Македонија
Милошоски: Мицкоски ќе прифати средба со Ковачевски под неколку услови
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на прес-конференција во Собранието ги коментираше најавите за можна средба помеѓу претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски и лидерот на неговата партија, Христијан Мицковски.
„Таква покана сè уште не стигнала до ВМРО-ДПМНЕ, но доколку стигне ќе биде прифатена под услов на средбата Ковачевски – Мицковски да се разговара за предвремени избори како единствено логично решение за излез од сегашната длабока криза во која што се наоѓа државата, да се разговара за содржината на одговорите кои Македонија ги има дадено до официјална Софија на нивно барање по формулата 5+1 за кои што ниту јавноста, ниту Собранието, за жал, не се запознаени и тоа е дел од невладината нетранспарентност, како и да се разговара за зголемени ангажмани за борба против криминалот и корупцијата бидејќи Македонија и во регионот и во Европа е на најниското 111-то место на индексот за борба против корупција“, посочи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Милошоски ги коментираше и вчерашните изјави на вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров.
„Нашето мислење е дека и Димитров и Османи се истите ликови кои што од 2018 година до денес најавуваат датуми за членство во ЕУ секое полугодие, заедно се сликаа и во владиниот авион и сметаме дека е време заедно ја проверат својата доверба или недоверба на граѓаните кон нив и да си дадат оставка како чин на одговорност за нивните неуспешни политики“, рече тој на прес-конференцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.