Македонија
МВР: Безбедносната состојба во Дебар и Центар Жупа е стабилна
Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде што е прогласена кризна состојба поради бројот на заболени од коронавирусот, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Полицијата во изминатото деноноќие нема регистрирано собирање граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди. Непречено се одвива процесот на извлекување на лицата, кои во изминатите 14 дена беа во самоизолација, а денеска од Дебар ќе биде извршен спровод на две лица.
На терен, без проблем, се одвиваат активностите кон лицата што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација.
Изминатото деноноќие, од вчера во 7 часот до 7 часот денеска, едно лице од Дебар не ја почитувало забраната за движење за време на спроведување на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на коронавирусот.
Извршени се 29 контроли на евидентираните лица со решение за изолација, а спроведени се 107 контроли врз лицата во самоизолација.
Во општините Дебар и Центар Жупа успешно се спроведуваат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотур на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица што вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти.
МВР потсетува дека влезот им е дозволен само на лицата жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.
„Упатуваме апел до граѓаните строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21 до 5 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите други препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот (Ковид-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници“, велат од МВР.
Граѓаните на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192 може да ги пријавуваат сите случаи на лица што ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние што ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани во согласност со член 205 и 206 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 12,78 отсто се искачи одѕивот до 11 часот, најголем во Демир Капија 23,99 отсто
До 11 часот на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до девет часот, се искачи на 12,78 отсто.
Најголем е одѕивот во Демир Капија, 23,99 отсто, каде што од вкупно 3.208 граѓани до 11 часот гласале 769.
На седмите претседателски избори во земјава право на глас имаат 1.814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
Даштевски: Во првите два и пол часа пријавени се само технички проблеми, кабел или батерија, ги решаваме во од
Ситни техники проблеми околу биометриските уреди се пријавени во првите два и пол часа од гласањето. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски извести дека гласањето се одвива мирно и без неправилности, а техничките проблеми вели дека тековно ги решаваат.
„Пријавени се само технички проблеми, батерија или кабел на биометриските уреди кои ги решаваме во од. Сите гласачки места се отворени и засега нема прекин никаде“, рече претседателот Даштевски.
Одѕивот во првите два и пол часа е 3,85 отсто, но пристигнале податоци од само 832 избирачки места. На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
3,85 отсто е одѕивот за гласање во првите два и пол часа, 12 приговори пристигнале во ДИК
Одѕивот на граѓаните во првите два и пол часа од гласањето за избор на претседател на државата на седмите претседателски избори е 3,85 отсто. Гласањето е почнато навреме, се одвива мирно и без пријавени неправилности. Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски утрово рече дека одѕивот е мал, но мал е и бројот на избирачки места од кои се пристигнати податоци.
„До девет часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 832 избирачки места. Од вкупно запишани 42.748 гласачи на овие избирачки места, гласале 15.487 или 3,8 отсто од гласачите. До овој момент во ДИК се доставени вкупно 12 приговори за заштита на личното избирачко право кои се предмет на обработка“, рече Даштевски.
На бесплатниот телефонски број 0800 555 44 граѓаните можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Активна е и видеокол линијата 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат преку видео повик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик. На сите граѓани на располагање им се интернет страницата на ДИК www.sec.mk како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“ и каналот на јутјуб.
На страната rezultati.sec.mk може да се следи во живо излезноста на гласачите, вкупна и по општини.
На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места. Податоци од повеќе избирачки места претседателот Даштевски најави за следната прес – конференција.