Македонија
Министерот Димковски: Техничката Влада нема да ја запре редовната исплата на субвенциите
Земјоделската 2019 е потврда на добрите политики на Владата и финансиската поддршка на земјоделците ќе продолжи со навремена и неселективна исплата на субвенциите. Ова го истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, кој денеска одржа прес-конференција во Владата.
Тој рече дека паралелно со првенствената цел на техничката Влада да се организираат слободни, фер и демократски избори, без никаков застој и пречки ќе продолжи спроведувањето на мерките за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, со навремена и неселективна исплата на субвенциите.
„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со техничката Влада доби дополнителен-заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тоа нема да има никакво влијание врз спроведувањето на планираните активности на министерството. Македонското земјоделство е во сигурни раце и заедно со земјоделците ќе работиме на развојот на нашето до европското земјоделство“, рече Димковски.
Министерот појаснува дека формирањето на техничката Влада нема да го закочи спроведувањето на мерките што се планирани со тековните годишни Програми, а тоа значи дека, согласно планот, и во следниот период Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ќе продолжи со навремената и неселективна исплата на субвенциите од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2019 година.
„Нема поништување на објавените јавни повици за давање на државно земјоделско земјиште под закуп. Во тек се вкупно четири јавни повици за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, за коишто рокот за поднесување на потребната документација е до 22 овој месец. Непречено и согласно динамиката ќе продолжи реализацијата на инвестициите во водостопанската инфраструктура. Во моментот во полн ек е изградбата на брани и современи системи за наводнување, како што се браната Конско, системите за наводнување на јужната долина на реката Вардар втора фаза и Равен-Речица и браната Речани, малите еколошки системи за наводнување и други инвестиции во водостопанството. Овие инвестициите ќе овозможат наводнување на нови над 28 илјади хектари земјоделска обработлива површина“, додаде Димковски.
Министерот оцени дека земјоделската 2019 е потврда на добрите политики на Владата и година во којашто се донесоа мерки од кои директен бенефит имаат земјоделците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Митрески: Продолжуваме со континуиран раст на платите, просечна плата 1.100 евра, минимална плата од 600 евра
„На овие избори одлучуваме дали Македонија ќе продолжи по реформскиот пат, патот кон Европската унија кој носи позитивни системски промени или ќе се вратиме назад, кон изолација и заробена држава. Полноправното членство во Европската унија е нашата единствена опција“, порача денеска Јован Митрески, носител во петтата Изборна единица, на Коалицијата за европска Македонија, на почетокот на кампањата за парламентарните избори.
Тој нагласи дека Коалицијата предводена од СДСМ е одлучна да направи темелни реформи, а тоа е можно само ако ги почнеме преговорите со Европската унија.
„За СДСМ секогаш приоритет се граѓаните. Затоа, и во наредниот период продолжуваме со континуиран раст на платите. Просечната плата ќе достигне 1.100 евра, со влезот во Европската унија ќе достигне 1.300 евра. Минимална плата од 600 евра, со влезот во ЕУ 800 евра. Обезбедуваме поддршка од 180 милиони евра директна финансиска поддршка на бизнисите, 3,5 милијарди евра јавни капитални инвестиции“, нагласи Митрески и додаде дека фокусот ќе биде во изградба на одржлива, иновативна и конкурентна економија.
Тој, заедно со кандидатите во петтата Изборна единица ги повика граѓаните одлучно да се спротивстават на сите што сакаат да нѐ вратат во минатото и да дадат поддршка за Планот за европска Македонија!
Македонија
(Видео) Ковачевски: Имаме план за економијата, инвестиции од 3,5 милијарди евра и нови 180 милиони евра за компаниите
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски на денешниот настан под мото „Нема откажување од иднината“ се осврна на економијата и бизнис секторот при што кажа дека: „Во изминатите седум години се случија многу работи. Имаше подеми, падови, големи проблеми, предизвици. Се соочивме со КОВИД пандемијата, а потоа и со економската и енергетската криза предизвикани од војната во Украина“.
„Дадовме се од себе за да им помогнеме на граѓаните и на компаниите да ја пребродат кризата без посериозни последици. Донесовме девет пакети антикризни мерки вредни 2,6 милијарди долари за да го заштитиме стандардот на граѓаните. Благодарение на тоа беа спасени 80.000 работни места во околу 20.000 компании. Им помогнавме на над 660.000 домаќинства да не се соочат со ценовен шок со сметките за струја“, истакна Ковачевски во своето обраќање.
Ковачевски подвлече и дека: „Обезбедивме рекордна поддршка за домашните компании од 100 милиони евра за 919 македонски, домашни компании. Поддршка која во минатото воопшто не постоеше“.
Тој нагласи дека: „Компаниите ќе добијат нови 180 милиони евра директна финансиска поддршка, а јавните капитални инвестиции ќе се на ниво од 3,5 милијарди евра“ и додаде: „Го подготвуваме најголемиот и најамбициозен план во независна Македонија за модернизација на инфраструктурата. Ќе инвестираме 2,7 милијарди евра, а ќе се изградат 194 километри нови автопати и реконструкција на вкупно 950 километри патишта во сите делови и општини на државата.“
„Енергетската трансформација започна во мојот мандат, и во тие кратки две години обезбедивме над 600 мегавати инсталиран капацитет енергија од обновливи извори, наспроти 16те мегавати до 2016тата“, додаде Ковачевски.
„Државните енергетски компании ги даваме во рацете на граѓаните, а го зголемуваме и домашното производство на енергија за 70%, за да можеме целосно да ги покриеме домашните потреби. 100 процентно ќе го зголемиме инсталираниот капацитет на енергија од обновливи извори“, рече претседателот на СДСМ, Ковачевски на денот на почетокот на кампањата за претстојните парламентарни избори.
Македонија
Министерството за здравство за приватните специјализанти: Решение ќе има после изборите
„Министерството за здравство секогаш се залага за подобрување на условите за работа на здравствените работници и соработници, кои меѓу нив спаѓаат и приватните специјализанти. Во изминатиот период, приватните специјализанти остварија неколку средби со министерот за здравство и со претставници од Министерството, кадешто се слушнаа нивните барања и се изготви извештај, со цел изнаоѓање решение за нивниот работен статус“, велат од МЗ.
„На последната владина седница беше донесена одлука согласно закон, веднаш по изборите, да се подготват предлог законски решенија со коишто ќе се предвидат нивните севкупни права и одговорности.
Во однос на двете барања на приватните специјализанти, Министерството за здравство Ве известува дека дел од приватните специјализанти веќе имаат здравствено осигурување и се во работен однос, додека пак 10% од приватните специјализанти немаат здравствено осигурување од причини што или не се јавиле во подрачните служби или не го исполнуваат условот од аспект на остварените приходи бидејќи добиваат паричен надоместок.
Во 2018 година, приватните специјализанти за првпат беа препознаени во јавното здравство и платени за својата работа. Покрај финансискиот надоместок, тие добија можност за исплата на дежурства и здравствено осигурување.
Ставот на Министерството е позитивен кон нив, со цел да им се излезе во пресрет, но решение ќе има после изборите.
Овие години, се направи значителен напредок со покачување на платите на здравствените работници, подигнати се капацитетите во јавното здравство и вратено е достоинството на сите здравствени работници и соработници“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.