Македонија
Министерствата за економија и за земјоделие со свои претставници во економската дипломатија
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи заедно со министерот за економија Крешник Бектеши и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски денеска потпишаа спогодби за испраќање економски советници од Министерството за економија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како дел од поширокиот проект за Економска дипломатија.
„Уште на почетокот најавив дека ќе пристапиме со поединечно обликуван, или таканаречен ‘тејлор – мејд’ пристап за различните земји и региони. Во оваа смисла посебно ме радува фактот што проектот за Економска дипломатија фактички го шириме со вклучување на претставниците и од економските ресори, ставени под една дипломатска капа, со што верувам дека ќе обезбедиме најсоодветно економско присуство според спецификите на разните региони и експертизата на различните ресори. Очекувам во наредниот период да обезбедиме услови и за влез во третата фаза, преку која во Економската дипломатија ќе вклучиме и надворешни експерти и докажани професионалци од областа“, истакна Османи, потенцирајќи дека сите упатувања се дел од пилот – проектот за оваа година, од каде се очекува и првичниот инпут за успешноста од целиот процес и неговата целисходност за понатаму.
„Очекувам нашите претставници во економската дипломатија да внесат поголема економска димензија во надворешната политика, притоа да ги прошират каналите за интензивирање на трговската размена, на отворање нови пазари за постојните компании, да обезбедат полесен и поинформиран пристап на потенцијалните странски инвеститори и со тоа да обезбедиме услови за уште поинтензивен економски раст“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.
Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски ги потенцираше огромните потенцијали од унапредувањето на размената за земјоделието, преработувачката индустрија и производството на храна, за што веќе, како што посочи, е создадена пристојна бизнис база и во земјата која доколку и се обезбеди соодветен пристап може компетитивно да се натпреварува на светските пазари.
Со потпишувањето на меморандумите меѓу ресорите се најавија и првите економски советници од двете министерства кои ќе бидат испратени преку Министерството за надворешни работи. Од Министерството за Економија ќе бидат испратени економски советници во Женева со надлежност за Светската Трговска Организација, потоа во Брисел, со надлежност за земјите на БЕНЕЛУКС; во Генералниот Конзулат во Чикаго, со надлежност за регионот на таканаречните езерски сојузни држави (Илиноис, Мичиген, Висконсин, Индијана, Охајо и Минесота). Од Министерството за земјоделие шумарство и водостопанство ќе биде испратен економски советник во Амбасадата во Рим, со посебна надлежност за организацијата за храна и земјоделие – ФАО, но воедно и со надлежност врз територијата на Италија; додека во подоцнежната фаза, во план е од Земјоделие да бидат испратени економски советници во други места соодветно на специфичните надлежности на овој ресор.
Првата група економски советници беа избрани за Варшава, Минхен, Анкара и Абу Даби, а МНР Османи извести дека во тек е и конкурсот во рамките на МНР со кој ќе биде испратен и еден економски советник во Софија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изет Меџити од Берлин: Дијаспората ја совлада Југославија, ќе го совладат и ДУИ
Лидерот на Демократското Движење, истовремено и носител во изборната единица број еден, Изет Меџити, учествуваше во голем собир со дијаспората во Берлин на Коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ).
Меџити од овој собир на дијаспората и се обрати со зборови каде им ја даде убавата вест дека на 8 мај пристигнува победата, но и за вредноста на учеството на дијаспората во овие избори кои многу добро знаат да казнуваат режими и тие кои го мразат Курти и Косово.
„Првите политички движења се отпочнати од дијаспората, како за совладување на Југославија, така и за независноста на Косово, а токму од ова дијаспора ќе пристигне и казната за ДУИ која се спротиставува на Косово и кокетира со Вучиќ”.
Тој, исто така, додаде дека сега е историскиот момент за промени во албанската политичка сцена после децении, со обединетата опозиција и со Самоопределување.
Македонија
Во Скопје санкционирани 179 возачи
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (19.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 179 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 51 санкција, 11 мерки за возење без возачка дозвола, осум санкии за поминување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за управување под дејство на алкохол…
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи
Поради предизборни митинзи за претседателските избори викендов во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Како што информира Министерството за внатрешни работи од денеска од 19 часот до утре до 21 часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на митинг што ќе се одржи утре во 13 часот пред седиштето на Европската унија. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосницата со бул.„Кочо Рацин“ до крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“.
Утре во 20 часот на плоштадот „Македонија“, пак, ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори поради што Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.