Македонија
Масовна крводарителска акција во „Алкалоид“ по повод Светскиот ден на крводарителството
Со масовен настан за крводарување по повод 14 јуни – Светскиот ден на крводарителството – „Алкалоид“ ја продолжува петдецениската традиција на организирање крводарителски акции со вработените во компанијата.
Под мотото „Дарувај крв, спаси живот“, 130 алкалоидовци изразија волја за крводарување во рамките на колективната акција, која се одржа во Центарот за едукација и за обуки на „Алкалоид“, во соработка со „Црвен крст“ и со Институтот за трансфузиона медицина. Компанијата е особено горда на своите традиционални крводарители, кои во својот животен и работен век реализирале повеќекратни крводарувања.
„Крводарителството е исклучиво доброволна акција, која некому значи живот. Со само една дарувана ќеса крв од 450 мл, постапка која трае десетина минути, може да се спасат 3 до 4 човечки животи. Јас сум крводарител од свои 18 години и имам дарувано над 50 пати“, истакна Роберт Новески, вработен во „Алкалоид“ со реализирани 53 крводарувања.
Генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, за време на крводарителската акција упати благодарност до сите генерации алкалоидовци, кои преку овој голем чин на хуманоста оставиле траен придонес во развојот на македонското крводарителство.
На настанот имаше и првократните крводарители од помладата генерација вработени, кои допрва ќе го промовираат ваквиот чин на солидарност во компаниските редови.
„За време на ова мое прво крводарување се чувствувам навистина исполнето. Се одлучив на овој хуман чекор водена од чувството дека ќе помогнам некому“, истакна Елена Казанџиевска, вработена во „Алкалоид“.
Крводарителството е доброволен чин и индивидуален одраз на хуманост и на солидарност. Крводарител може да биде секое лице на возраст од 18 до 65 години со добра општа здравствена состојба. Според критериумите за крводарување, мажите може да даруваат крв на секои 3, а жените на секои 4 месеци. Едно крводарување може да спаси 3 до 4 човечки животи.
Во насока на уште поголема афирмација на доброволното крводарителство и во знак на изразување почит и благодарност спрема големиот број крводарители од своите редови, компанијата креираше посебен визуелен идентитет – лого на Друштвото на крводарители.
Со негување на традицијата на компаниски крводарителски акции, „Алкалоид“ ги потврдува својата заложба и посветеноста за унапредување на корпоративната општествена одговорност.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Беќаровски навести дека си оди од Токсикологија: Дон Кихот конечно го напушта оклопот
Доктор Нико Беќаровски навести дека ќе си замине од Клиниката за Токсикологија.
Во статус на социјалните мрежи, Беќаровски порача дека е време на приватните клиники да се отвори Одделение за детоксикација и Клиничка токсикологија.
„35 години бев најголем борец за здрав јавен здравствен сектор. Дон Кохот конечно го напушта оклопот. Време е во некоја од приватните болници да се отвори Одделение за детоксикација и клиничка токсикологија. Бројот на консументи на психоактивни супстанции секојдневно расте“, пишува Беќаровски.
Ова се случува откако вчера на прес-конференција заедно со уште пет докторки од Стручниот колегиум на Клиниката за токсикологија јавно ја прозваа економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, дека не дозволува вработување на двајца дипломирани биолози и еден болничар. Наместо, тоа, таа инсистира да се вработат осумнаесетмина на кои им истекле договорите за дело, а меѓу нив има лица кои немаат соодветно образование.
Беќаровски кој е раководител на Одделението за интензивна нега на Клиниката рече дека едниот од нив, болничар, вршел притисок врз лаборант- барал урина во која имало наркотици, да биде сменета со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил.
За образованието на Иљази, лекарите не знаат ништо, ниту за познавањето на јазици – со оглед на тоа што македонскиот не го зборува, а Беќаровски се обидел да комуницира со неа на англиски јазик.
Министерот за здравство Илир Демири најави разрешување на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски, но не и економската директорка бидејќи немал сознанија за прекршок.
Македонија
Дожд и снег на повисоките места: ЦУК апелира на внимателност поради најавените метеоролошки промени
ЦУК апелира за внимателност заради најавените метеоролошки промени со дожд, со доумерен ветер и со снег на повисоките места.
Кога се оди со возило на планините е препорачливо да се има полн резервоар гориво и да се внимава на лизгавоста и проодноста на патот, велат од ЦУК.
„Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации“, се наведува во соопштението.
Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
„Во реонот на автопатот A2 Кичево-Охрид, што е во изградба, во период од 12 до 16 часот ако се слушнат силни детонации, граѓаните да не се вознемируваат, во повеќе наврати ќе се извршат минирања на теренот“, информираат од ЦУК.
Македонија
Странски новинари, преведувачи: вкупно 942 набљудувачи ќе ги следат претседателските избори
Вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи се акредитирани за следење на Претседателските избори на 24 април.
Како што е објавено на веб страницата на ДИК, заклучно до 19 април, акредитирани се 342 домашни и 568 странски набљудувачи и преведувачи, од кои најбројни се од ОБСЕ/ОДИХР.
Парламентраните избори во земјава ќе ги следат над 2000 домашни и странски набљудувачи.
Изборите за шеф на државата ќе ги следат и странски новинари.
Седмите претседателски избори во земјава ќе се одржат на 24 април, а евентуалниот втор круг заедно со парламентарните на 8 мај.