Македонија
Заменета фотографијата од убавините на Германија со која Владата промовираше домашен туризам
Со нова фотографија е заменета онаа на германскиот фотограф Симон Мигај, која се појави на платформата „Дома си е дома“.
Фотографијата со која Македонија ја промовираше мерката за домашен турузам е од езерото Кенигсе, кое се наоѓа во Германија. Сега на нејзино место стои фотографија од Охридското езеро.
По низата реакции на социјалните мрежи, од Министерството за економија велат дека ја промениле фотографијата, но и нагласуваат дека фотографијата за која се зборува ја презеле со сите авторски права.
„Како Министерство за економија низ целата промоција на мерката, преку оваа платформа, акцентот го ставаме на промовирање на туристичките потенцијали на Република Северна Македонија. Платформата ќе биде доградена со нови податоци за капацитети и места каде што нашите граѓани ќе можат да ги користат ваучерите за поттикнување на домашниот туризам, каде што дополнително сите граѓани коишто ќе одлучат да летуваат во нашата земја ќе можат да ги видат убавините на државата“, додаваат од Министерството.
Претходно се огласи и фотографот Симон Мигај, кој на својот инстаграм-профил потегот на македонската Влада го оцени како смешна неделна приказна.
„Смешна неделна приказна. Ја споделувам оваа слика бесплатно на веб и понекогаш таа завршува на чудни места. Во моментов е актуелна на социјалните медиуми бидејќи Владата на Македонија одлучила да ја користи за промоција на нивниот туризам и Македонците се обидуваат да откријат кое е тоа место. Ова е Конигсе во Германија“, напиша Симон Мигај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.