Македонија
Маричиќ – Фрагојанис: Грција денес е силен лобист за нашата интеграција во ЕУ
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска беше домаќин на средбата со заменик-министерот за надворешни работи, за економска дипломатија и отвореност на Грција, Костас Фрагојанис.
Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Маричиќ и заменик-министерот Фрагојанис на почетокот на средбата изразиле задоволство од динамиката на релациите помеѓу Северна Македонија и Грција во рамки на Договорот од Преспа и зајакнатата билатерална соработка.
„Од грчка страна беше потврдена силната поддршка за забрзување на евроинтегративниот процес како од политички, така и од аспект на обезбедување експертска и техничка поддршка на тимовите во земјава кои ќе работат на поглавјата со цел отпочнување на преговорите на Северна Македонија со Унијата“, се наведува во соопштението за средбата.
На средбата Маричиќ изразил подготвеност за повторно активирање на соработката во рамките на Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, потпишан во април 2019 година.
Маричиќ и Фрагојанис ги разгледале можностите за продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете земји од аспект на поддршка на реформскиот процес, како и проширување на економската соработка во рамките на Меморандумот за формирање на управен комитет за економска соработка согласно Договорот од Преспа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.