Македонија
Милошоски: Дали Заев преку посредници ја трампал правдата за милиони евра?
Дали и Вице и Зоран Заеви се ликовите во чие име зборува адвокатот Димишков, и дали адвокатот Димишков бара 6 милиони евра во име на Зоран и Вице Заеви, праша денеска Aнтонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.
Осврнувајќи се на аудио материјалите, Милошоски рече дека со нив се гледа дека адвокатот Димишков, инаку брат на судијката Весна Димишкова разговара со посредници кои што се поврзани со судските процеси кои што ги води СЈО и им нуди трампа пари за правда.
„Се зборува за огромни суми на пари со кои што еден од бизнисмените требало да биде пуштен на слобода, а се наоѓал во притвор. Ќе цитирам гласот за кој што се претпоставува дека е на адвокатот Димишков вели – „Дајте 6 милиони евра, и ќе ја завршиме работата“. Ова го тврди адвокатот Димишков, ова го нуди адвокатот Димишков, брат на судијката која што определила мерка притвор. Имајќи го во предвид разврската на случајот „Рекет“ како и низа отворени прашања на оваа тема се поставува прашањето дали адвокатот Димишков имал само лична моќ да нуди притвори, ослободувања од притвори и да бара пари за ослободувања од притвори. Или пак можеби адвокатот Димишков имал и судска моќ и политичка моќ преку одреден спонзор за да може да издејствува кому да биде одредена мерка притвор и за колку пари да биде укината таа мерка притвор“, рече Милошоски.
Тој нагласи дека се зачудени што за адвокатот Димишков и за судијката Димишкова немало истрага во Јавното Обвинителство, во најмала рака за посредување и за уцена, или изнуда на пари од лица кои што биле предмет на обвиненијата на СЈО.
„Главното прашање е дали и Вице и Зоран Заеви се ликовите во чие име зборува адвокатот Димишков, и дали адвокатот Димишков бара 6 милиони евра во име на Зоран и Вице Заеви. Дали тие се политичкиот центар на моќ каде што треба да се уплатат 6 милиони евра за да се укине одредена мерка притвор? Очигледно е дека се правени пазари со правдата. Сестрата судијка определува мерка притвор. Братот адвокат наоѓа посредници, бара пари, има центар за политичка моќ, и тие пари ги добиваат главните нарачатели на ваквите дејствија, и даваат наредба за укинување на мерката притвор“, додаде Милошоски.
Нагласи дека осудениот Бојан Јовановски во судот посочил дека рекетираните пари треба да се бараат кај семејството Заеви, па оттука се поставува прашањето дали овие 6 милиони евра кои што ги побара адвокатот Димишков исто така треба да се бараат кај Зоран и Вице Заеви.
„Ова е веќе втора индиција која што посочува дека Зоран Заев е главата на криминалниот октопод кој што ја злоупотребува политичката моќ како премиер за истовремено да биде и наредбодавач во обвинителството и наредбодавач во судството, и судските и обвинителските постапки да ги тргува за високи суми на пари. Ова најголема рекетарска шема во Република Македонија наречена „Рекет“ има и свој покровител и ние сме изненадени зошто госпоѓата Вилма Русковска не покренува до сега никаква истрага за оној за кого што има индиции дека е покровител на шемата пари за правда, а индициите упатуваат до лицето Зоран Заев“, додаде Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.