Македонија
МГ Фешн: Легална е дозволата за градба спроти „Холидеј ин“
„Во врска со наводите изнесени во соопштението за јавност од граѓанската иницијатива ‘Шанса за Центар’ дека дозволата за градба на парцелата 1.1 спроти ‘Холидеј ин’ е нелегална, сакаме да ја известиме јавноста дека градежната дозвола е целосно усогласена со сите правни нормативи во земјата, а воедно истата е и правосилна, како што е легален и ДУП-от врз основа на кој е издадена.
Ја замолуваме иницијативата „Шанса за Центар“ да не изнесува невистини во јавноста, за целосно легитимна правна постапка. Станува збор за постапка која е започната пред многу години и во истата нема никакви правни недоследности.
Потсетуваме дека МГ Фешн правото на сопственост го има стекнато со откуп на приватен имот и дооформување на парцела, односно откуп на државно земјиште од Министерството за транспорт и врски во 2018 година, а за откупот позитивно мислење има издадено и Државното правобранителство.
Согласно членот во Законот за урбанистичко планирање на кој се темелеше иницијативата за суспензија на проектот, треба да се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена при спроведување на планот и која би се зголемувала со неговото спроведување. Ваква штета не е докажана, а воедно на овој начин одредбите од законот се злоупотребуваат за цели кои се во спротивност со јавниот интерес и правата на граѓаните.
Гранд Скопје ќе биде урбан и зелен комплекс со модерни објекти и во интерес на сите граѓани, воедно потсетуваме и дека истиот ќе биде со 40% искористеност од максимално дозволените урбанистички параметри во актуелниот ДУП.
МГ Фешн, како општествено одговорна компанија, во рамки на овој комплекс предвидува и јавен простор со површина од 7.500м2 како донација кон градот и сите граѓани, а за чие идејно решение ќе биде распишан јавен конкурс во соработка со Општина Центар“.
МГ Фешн (ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) „Нема откажување од иднината“ – СДСМ и Коалицијата за европска иднина го означија стартот на кампањата за парламентарните избори
Со настан во Музејот на современа уметност, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Kоалицијата за европска иднина, го означија почетокот на кампањата „Нема откажување од иднината“, за претстојните парламентарни избори.
Со видео обраќање, членот на германската сестринска партија ПЕС, Олаф Шолц, упати јасна порака дека за силна ЕУ е потребен процесот на проширување со Северна Македонија и државите од Западен Балкан.
На настанот, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски се осврна на сработеното во изминатиот мандат на Владата предводена од СДСМ и коалицијата за европска иднина, но и ги потенцира мерките предвидени во програмата на Kоалицијата за европска иднина, опишувајќи ја програмата како реална, остварлива и заклучувајќи дека нема откажување додека секој ред од неа не стане реалност за, како што вели, нашата европска Македонија.
„Во оваа кампања ќе зборуваме повеќе за иднината. Ветуваме просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра. Со влезот во ЕУ проектираме дека ќе достигант до 1.300 евра просечно, односно по 800 евра минимална плата. Обезбедивме по 200 евра прво вработување за млади до 26 години. Првпат во историјата ќе има едноцифрена бројка на невработеност од 7 проценти до крајот на мандатот. За пензионерите ќе обезбедиме просечна пензија од 30.000 денари, минимална од 20.000 денари, зголемени со влезот во ЕУ“, рече Ковачевски.
Toj најави и решителна и поефикасна борба против криминалот и корупцијата.
„Нема да има веќе предмети по фиоки, ќе го спроведеме ветингот на судиите и јавните обвинители, кому му се допаѓало или не. Ќе започне прво од кандидатите на листата на изборната единица 1, ќе продолжи со политичарите, а ќе се зпресели и кај судиите и обвинителите, и сите оние кои изминатите 32 години собраа богатство кое го употребуваат и злоупотребуваат за влијание во системот“, рече Ковачевски.
Најави целосна реформа на судскиот совет и советот на јавни обвинители, драстично зголемување на платите на медицинскиот персонал. Специјалистите, како што ветува СДСМ, ќе добиваат плати до 80.000 денари, општите доктори 120.000 денари, а медицински сестри до 90.000 денари, како и укинување на партиципацијата од 20 отсто за сите граѓани.
Целата програмата на СДСМ за парламентарните избори е на линкот.
Македонија
Али Ахмети од Европскиот фронт: Се срушија последните бариери, државата нека оди напред
На денешната симулирана конститутивна седница на Собранието на Република Северна Македонија, произлезена од парламентарните избори на 8-ми мај, говор одржа претседателот на ДУИ, г-дин Али Ахмети.
„Демократската унија за интеграција направи суштинска анализа и со своите раководни тела и со претставниците на Европскиот фронт. Нашата земја треба да се стреми кон мир со сите земји од регионот , да се стреми кон промена на Уставот и инкорпорирањето на малите заедници кои живеат во оваа земја како уставна категорија што би имало значајно влијание. Колку е државата полојална, колку граѓаните се полојални, колку државата е повнимателна, толку граѓаните се подоверливи“, вели Ахмети.
Според него државата треба несамоволно да одлучува за малите заедници кои немаат можност да бидат рамноправни.
„Како постулат го имавме предвид, затоа едногласно ја поддржуваме измената на Уставот, поддржуваме по пет години актуелниот претседател да покрене иницијатива шефот на државата да биде избран во Собранието, бидејќи тоа е директен одраз на застапеноста на граѓаните во највисокото законодавно тело. Ние сме парламентарна република и мора да се оствари парламентарната демократија, идниот претседател да биде избран со мнозинство парламентарци, со принципот на Бадентер, затоа, господине претседателе, даваме целосна поддршка промените во оваа држава да се придвижат напред“, посочи Ахмети.
Македонија
Мицкоски: Направивме увид во градежните активности во 3 клучни проекти, спортска сала, училиште и авантуристички парк, по формирање влада на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се реализираат уште поголем број проекти
Градежните активности и реализацијата на проектите во општина Охрид продолжуваат со несмалена динамика, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Градоначалникот Пецаков заедно со тимот, администрацијата, советниците кои ја поддржуваат работата на градоначалникот Пецаков по оној историски момент кога ја одблокира општина од децениски долгови и неколку јавни претпријатија продолжува со несмалена динамика да ги реализира ветувањата кон граѓаните, ги подобрува условите во општина Охрид и ја збогатува туристичката понуда нешто што му е важно на Охрид. Она кое е денес предмет на нашата посета е увид во градежните активности во 3 клучни проекти спортска сака, училиште и авантуристички парк.Јас само можам да посакам на овој прв ден од кампањата за парламентарните избори да посакам уште многу вакви проекти“, порача Мицкоски и додаде:
„Знам дека амбицијата на градоначалникот Пецаков е огромна, знам дека неговата желба да направи проект повеќе за охриѓани е огромна и таа желба ќе биде уште поинтензивна откако ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира следната влада и ќе се реализираат уште поголем број проекти, дури и проекти кои се за доброто на охриѓани, а истовремено можеби не биле дел од ветувањата во кампањата за локалните избори во 2021. Уште еднаш му честитам на Кире, честитам на администрацијата на советниците кои ја поддржуваат работата на досегашните пратеници во македонскиот парламент, но и идните пратеници во македонскиот парламент кои несебично до сега, а и во иднина ќе ја поддржуваат развојот на Охрид и ќе соработуваме со градоначалникот Пецаков и администрацијата овде“.