Македонија
Милевски: Почнува спроведувањето на големи проекти во осум општини во државата
На првата седница на Управниот комитет на проектот „ЕУ за општините” со кој претедава министерот за локална самоуправа, Горан Милевски беше потврдено дека во наредните три години во општините Велес, Радовиш, Тетово, Аеродром, Врапчиште, Охрид, Струмица и градот Скопје ќе се реализираат големи иновативни проекти во вкупна вредност од 5,5 милиони евра.
Средствата за реализација на проектите ги обезбедува Европската Унија, а кофинансирањето од 15 проценти го покрива Министерството за локална самоуправа со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка.
Министерот за локална самоуправа ја истакна и големата корисност од техничката поддршка што ја обезбедува Европската Унија како гаранција за успешно имплементирање на проектите.
Претставникот од Делегацијата на ЕУ, Штефен Худолин, забележа дека општините покажале голем интерес, со 58 апликации на јавниот повик.
„Ова е голем успех за нас, затоа што во пракса две третини од средствата на ЕУ за поддршка на државите се имплементираат на локално ниво. Колку подобро ќе се организираме, толку подобро ќе се одвива процесот на апсорбсија на средствата, а во пракса земјите што се поподготвени за реализација на ЕУ средствата, побрзо се движат во процесот на интеграција во Европската Унија“, рече Худелин кој истакна дека ЕУ е најголемиот донатор во земјата и 40 проценти од ИПА буџетот се имплементира во општините.
Од одобрените осум проекти, два нудат иновативни решенија за управување со цврст отпад, два проекти се за подобрување на урбаната мобилност, и по еден проект за социјална инклузија на лица со попреченост, за дигитализација на локалните услуги, за енергетска ефикасност и за иновации за развој на туризмот.
Додадена вредност на проектите е што се имплементираат во соработка со граѓанскиот сектор и со општини од земји членки на ЕУ, со можност проектите да се реплицираат и во други општини во државата. За размена на искуства и за поддршка на имплементацијата ќе биде креирана електронска платформа која што ќе им биде достапна на сите општини и на надлежните институции.
Координаторот на програмата „EУ за општините”, Карл Џацинти, информираше дека постојат можности за финансирање и на нови проекти за подобрување на транспарентноста во спроведувањето на јавните набавки, за изработка на локални планови за обновливи извори на енергија, а Европската Унија има и многу други програми кои што им стојат на располагање на општините.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Дел од неколку скопски населби без струја
Поради планирани прекини во електродистрибутивната мрежа без електрична енергија ќе останат следните корисници:
· Во период од 09,00ч до 16,00ч дел од корисниците во с. Волково и с. Кучково ( о. Ѓ. Петров);
· Од 09,00ч до 14,00ч корисниците од ул. Банско, ул. Баница, ул. Наум Охридски и ул. Жванска (о. К. Вода);
· Од 07,00ч до 15,00ч новите згради спроти Мерцедес ул. 852 (о. Г. Баба) и
· Во период од 09,00ч до 15,00ч дел од ул. Милан Мијалковиќ, ул.Пржино, ул.Кавалска (о. К. Вода).
Македонија
Променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд
Променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, особено во северозападните делови каде ќе има услови за ретки грмежи. На планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а во западните делови засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 9, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје променливо облачно и посвежо со услови за повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 15 степени.
До почетокот на следната седмица времето ќе биде променливо облачно и посвежо, наместа со повремени врнежи од дожд. Во петок пообилни врнежи се очекуваат во јужните делови, а во недела на повеќе места. Поради спуштање на постудена воздушна маса на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на повисоките планини ќе се формира нова снежна покривка.
Македонија
Османи: Европскиот фронт е голема идеја чие време е дојдено
Кандидатот на Европскиот фронт, Бујар Османи, вечерва на митинг пред граѓаните на Кичeво изрази благодарност до лидерите на Европскиот фронт и коалицијата која, како што вели Османи, е продолжение на битките во континуитет една по една, за разбивање на замоците на етничките монополи.
„Европскиот фронт не е политичка партија. Европскиот фронт не е ни коалиција на политички партии, Европскиот фронт е голема идеја. Тоа е одлична идеја чие време дојде, лавина што ги собра соништата на секој граѓанин на оваа земја, за еднаквост, за правда и просперитетен живот во ЕУ. И ова го гледам како ентузијазам, како насмевка во секое населено место каде што одам, бидејќи Европскиот фронт е трета унија, но сега со малку поинаква димензија“, истакна Османи.
Кандидатот на Европскиот фронт, Османи понатаму истакна дека останува уште едена последна тврдина на етничкиот монопол.
„Тврдината која нè загрижува сите и секогаш ни го дава тој сигнал дека се уште не е сè како што треба, сè уште нема еднакви можности за сите, таа е тврдината на првиот претседател. Значи, браќа и сестри, се натпреварувам, на 24 април да ја разберете тежината на оваа мисија, дека вашиот глас не е само за мојата кандидатура, вашиот глас, вашата поддршка е за да ја разбиете последната тврдина на етничкиот монопол и за заокружување на еднаквоста на сите заедници во нашата заедничка држава“, заклучи Османи.