Македонија
Милошоски: Предлог-одлуката за разрешување на Филипче ја засноваме на членот 68 од Уставот
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе достави предлог одлука за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче заради лошиот менаџмент на здравствената криза што кулуминира со трагичниот случај на новоизградената болница во Тетово, која се запали и, за жал, однесе 15 човечки животи, изјави пратеникот Антонијо Милошоски.
„Оваа предлог-одлука ја засноваме на членот 68 од Уставот на Република Македонија, а слична таква предлог-одлука доставиле оние што денеска ја критикуваат, односно пратеничките групи на СДСМ и НСДП во 2013 година, 25 октомври, врз основа на овој член доставиле предлог-одлука за разрешување токму на оваа уставна норма“, нагласи Милошоски.
Тој додаде дека Талат Џафери треба да се стави во улога на заштита на граѓаните и, конечно, да искаже политичка волја оставката на Венко Филипче да биде констатирана во Собранието бидејќи, како што рече, по една ваква катастрофа, најмалку што може Собранието да направи за граѓаните е да ја констатира оставката на Филипче, а потоа истражните органи да си ја водат работата кон тоа дали и кој сноси кривична одговорност.
„Има и прашања зошто не поднесовме интерпелација за Венко Филипче, што е исто така уставна и деловничка можност, одговорот е едноставен. ВМРО-ДПМНЕ пред три години поднесе интерпелација против тогашниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, и таа интерпелација Талат Џафери три години ја криеше во фиока, никогаш не дојде на дневен ред. Имаме уште неколку тековни интерпелации поднесено против министри од тековната Влада и Талат Џафери сѐ уште ги чува во фиока и не се дојдени на дневен ред. Затоа не сакаме да си играме со ваквите можности затоа што Талат Џафери се поставува како заштитник на министрите, како да е министер во Владата, а не претседател на Собранието како граѓански демократски дом“, наведе тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија денеска избира претседател: пет имиња се на гласачкото ливче
Во Северна Македонија ќе се одржат седмите претседателски избори, а до затворање на избирачките места во 19 часот, на сила е изборен молк.
Евентуалниот втор круг од претседателските избори е закажан за 8 мај, за кога се закажани парламентарните избори.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Владата го прогласи денот на изборите за неработен.
Во избирачкиот список за претседателските избори се запишани 1.814.317 избирачи, а во странство ќе гласаат 2.569 гласачи со државјанство на Северна Македонија.
Во посебен избирачки список запишани се 2.147 лица кои издржуваат затворска казна или притвор.
Скопје
ЈСП: Јавниот превоз по неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи.
Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно и потопло со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има локален слаб дожд, краткотрајно пороен, проследен со појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд со ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Во четврток ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи, а на повисоките планини ќе преминуваат во повремен слаб снег. Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време.