Македонија
(Видео) Милевски: Ме нападнаа поради изгласувањето на законот за јазиците
Лидерот на ЛДП, Горан Милевски, вели за „А1он“ и „Макфакс“ дека вчерашниот инцидент е срамен чин и неуспешен обид да се попречи патот на Македонија кон ЕУ и НАТО. Тој тврди дека иако дојде до елиминација на некој функционер или пратеник, Македонија ќе остане на зацртаниот пат и дека политиката која тие како владејачко мнозинство ја водат нема да биде спречена.
-И да нè елиминираат ова е политика што ќе ја спроведе некој друг. Нашата интенција е Македонија да влезе во НАТО и ЕУ и вакви испади нема да нè поколебаат тоа да го реализираме. Стратешките цели на Македонија се многу поважни од индивидуалните дејанија на лицата, вели Милевски.
Тој смета дека овој чин не е напад врз него како личност, туку е напад на пратеник зад кој стојат 10 илјади граѓани во чие име спроведува политики во Собранието на РМ.
-Ние треба да дискутираме и да се расправаме со аргументи, а не со тупаници и физички пресметки. Доколку пратениците не се сигурни тоа значи дека и граѓаните не се сигурни, вели Милевски кој за „А1он“ и „Макфакс“ лично го раскажа немилиот настан.
-Вчера кога се движев по плоштадот „Македонија“ околу 16 и 30 часот бев нападнат од непознато лице кое од нигде никаде дојде до мене и ме удри. Не очекував такво нешто, бев прибран успеав да го оттргнам напаѓачот по што избега, раскажува Милевски.
Според него, големи се шансите овој напад да е тесно поврзан со изгласаниот закон за употреба на јазиците. Пратеникот уште еднаш порача дека ваквите напади нема да ги поколебаат пратениците да ја остварат зацртаната цел.
-Целата клима што се создаде во јавноста околу нас, пратениците, доведе до ваквото непресметливо однесување. Доколку нападот е навистина поради законот, му порачувам на напаѓачот дека ниту мене, ниту другите колеги вакви настапи и чинови на насилство нема да нè поколебаат кон нашата крајна цел, а тоа е членството во НАТО и ЕУ, вели Милевски.
Лидерот на ЛДП смета дека овој акт е производ од манипулациите на граѓаните кои не можат прецизно да ги проценат политичките случувања во Република Македонија. Тој вели дека засега нема да бара засилено обезбедување, но доколку овие случаи станат пракса, тогаш сериозно ќе размисли за поголема заштита.
Блиски извори од Јавното обвинителство брифираат за „А1он“ и „Макфакс“ дека сторителот ќе биде гонет за кривично дело „напад на службено лице“ во согласност со Кривичниот законик.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коалицијата ВЛЕН најавува спектакуларен митинг во понеделник на плоштадот Скендербег – не добиле дозвола на митинг на Плоштад Македонија
Шефовите на изборната кампања на Коалицијата ВЛЕН денеска ја информираа јавноста за централниот митинг што ВЛЕН (ВРЕДИ) планира да го одржи во понеделник на 22 април, 2024 година.
– За да бидеме максимално транспарентни пред граѓаните, сакаме да ве информираме дека, како што налага процедурата, поднесовме барање до Град Скопје за да го организираме централниот митинг на плоштадот Македонија, за сите да видат што значи извонреден митинг, со слободна волја и без притисок, додека корумпираната власт во бегство да види што значи народна поддршка, што тие одамна ја немаат, беше кажано на денешната прес конференција.
Од ВЛЕН (ВРЕДИ) информираа дека од Град Скопје се уште немаат никаков одговор на барањето да се одржи митинг на Плоштад Македонија, што тие го толкуваат како негативен одговор. Според шефовите на изборната кампања на претседателскиот кандидат Арбен Таравари, негативна одлука донеле градоначалничката Данела Арсовска, Блерим Беџети и Левица кои се во коалиција. Причината за тоа, според нив е обид да ја спречат коалицијата ВЛЕН да го организира централниот митинг поради, како што рекоа, големата поддршка што ја има ВЛЕН (ВРЕДИ) од граѓаните.
– Секој одговор што ќе дојде во понеделник ќе биде закаснет и тенденциозен поради краткото време за организирање. Но, ние не остануваме со скрстени раце, заедно со нашите структури и народ, решивме да ја завршиме оваа исклучително позитивна кампања за претседател нигд едруго освен овде, на нашиот плоштад, на плоштадот што гоноси името на нашиот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербеу, да ја најавиме победата на Коалицијата ВЛЕН, со голем собир!, рекоа од ВЛЕН нагласувајќи дека централниот митинг ќе се одржи во Скопје, на плоштадот Скендербег, на 22 април, понеделник, во 20:30 часот.
Македонија
Стојаноска: „Платформа 1198“ предвидува рамен данок со што, Македонија ќе стане една од земјите во регионот со најниски даноци
Додека министрите на ДУИ мака мачеа да постигнат гол или кош повеќе во просториите на министерствата и додека мака мачеа да договорат тендер плус, и на сето ова, секако, министрите на СДСМ не смеат да гугнат, тетовските стопанственици, пак, мака мачат да опстанат, рече Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6.
– Поради овие аздисани политичари, во програмата на ВМРО-ДПМНЕ „Платформа 1198“ се ветува рамен данок кој што ќе остане и во иднина, се ветува Македонија да стане една од земјите во регионот со најниски даноци. И, се ветува на стопанствениците поголема поддршка и помош. Токму поради овие причини, стопанствениците во Македонија ќе гласаат за бројот два (2), затоа што сакаат Македонија да се врати во нивни раце и Македонија повторно да ја направиме горда, додаде таа.
Македонија
Гордана Силјановска Давкова учествуваше на одбележувањето на 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76 годишнината од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија
Во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, на 20 април 2024 година, сабота, со почеток во 11.00 часот, пред Споменикот на децата бегалци во Жена-Парк карши Собранието, се одбележи 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76 годишнината од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија, на денот на упокоението на Свети Методиј Солунски на 19/6 април 885 година.Присутните ги поздравија претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН Александар Јаневски, Гордана Димитриеска Кочоска потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова, кандидат за претседател на Република Македонија на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “Македонија твоја“.
– Искрена почит кон трагедијата која им се случи на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, кои воопшто не беа виновни за војната и последиците од неа. Тука сум, не како политичарка и кандидатка за Претседател на Македонија, туку како професорка, интелектуалка, докажан борец за човековите права, на сите, но и како мајка и родител, кој може да ја разбере трагедијата на одвојувањето на најмилото чедо од себе. За нас децата претставуваат се – нашиот свет, нашата радост, нашата гордост. Трагедијата на децата бегалци е пострашна затоа што со неа засекогаш нивните семејства беа поделени.
Денес живееме во свет каде сме сведоци на големи миграции предизвикани од политичка, економска, социјална нестабилност. Но, сведоци сме и на страшните бегалски судбини, во кои има многу недолжни деца, предизвикани од суровите војни кои често се водат во интерес на другите. Децата се најчестите жртви на војните, кои, и покрај сите конвенции за нивна заштита, едноставно не носат резултат, освен еден – трагедијата, рече Силјановска-Давкова.
Судбината на македонските деца бегалци од Граѓанската војна во Кралството Грција, за жал и денес е тема која е ставена под тепих, не само од политиката, туку и од науката, која многу се бави со бегалските прашања, но трагедијата на децата бегалци некако е запоставена. Затоа ние сме тука за да се потсетиме на нивната судбина и трагедија за која воопшто не беа виновни
Нивната трагична судбина беше зацртана, а за жал се покажа и зацементирана со спогодбата помеѓу Привремената демократска влада на Грција и источноевропските земји (март–април 1948), после која биле евакуирани над 30.000 македонски деца, во Југославија, тука сакам да подвлечам не само на територијата на НР Македонија, потоа во Романија, Чехословачка, Полска, Унгарија и Источна Германија. Но, за жал овој егзодус не застана тука. Еден дел од децата, подоцна освен што дојдоа во Македонија, заминаа и на другите континенти, каде го продолжија својот животен пат, а некои од нив станаа признати членови на општествата во нивниот нов дом или татковина, како на пример светски познатиот историчар Ендрју Росос, кој со својот научен опус го афирмира македонското минато, рече Силјановска-Давкова.
Токму затоа не смееме и не треба да ја заборавиме судбината на овие невини деца, кои патем не беа само Македонци, меѓу нив имаше и Грци. Бришењето на меморијата едноставно е невозможно. Можете, иако во нашата современост тоа е страшно и недозволиво, се да забраните, да не се пишува за нив, јавно да не се говори, но меморијата останува, во душите, во срцата на оние на кои им е направена а со тоа и кај нивните наследници. Таа не може да биде избришана. Затоа, длабоко свесна за неправдата која им е направена, а таа прерасна во трагедија, повикувам да не ги заборавиме децата бегалци, нивната трагедија, нивните семејства, без разлика дали се во Македонија, во Европа, на американскиот континент или пак во Австралија. Кон нив имаме и должност и почит, не само затоа што се Македонци, туку затоа што беа мали и недолжни деца, жртви на војната и политиката. Почитувајќи ја нивната судбина и трагедија, ја почитуваме истата судбина и трагедија на недолжните деца ширум светот, жртви на војните, кои најчесто не се нивни, рече Силјановска-Давкова.
На крајот, како идна претседателка на Македонија, подавам рака на пријателство и соработка и искажувам надеж дека еден ден заедно со грчките политичари ќе се најдеме на ова место да оддадеме почит на децата, кои беа невини жртви на Граѓанската војна и ја напуштија родната земја, а нивните роднини, многумина од нив родители, браќа и сестри останаа дома и денес живеат во Грција заедно со поколенијата (наследниците). Почитувањето и знаењето на минатото, без разлика какво е и позитивни и негативно, остава голем простор за пријателска иднина кон која се стремиме за доброто на сите на Балканот и во Европа, рече Силјановска-Давкова.