Македонија
МОН: Ги поддржуваме барањата на синдикатите за унапредување на правата на вработените во образованието
Министерството за образование и наука соопшти дека ги поддржува барањата на синдикатите за унапредување на правата на вработените во образованието. Оттаму велат дека правото на работниците да се организираат преку синдикални организации и да го изразуваат незадоволството од одредени состојби, мерки и активности е уставно гарантирано.
„Јавноста знае дека минатата година платите на вработените во образованието од месец септември беа зголемени за 5%, додека следната фаза, односно следното покачување е предвидено веќе од следниот месец, со опфат на вработените во основното, средното и високото образование.
Станува збор за реален и остварлив план кој е проектиран согласно буџетските можности. Планот, односно предвидените мерки беа презентирани пред синдикалните организации пред да започне нивната имплементација, за што синдикалните организации истакнаа позитивен став и барање овој позитивен тренд односно заложба за подобри услови и можности за работа да продолжи и во иднина, што секако е прифатено и се спроведува од институциите на системот“ се наведува во соопштението.
Дополнително, информираат дека континуирано се реализира процесот на трансформација на работниот однос од определено на неопределено работно време согласно доставените барања од страна на локалните самоуправи. Исто така додаваат дека континуирано се инвестира и во унапредувањето на образовната инфраструктура, а со цел обезбедување на подобри услови за образовниот процес на учениците, но и подобри услови за работа на наставниците.
„Веќе е усвоен целосно нов Закон за основно образование кој обезбедува повеќе права и можности за учениците и наставниците, како и Закон за наставници и стручни соработници во основното и средното образование, кој за прв пат им овозможува да напредуваат во звања и за тоа да добиваат повисоки лични примања.
По однос на недостигот на кадар по предметите математика, хемија и физика, информираме дека Министерството за образование и наука ја има детектирано состојбата и во таа насока веќе неколку години се доделуваат стипендии во вредност од 18.000 денари на месечно ниво за студенти кои ќе се запишат на студиски програми од овие области, со цел обезбедување на кадар кој потоа ќе пренесува знаење на основците и средношколците“ објаснуваат од министерството.
Оттаму уверуваат дека соработката и социјалниот дијалог со синдикалните организации ќе продолжи и во периодот што следи, преку инклузивен сеопфатен пристап во дефинирањето на сите следни мерки, проекти и активности кои директно ги тангираат вработените во образованието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Митрески – Ларсон Џеин: Одличните политички односи и пријателство ќе ги зајакнеме и преку сојузништвото во НАТО
Претседателот на Собранието, Јован Митрески, денеска оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин.
Амбасадорката упати голема благодарност за подршката за членството на Шведска во НАТО имајќи предвид дека Собранието на Република Северна Македонија беше меѓу првите парламенти на земјите членки на алијансата, кое уште летото 2022 година со огромно мнозинтво го ратификува протоколот за пристап на Шведска и Финска во алијансата.
Двајцата соговорници се согласија дека во време кога континентот се соочува со голема безбедносна криза, членството на Шведска ќе даде значаен придонес кон заедничката безбедност.
Од своја страна, Митрески изрази задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји, особено од интензивната соработка меѓу пратениците на двата законодавни дома во изминатиот период во рамките на меѓупарламентарната соработка за демократски развој. Тој искажа и уверување дека одличните политички односи и пријателство ќе бидат дополнително зајакнати и преку созујзништвото во НАТО.
Митрески се осврна и на престојните претседателски и парламентарни избори и го сподели своето верување дека и во идниот состав македонското Собрание ќе продолжи со блиската меѓупарламентарна соработка и меѓусебната подршка на меѓународен план, особено во контекст на нашиот евроинтеграциски пат.
Амбасадорката Ларсон Џеин нагласи дека Шведска ќе продолжи да дава активен и континуиран придонес кон демократскиот и економскиот развој на нашата држава преку многубројни развојни проекти, а особено кон нашата стратешка цел – полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Ковачевски за Европскиот фронт: Дали со некого ќе одите заедно на избори или ќе коалирате постизборно е одлука на политичките партии
Добро е што на претстојните избори ќе има најмалку две коалиции што се залагаат за брза интеграција на земјата во Европската Унија, рече денес лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. На новинарско прашање зошто СДСМ не е дел од Европскиот фронт, кој го најавуваше и повикуваше на поддршка, Ковачевски одговори дека партиите одлучуваат за коалиции и пред, но и по избори.
„Дали со некого ќе одите заедно на избори или ќе имате постизборна коалиција или нема да имате тоа е сепак одлука на политичките партии, политичките органи“, рече Ковачевски.
Според него, СДСМ веќе има коалиција и е партија што направила најмногу за европскиот пат на земјата.
„Партијата што ги направи најголемите резултати во делот на европските интеграции и интегрирањето во НАТО, а тоа е СДСМ, исто така имаме коалиција што се залага за европски и евро-атлантски интеграции. Ние таа коалиција веќе ја имаме официјализирано. Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски веќе доби поддршка од најголемиот дел од тие политички партии и добро е што во државата ќе има најмалку два блока, две коалиции што се залагаат за брза интеграција на Северна Македонија во Европската Унија и што ќе извојуваат победа, со што Северна Македонија непречено ќе го продолжи својот пат во европските интеграции“, рече Ковачевски.
Договор за заеднички настап на изборите потпишаа денеска претседателот на ДУИ, Али Ахмети, и претседателот на Народното движење, Скендер Реџепи.
Македонија
Потпишани барања за екстрадиции на Шеваљ Муареми и Мухамед Чајани
Министерот за правда Кренар Лога ги потпиша барањата за екстрадиција на Шеваљ Муареми и Мухамед Чајани.
Барањата, откога ќе бидат преведени, како што појаснуваат од Министерството за правда, ќе бидат проследени до МНР на натамошно постапување до Обединетите Арапски Емирати.
МВР распиша меѓународна потерница по Шеваљ Муареми, која беше објавена и на веб-страницата на Министерството, а за кој постојат сомненија дека бил дел од меѓународна организирана криминална група осомничена за повеќе кривични дела.
Кривични пријави во јануари годинава беа поднесени против 16 лица што се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, убиства и обиди за убиства.
Сите биле членови на меѓународна организирана криминална група, што ја предводел Муареми од село Грчец.