Македонија
Милошоски до Ковачевски: Дали некој ве информираше за случајот „Онишченко“ за кој лесно се доаѓа до информација и на „Гугл“?
Пратеникот Антонијо Милошоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања постави две прашања до премиерот Димитар Ковачевски и министерот за образование, Јетон Шаќири.
Премиерот Ковачевски го праша дали откако станал прв човек на Владата некој го информирал за случајот „Онишченко“.
„Прашањето е за рускиот разузнавач, украински тајкун баран со потерница за перење пари и ставен на црната листа на САД поради прекршување изборен закон. Дали за еден ваков руски разузнавач кој поднел барање за македонско државјанство во февруари 2021 година кога вие не сте биле премиер, сте станале премиер во јануари 2022 година, а државјанството му е доделено крајот на мај 2022 година, дали во овие пет месеци откако бевте премиер вашиот директор на АНБ, вашиот советник за национална безбедност, министерот за внатрешни работи или некој друг поврзан со оваа област вас лично ве информирал нешто за ова лице, за кое едно мало барање на ‘Гугл’ покажува дека е руски разузнавач, официјални податоци има дека е на црната листа на САД, исто така дека и Украина го бара со потерница. Дали некој ве информирал за што било во врска со овој случај“, праша Милошоски.
Пратеникот постави прашање и до министерот за образование, Јетон Шаќири.
„Според законите за високо образование, дали декан на некој факултет, без разлика дали е државен или приватен, смее според закон да биде член на партиски извршен, надзорен, централен или кој било друг орган, односно дали смее да биде во партиски раководен орган на партија според Законот за високо образование. Вие сте имале искуство и на приватен универзитет, дали може деканот на факултет во Струга или деканот на факултет во Тетово, Скопје или Штип да биде и дел од раководен партиски орган“, праша Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи
Поради предизборни митинзи за претседателските избори викендов во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Како што информира Министерството за внатрешни работи од денеска од 19 часот до утре до 21 часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на митинг што ќе се одржи утре во 13 часот пред седиштето на Европската унија. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосницата со бул.„Кочо Рацин“ до крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“.
Утре во 20 часот на плоштадот „Македонија“, пак, ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори поради што Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.
Македонија
Во вторник предизборен молк, до тогаш продолжува презентацијата на изборните програми
Во рамки на кампањата за парламентарните избори, која почна во четвртокот, и денеска кандидатите за пратеници во шесте изборни единици ќе ги претстават своите платформи пред граѓаните во повеќе делови од државата. Во исто време продолжува и кампањата за претседателските избори, чиј прв круг ќе се одржи в среда, на 24 април, додека вториот круг треба да се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.
Кандидатот за претседател поддржан од коалицијата на СДСМ Стево Пендаровски во рамки на изборниот караван денеска ќе ги посети жителите на Ново Село, Босилово, Василево, а митинзи ќе одржи во Радовиш и во Струмица.
Кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Македонска Каменица, Пехчево, Берово и Делчево.
Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски и коалицијата „Храбро за Македонија“ ќе одржат митинг во скопската населба Карпош, а кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија Максим Димитриевски ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Ресен, Претор, Новаци и во Битола.
Во рамки на третиот ден од кампањата за парламентарни избори, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски ќе биде меѓу граѓаните на Брвеница и на Тетово.
Македонија
Пендаровски: Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа од Бутел рече дека е легитимно и дека е демократски избор секој да коалицира со кого сака. Но, понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за коалицирање со неговата партија, уште на првиот ден од кампањата за парламентарни избори, покажува дека тој бара помош.
„Ние среде кампања не бараме помош од пријател. Мене ми се чини дека тоа е јасен знак на слабост, затоа што господинот Мицкоски знае што го очекува на 24 април и на 8 мај. Инаку зошто би барал помош од страна?“, рече Пендаровски.