Македонија
Минатата недела регистрирани 11.610 нови случаи на Ковид-19
Регистрирани сe 11.610 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со зголемување од 4,5% во однос на минатата недела (n=11.115). Процентот на позитивност се движи од 23,6% до 34,4%, просечно 29,1%.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 17 до 23 јануари 2022г., тестирани се 39.289 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 15,6% во однос на минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст 30-39г (n=2.711, 23,4%) и 40-49г (n=2.424, 20,9%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9г (n=267; 2,3%). Се забележува зголемување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи со најголемо зголемување кај возрасната група над 0-9 години со зголемување од 30,9% и возрасната група 60+ со зголемување од 17,1% во однос на претходната недела. Се регистрира намалување на бројот на заболени кај возрасните групи од 10-19 години (-15,3%) и 20-29г (-18,0%) во однос на минатата недела.
Со статус „оздравени“ се стекнале 7.627 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.559 реинфекции, со зголемување од 25,0% во однос на претходната недела.
Пријавени се 97 смртни случаи во 20 градови во текот на изминатата недела, за 76,4% повеќе во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (38). Во однос на возраста, најголем број (n=85; 87,6%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (8), 40-49 години (2) и 30-39 години (2).
На 17.2.2021 во РС Македонија започна вакцинацијата против Ковид-19. Заклучно со 22.01.2022, вакцинирани се вкупно 864.759 лица со барем една доза на вакцина против Ковид-19 во државата и странство . Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 841.143 лица, а со трета доза се вакцинирани 122.752 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Митрески – Ларсон Џеин: Одличните политички односи и пријателство ќе ги зајакнеме и преку сојузништвото во НАТО
Претседателот на Собранието, Јован Митрески, денеска оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин.
Амбасадорката упати голема благодарност за подршката за членството на Шведска во НАТО имајќи предвид дека Собранието на Република Северна Македонија беше меѓу првите парламенти на земјите членки на алијансата, кое уште летото 2022 година со огромно мнозинтво го ратификува протоколот за пристап на Шведска и Финска во алијансата.
Двајцата соговорници се согласија дека во време кога континентот се соочува со голема безбедносна криза, членството на Шведска ќе даде значаен придонес кон заедничката безбедност.
Од своја страна, Митрески изрази задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји, особено од интензивната соработка меѓу пратениците на двата законодавни дома во изминатиот период во рамките на меѓупарламентарната соработка за демократски развој. Тој искажа и уверување дека одличните политички односи и пријателство ќе бидат дополнително зајакнати и преку созујзништвото во НАТО.
Митрески се осврна и на престојните претседателски и парламентарни избори и го сподели своето верување дека и во идниот состав македонското Собрание ќе продолжи со блиската меѓупарламентарна соработка и меѓусебната подршка на меѓународен план, особено во контекст на нашиот евроинтеграциски пат.
Амбасадорката Ларсон Џеин нагласи дека Шведска ќе продолжи да дава активен и континуиран придонес кон демократскиот и економскиот развој на нашата држава преку многубројни развојни проекти, а особено кон нашата стратешка цел – полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Ковачевски за Европскиот фронт: Дали со некого ќе одите заедно на избори или ќе коалирате постизборно е одлука на политичките партии
Добро е што на претстојните избори ќе има најмалку две коалиции што се залагаат за брза интеграција на земјата во Европската Унија, рече денес лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. На новинарско прашање зошто СДСМ не е дел од Европскиот фронт, кој го најавуваше и повикуваше на поддршка, Ковачевски одговори дека партиите одлучуваат за коалиции и пред, но и по избори.
„Дали со некого ќе одите заедно на избори или ќе имате постизборна коалиција или нема да имате тоа е сепак одлука на политичките партии, политичките органи“, рече Ковачевски.
Според него, СДСМ веќе има коалиција и е партија што направила најмногу за европскиот пат на земјата.
„Партијата што ги направи најголемите резултати во делот на европските интеграции и интегрирањето во НАТО, а тоа е СДСМ, исто така имаме коалиција што се залага за европски и евро-атлантски интеграции. Ние таа коалиција веќе ја имаме официјализирано. Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски веќе доби поддршка од најголемиот дел од тие политички партии и добро е што во државата ќе има најмалку два блока, две коалиции што се залагаат за брза интеграција на Северна Македонија во Европската Унија и што ќе извојуваат победа, со што Северна Македонија непречено ќе го продолжи својот пат во европските интеграции“, рече Ковачевски.
Договор за заеднички настап на изборите потпишаа денеска претседателот на ДУИ, Али Ахмети, и претседателот на Народното движење, Скендер Реџепи.
Македонија
Потпишани барања за екстрадиции на Шеваљ Муареми и Мухамед Чајани
Министерот за правда Кренар Лога ги потпиша барањата за екстрадиција на Шеваљ Муареми и Мухамед Чајани.
Барањата, откога ќе бидат преведени, како што појаснуваат од Министерството за правда, ќе бидат проследени до МНР на натамошно постапување до Обединетите Арапски Емирати.
МВР распиша меѓународна потерница по Шеваљ Муареми, која беше објавена и на веб-страницата на Министерството, а за кој постојат сомненија дека бил дел од меѓународна организирана криминална група осомничена за повеќе кривични дела.
Кривични пријави во јануари годинава беа поднесени против 16 лица што се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, убиства и обиди за убиства.
Сите биле членови на меѓународна организирана криминална група, што ја предводел Муареми од село Грчец.