Македонија
Милевски: Со стратегијата за регионален развој до поквалитетен живот
Собранието на Република Северна Македонија ја изгласа Стратегијата за регионален развој 2021-2031, долгорочен плански документ со кој се утврдуваат принципите, целите и приоритетите на регионалниот развој во државава и се дефинираат мерките, инструментите и финансиските и други средства за нивна реализација, истакна министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Стратегијата за регионален развој 2021-2031 е усогласена со основните стратешки цели на Регионалната политика на ЕУ, како клучна инвестициска политика за одржлив и инклузивен економски раст и има за цел намалување на економските, социјални итериторијални диспаритети помеѓу регионите на ЕУ низ поддршка за создавање работни места, конкурентност, подобрен квалитет на животот и одржлив развој.
„Овој долгорочен плански документ е важен за сите нас поточно за рамномерен и одржлив развој на целата територија на Република Северна Македонија, заснован врз моделот на полицентричен развој, подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани, зголемување на конкурентноста на планските региони преку јакнење на нивниот иновациски капацитет, ревитализација на селата и развој на подрачјата со специфични развојни потреби и поддршка на меѓуопштинската и прекуграничната соработка на единиците на локалната самоуправа во функција на поттикнување рамномерен регионален развој, рече Милевски.
Тој појасни дека Законот предвидува програмирање, партнерство, кофинансирање, транспарентност и одржливост начела преку кои концизно и јасно ќе се утврдат креирањето на локалните политики како на граѓаните, бизнис секторот и на државните и приватните институции. Само преку конкретни стратегии ние може да создаваме европски вредности во државава и затоа како Министерство за локална самоуправа со оваа Стратегија даваме придонес кон процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
При подготовка на Стратегијата за регионален развој 2020-2030 особено внимание било посветено на обезбедување кохерентност на целите, приоритетите и мерките со начелата и приоритетите на „Европскиот Зелен Договор“ и на Зелената Агенда за Западен Балкан, чија стратешка цел е да ја направи економијата на ЕУ и на Западен Балкан одржлива преку трансформација на климатските и еколошки предизвици во можности, и праведна транзиција со вклученост на сите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Владата на ВМРО-ДПМНЕ со обновливи извори на енергија ќе обезбеди поголемо и поквалитетно снабдување со електрична енергија
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Гевгелија одговарајќи на новинарски прашања истакна дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе вложува во обновливи извори на енергија како што е ветерниот парк Богданци, со цел поголемо и поквалитетно производство на електрична енергија.
Во овој регион недалеку се гледа ветерниот пак Богданци кој го реализираше владата на ВМРО-ДПМНЕ, продолжуваме и понатаму исто во околината, втората фаза, но и други можности се испитуваат за одреден вид на јавно приватно партнерство помеѓу денешно ЕСМ и приватни инвеститори за изградба на вакви енергетски капацитети, со што ќе се зголеми производното портфолио од обновлива енергија во Македонија, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека на тој начин ќе се обезбеди поквалитетно снабдување со електрична енергија до нашите граѓани, а воедно порача дека ќе се укине таксата за пристап до мрежа која ја наметна оваа власт.
– Она кое е важно, онаа наметната такса за пристап до мрежата која ја наметна октроираниот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, целосно партизираниот Бислимовски, ќе биде укината. Цениме дека нема потреба од таков тип на оптоварување на граѓаните, изјави Мицкоски.
Македонија
Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите
Собранието со 78 гласа „за“ го донесе предлог-законот за измени и дополнување на Законот за извршување на санкциите.
Законот има цел решавање на безбедносните проблеми во казнено-поправните установи, создавање посигурна безбедносна средина како во затворите така и генералната и општата безбедност во државата, пред сè, преку воспоставување законска основа и формирање единици за затворско разузнавање и единици за интервенции, воспоставување систем за видеонадзор и користење боди-камери во установите, намалување на корупцијата во казнено-поправните установи, решавање на проблемот со пренатрупаноста и регулирање и унапредување на правата од работниот однос на сите категории вработени лица во КПУ и ВПУ, извести Министерството за правда.
Покрај зголемување на безбедноста на установите, унапредување на правата на осудените лица и децата, со овој предлог-закон се оди кон подобрување на статусот и на вработените во пенитенцијарниот систем. Постојат повеќе причини за донесување на предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за извршување на санкциите, како, на пример, менување во голем дел на кривичното законодавство во земјата, со тоа и предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за извршување на санкциите како важна алка во кривичното законодавство и кривичноправниот систем во целина, потоа менување на затвореничката структура во Македонија, а во голем дел појавата на сè поголем број радикализирани осудени лица, потребата од заострување на начинот на кој осудените лица по доставување на упатните акти имаа можност за менување на адресата на живеење и со тоа таканаречено избирање на казнено-поправна установа во која би ја издржувале казната и условите во неа, се додава во соопштението на Министерството за правда.
Македонија
(Видео) Стоилковски: Доколку Арсовска не е против нови градинки, училишта, да состави документи, а Советот ќе ги прифати онака како што таа ќе ги достави
Данела Арсовска запре градба на две основни училишта, запре градба на две градинки и сопре градба на едно затворено спортско игралиште, потребно за граѓаните на општините Гази Баба, Кисела вода и Аеродром.
Арсовска запре донесени одлуки на Советот на Град Скопје за ослободување од надоместоци за уредување градежно земјиште за овие проекти, со образложение дека биле, како самата вели, неписмени, истакна на прес-конференција Наум Столковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ја повикуваме Данела Арсовска таа сама да состави вакви документи, а Советот, без сомнеж во високото ниво на писменост на Данела Арсовска, само ќе ги усвои.
Доколку Арсовска не е против нови градинки, училишта и затворени спортски објекти и ако не е против скопјани и Скопје, се очекува од неа најбргу таа самата да донесе писмени барања за овие пет проекти за скопјани, а Советот ќе ги прифати онака како што таа ќе ги достави, без сомнеж во високото ниво на писменост на Данела Арсовска“, дециден е Стоилковски.
Во спротивно, како што рече, Данела Арсовска само ќе докаже дека е продолжена рака на Миле Зечевиќ и на СДС наспроти вистинските потреби на скопјани за две градинки, две училишта и за спортски објекти.