Македонија
МЗШВ: Се воведува забрана за извоз на семе од сончоглед
На денешната седница Владата на Република Северна Македонија ја усвои одлуката за воведувањето забрана за извоз на семе од сончоглед.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Минстерството за економија доставија одлука за дополнување на одлуката за ограничување на извозот на одделни стоки, со која предложија до Владата на Република Северна Македонија ограничување на извозот на нова тарифна ознака 1206 00 – семе од сончоглед, вклучувајќи кршени или дробени. Рокот на примена на овој тарифен број ќе продолжи да важи до 31 декември 2022 година, како што е уредено во одлуката за ограничување на извозот на одделни стоки („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 166/22), со број 41-5943/1 од 20 јули 2022.
Причината за дополнување на одлуката за ограничување на извозот на одделни стоки со тарифната ознака 1206 00 – семе од сончоглед, вклучувајќи кршени или дробени, е да се овозможи, по завршување на жетвата, која треба да почне во втората половина на август, најпрвин да се снабди домашниот пазар, односно домашните капацитети на производство на масло од сончоглед за јадење.
Во изминатиот период во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беа одржани состаноци со производители и откупувачи на сончоглед, при што беше заклучено дека во државата има доволни количини и финансиски средства за откуп на сончогледот од регистрираните откупни претпријатија. Во 2022 година очекуваме производство на 11.800 тони сончоглед и имаме доволни количини за покривање 2 месеца од домашните потреби.
Со цел поддршка на производството на сончоглед, МЗШВ креира неколку мерки.
Првпат оваа година преку интервентната програма се обезбеди финансиска поддршка за вештачко ѓубриво за сончоглед, и тоа 40 % од цената или 2.500 денари од хектар како дополнителна мерка на основната финансиска поддршка од 11.000 денари за хектар, без користење сертифициран семенски материјал, и по 15.000 денари од хектар, со користење сертифициран семенски материјал.
Исто така, воведена е дополнителна мерка за произведен и предаден сончоглед со минимум 1.500 кг/ха во регистрирано откупно претпријатие во износ од 5.760 денари/ха.
Целта на овие мерки е домашното производство да им се предаде на домашните откупни претпријатија и тоа ќе се реализира со оглед дека кај производството на сончоглед од оваа година почна договорно производство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Даштевски: Во првите два и пол часа пријавени се само технички проблеми, кабел или батерија, ги решаваме во од
Ситни техники проблеми околу биометриските уреди се пријавени во првите два и пол часа од гласањето. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски извести дека гласањето се одвива мирно и без неправилности, а техничките проблеми вели дека тековно ги решаваат.
„Пријавени се само технички проблеми, батерија или кабел на биометриските уреди кои ги решаваме во од. Сите гласачки места се отворени и засега нема прекин никаде“, рече претседателот Даштевски.
Одѕивот во првите два и пол часа е 3,85 отсто, но пристигнале податоци од само 832 избирачки места. На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
3,85 отсто е одѕивот за гласање во првите два и пол часа, 12 приговори пристигнале во ДИК
Одѕивот на граѓаните во првите два и пол часа од гласањето за избор на претседател на државата на седмите претседателски избори е 3,85 отсто. Гласањето е почнато навреме, се одвива мирно и без пријавени неправилности. Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски утрово рече дека одѕивот е мал, но мал е и бројот на избирачки места од кои се пристигнати податоци.
„До девет часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 832 избирачки места. Од вкупно запишани 42.748 гласачи на овие избирачки места, гласале 15.487 или 3,8 отсто од гласачите. До овој момент во ДИК се доставени вкупно 12 приговори за заштита на личното избирачко право кои се предмет на обработка“, рече Даштевски.
На бесплатниот телефонски број 0800 555 44 граѓаните можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Активна е и видеокол линијата 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат преку видео повик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик. На сите граѓани на располагање им се интернет страницата на ДИК www.sec.mk како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“ и каналот на јутјуб.
На страната rezultati.sec.mk може да се следи во живо излезноста на гласачите, вкупна и по општини.
На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места. Податоци од повеќе избирачки места претседателот Даштевски најави за следната прес – конференција.
Македонија
Тошковски: Мислам дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека досега нема никакви нарушувања на гласањето а МВР веќе ги има распоредено сите полициски службеници ширум државата кои треба да се грижат за спроведување на фер и демократски процес.
„Немаме забележано никакви посериозни нарушувања на изборниот процес. Денот е убав, се надевам дека граѓаните ќе можат да го остварат своето гласачко право, на едни демократски избори. Покриени се сите сектори за внатрешни работи со технички услови. Се постапува според утврдените насоки од изборниот штаб“, додаде Тошковски.
Тошковски смета дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Во Северна Македонија се одржуваат седмите претседателски избори.