија“, рече дека напредокот во спроведувањето на реформите не е само обврска кон ЕУ и преговорите за членство во ЕУ, туку дека тоа е должност и обврска кон граѓаните.
„Целта ни е јасна, реформите мора да продолжат, а секоја институција да биде на ниво на својата задача, особено законодавниот дом. Ова е државен и тимски процес, кој со својата тежина и важност бара целото општество да биде вклучено и сите да застанеме зад европската иднина“, рече вицепремиерот Маричиќ.
Според главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ, извештајот на Европската комисија доаѓа во вистинско време, паралелно со скрининг-процесот, кој дава вистински насоки и можност правилно да се планираат следните реформи и каде, во кои области, треба да се даде приоритет.
Тоа сме им го ветиле не само на европските партнери туку и на граѓаните. Имам кажано неколкупати, ќе кажам и сега, дека како Влада имаме одговорен пристап кон она што е нотирано во годишниот извештај и дека секоја забелешка и препорака ќе биде појдовна точка и основа за дефинирањето и планирањето на следните реформски активности, додаде Маричиќ.
На денешната панел-дискусија, посветена на две важни области, Кластерот 4, „Зелена агенда и одржлива поврзаност“ и Кластерот 5, „Ресурси, земјоделство и кохезија“, вицепремиерот Маричиќ рече дека ова се кластери што имаат многу обемни делови од регулативите на ЕУ и кои бараат финансиска поддршка.
Целта е да им обезбедиме предуслови за подобро здравје, подобар квалитет на живот на граѓаните и конкурентна економија преку воведување и имплементација на високите стандарди на ЕУ, посочи Маричиќ, додавајќи дека сите кластери и поглавја се важни и имаат своја посебна тежина, но, според него, овие две се особено актуелни теми оваа година поради сите нарушувања на светскиот пазар на енергенти, но и кризата со храна, предизвикани од војната во Украина.
Во областа на земјоделството и руралниот развој главниот преговарач Маричиќ рече дека резултатот од евроинтегративниот процес ќе биде пристап до пазарот на ЕУ со над 500 милиони потрошувачи, а на македонските земјоделци ќе им овозможи да користат средства од фондовите за земјоделство и рурален развој, да го подобрат квалитетот на производите и со тоа значително да ја зголемат нивната конкурентност на пазарот на ЕУ.
Секретаријатот за европски прашања со поддршка преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, кој го спроведува Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги УНОПС, организира серија панел-дискусии со слоганот: „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!“, посветени на годишниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија за 2022.
Темата на денешните две панел-дискусии е: „Зелена агенда – Обновливи ресурси, македонска храна, европски пазари“, а панелистите говореа за напредокот и предизвиците во кластерите 4 и 5, напредокот кој е постигнат, надминувањето на нотираните слабости во насока на хармонизација и усвојување на европското законодавство и предизвиците што ни претстојат бидејќи полноправното членство во Европската Унија ни е од недвосмислен интерес и дека треба да се работи заеднички и посветено во процесот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето утре – променливо облачно со сончеви периоди
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во источните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен, а во западните делови од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7, а максималната ќе достигне од 13 до 20 степени.
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во недела и во вторник на повеќе места ќе има врнежи, кои повремено ќе бидат пообилни и поројни проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Поради спуштање на постудена воздушна маса во недела на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и ќе се формира нова снежна покривка.
Македонија
Ибраимоски и Глигорова: „СТОП за исвршителите, брзите кредити и должничкото ропство“ е еден од главните постулати на програмата „Храбро за Македонија“
Носителот на пратеничката листа на коалицијата „Храбро за Македонија“ во изборната единица пет, Самка Ибраимоски, денеска заедно со активистката и кандидатка за пратеничка Ана Глигорова ја посетија Битола каде се потпишуваше петицијата „СТОП за извршителите и брзите кредити“.
Воедно, Ибраимоски и Глигорова нагласија дека оваа борба за правда, за враќање на извршителите кадешто им е местото и ослободување на народот од должничко ропство е еден од главните приоритети на предизборната програма на коалицијата „Храбро за Македонија“.
– Денеска бевме во Битола, на средба со граѓани. Имавме петиција за „СТОП на извршителите“ и стоп за кеш кредити, успешна петиција. Суштината на нашата кампања во изборна единица пет, ќе биде токму оваа агенда: „СТОП за извршители и СТОП за брзи кредити“. – нагласи Глигорова.
– Ме радува што сите граѓани ја прифатија нашата иницијатива и се потпишаа многу луѓе и тоа е добро, што народот почна поинаку да размислува за разлика од претходно. И очекувам дека и во другите градови, како што се Ресен, Охрид, Струга, Демир Хисар и другите околни места, ќе ни ја дадат поддршката за парламентарните избори, истакна претседателот на ПЦЕР и носител на пратеничката листа, Самка Ибраимоски.
Скопје
Арсовска изврши увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со претставници од Секторот за планирање и уредување при Град Скопје и скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ извршија увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов во општината Гази Баба.
Со изведбата на водоводните приклучоци на овој потег кои се поврзуваат со постојната водоводна мрежа со профил од 150 милиметри, се решава повеќедеценискиот проблем на жителите со честите прекини во водоснабдувањето поради застареноста на системот, а се решаваат загубите на вода и трошоци за поправките на дефектите на водоводната мрежа, велат од Град Скопје.
Изведбата на овој проект претставува дел од програмата на градоначалничката Данела Арсовска за обновување на градската мрежа, во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот, се додава во соопштението на Град Скопје.