Македонија
Мехмедовиќ: Маската за учениците останува задолжителна, а за тестирање ќе биде потребна согласност од родител
По нова методологија ќе се прави скринингот на Ковид-19 во училиштата, соопшти денес Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.
Дел од тестовите што се на располагање ќе се користи за скрининг, а преостанатиот дел за тестирање откога во одделението ќе се регистрира позитивен случај со цел оние што ќе добијат негативен резултат да останат на настава со физичко присуство.
„За учениците, дел од достапните тестови ќе се користи за процена на преносливоста на вирусот во школски услови, а дел за таканареченото ’тест ту стеј’, тестирање за да се остане во училиште, односно изложените ученици во одделенијата во кои имало позитивен случај да може да се тестираат со цел да останат со физичко присуство доколку тестот е негативен. Методологијата за изведување на овој скрининг ќе биде поинаква. Ќе има малку поинаква динамика и ќе бидат потребни малку помал број тестови што ќе покажат каква е актуелната состојба меѓу популацијата на возраст од шест до осумнаесет години, школската возраст што нѐ интересира. Набргу оваа методологија ќе биде утврдена и многу набргу, за краток временски период, ќе ги имаме резултатите. Согласноста од родител за тестирањето треба да биде обезбедена“, рече портпаролот Мехмедовиќ.
Минатата недела претседателот на Комисијата, Александар Петличковски, извести дека за скринингот имаат на располагање 10-20.000 брзи тестови, чија прецизност за откривање на сојот омикрон е околу 50 отсто, но смета дека ќе бидат доволен показател за состојбата во училиштата.
До Комисијата не стигнало барање да се преиспита препораката за носење маски во училиштата откако некои од родителите бараат маската да не биде задолжителна.
Портпаролот Мехмедовиќ нагласи дека Комисијата строго го следи ставот на Светската здравствена организација и на Европскиот центар за контрола на болестите, кои препорачуваат маски во затворени простории за деца од 6 до 18 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.