Македонија
Медиумите, погребалните претпријатија и пекарниците добиваат дозволи за работа за време на полициски час
Органите на државната власт, кризните штабови, медиумите, погребалните претпријатија и пекарниците до 5 вработени ќе добијат дневни дозволи за работа по 21 часот, односно 16 часот за време на викендите.
Во согласност со последните насоки на Владата, Министерството за информатичко општество и администрација е задолжено да издава дозволи за движење за време на траење на забраната за движење.
Дозволите се издаваат за:
1. Органите на државната власт треба да достават неделни распореди за вработените за кои се потребни дозволите за движење, како и табела со следните податоци за вработените: име и презиме, ЕМБГ, мобилен телефон, имејл и причини поради кои е потребна дозволата.
2. Општинските кризни штабови доставуваат податоци преку Заедницата на единиците на локалните самоуправи (ЗЕЛС) до Министерството за информатичко општество и администрација. Податоците потребно е да ги достават секој ден-недела најдоцна до 12 часот за наредната работна седмица на [email protected]
3. За вработени во здравствените организации треба да се достават податоци за сите вработени лица: име и презиме, ЕМБГ, мобилен телефон и имејл.
4. За медиумските работници и другите вработени во медиумите, кои се дел од мобилните екипи на медиумот (фотографи, камермани и други технички персонал) се потребни следните информации:
– име и презиме, ЕМБГ, мобилен телефон, имејл и причини поради кои е потребна дозволата.
Дозволите ќе им се издаваат на сите медиуми што се регистрирани во регистарот на ААВМУ (Регистар на печатени медиуми/Регистар на телевизии/Регистар на радија), како и сите онлајн-медиуми од Регистарот на Советот за етика во медиумите на Македонија и Здружението на новинарите на Македонија (Регистар на професионални онлајн-медиуми).
5. За пекарниците/бурекчилниците до 5 вработени потребни се следните информации:
– тековна состојба за правното лице не постара од 6 месеци,
– фотографија од објектот во кој се врши дејноста,
– име и презиме, ЕМБГ, мобилен телефон, имејл и причини поради кои е потребна дозволата.
6. За погребалните правни лица се потребни следните информации:
– име и презиме, матичен број, мобилен телефон, имејл и причини поради кои е потребна дозволата.
Табелата што сите гореспоменати категории вработени треба да ја пополнат е во прилог на ова известување и е потребно да се достави до Министерството за информатичко општество и администрација на имејл-адресата: [email protected]. Оваа информација е потребна за секоја работна седмица одделно.
Министерството за информатичко општество и администрација не издава дозволи за вработени во приватни фирми и не прима барања во хартиена форма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пендаровски: Ја вративме слободата, изградивме еднакво општество, имаме силна поддршка од најмоќните демократски држави
Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски вчерашниот ден од изборната кампања го заокружи со граѓански митинг во Гостивар.
Пред присутните Пендаровски потсети на резултатите постигнати во изминатите пет години како враќањето на слободата и демократијата, градењето модерно општество на еднакви граѓани и напредокот во евроинтегративниот процес.
Пендаровски посочи дека по членството во НАТО, се случи напредок и во процесот на интеграција кон ЕУ, кој сега е блокиран поради блокадите на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот однос кон меѓународните договори што ја гарантираат евроатлантската интеграција на државата.
„Што нуди ВМРО-ДПМНЕ во однос на договорите што нѐ вратија во нормалниот цивилизиран свет? Нудат поништување. Кога ќе ги прашате што после тоа поништување, велат повторно ќе почнеме да преговараме. Имаат ли гаранции дека некој од надвор од големите сили ве поддржува за тоа повторно да го преговарате и да го доведете до исход кој е добар за народот и државата? Немаат. Немаат еден докажан пријател, партнер од големите сили, како што имавме ние. Сите овие договори што ги споменувам и со Грција и со Бугарија и со Европа се направени со огромна поддршка и помош од Америка, од Германија, Франција, од големите меѓународни сили. Тие немаат ниту еден и затоа кога доаѓаат пред вас ви кажуваат дајте ни власт па од 9 мај ќе ви кажеме кои се нашите планови. Тоа е крајно несериозно“ порача Пендаровски.
Затоа, додаде тој, уште на 24 април потребна е масовна мобилизација и заокружување на бројот еден со што напредокот на државата ќе продолжи.
Пендаровски во своето обраќање пред граѓаните порача и дека е крајно време за да се испита потеклото на имот на сите судии и обвинители, но и на политичарите, почнувајќи од него, а оние за кои ќе се утврди дека за време на нивниот мандат несразмерно го зголемиле својот имот прво да ги вратат парите а потоа и да се соочат со затворски казни.
Македонија
СДСМ: Мицкоски и ДПМНЕ немаат план ниту визија, со нив нема членство во ЕУ
„Мицкоски и ДПМНЕ немаат план, ниту визија за иднината, кристално е јасно дека со нив нема членство во ЕУ.
Мицкоски и ДПМНЕ како иднина, на граѓаните им нудат враќање во минатото, во изолација, режим, неизвесност.
Граѓаните сакаат напред, сакаат членство во ЕУ, повисок животен стандард, поголеми плати и пензии, сакаат да живеат во европска Македонија.
Затоа, на изборите ќе го дадат својот глас за европска иднина со СДСМ и Димитар Ковачевски“.
Соопштение на СДСМ
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Овие избори се последна шанса за Македонија
„СДС ја фрли Македонија во хаос. Институциите се парализирани, апатија и разочараност ги тиштат граѓаните.
Корупцијата е распространета во секоја пора на општеството. Во Македонија со СДС услугите кои треба да ги пружи државата на граѓанинот станаа мисловна именка. Лотариска среќа е ако може некој да извади пасош и лични документи, пациентите не се сигурни каква терапија добиваат, се заработува бескрупулозно на грбот на најранливите, непотизам насекаде, правда никаде, не само младите туку и сѐ повозрасни размислуваат да ја напуштат земјата не гледајќи веќе ниту систем, ниту ред, СДСМ е сведена на измеќар и соучесник во сите скандали, се срамиме од нивните недостоинствени настапи низ светот, иднината и подобриот живот се далечен.
На врвот на листите на корупција, мизерија и немаштија сме. За 7 години колку што се на власт СДС и ДУИ ја презадолжија државата, го урнисаа системот и криминалот го направија столб на своето функционирање.
Ова не е Македонија што народот ја сака и ја заслужува. Овие избори се последна шанса за спас. Шанса во која може да се верува, избор во кој мора сите граѓани да учевствуваат. Македонија е едноставно одземена. Но, промените се можни и се на дофат.
Промените се во твои раце! Македонија повторно ќе биде твоја!“.
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ