Македонија
Мицевски: Измените во Изборниот законик во насока на демократизација на државата
ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери од денес почнуваат суштински разговори со парламентарните политички партии, пред сѐ, со партиите потписници на предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, а секако во текот на наредните денови ќе разговараме и со другите парламентарни политички партии, изјави денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Целта на средбите, како што појасни, се измените што се предлагаат, односно формирање една изборна единица, нешто што како предлог-закон е стигнат во парламентот потпишан од одреден број наши колеги пратеници, рече Мицевски.
„Во текот на денешниот ден имавме средба со Демократскиот сојуз претставуван од колегата пратеник Павле Трајанов и со ВМРО-Народна партија и на средбата беше колегата пратеник Љупчо Балковски, со кој разговаравме за овие актуелни теми за кои зборуваме сега. Една изборна единица беше темата на разговорите за која се дискутира на тие средби и секако можноста за размислување, односно нивните предлози за поставување одреден праг при тие изборни процеси. Со разни идеи се политичките партии, на крајот заклучивме дека овој процес треба да почне во насока на демократизација на државата. Гледаме дека се создава клима за оваа работа и процесот ќе продолжи и во наредниот период“, потенцира Мицевски.
„Секако, со отворањето на самата тема, односно со поставувањето на законот на комисија, а потоа и на пленарна седница, ќе има можност за него да се разговара, да бидат употребени анализите од компаративното право, кои ќе дадат размислување дали и колку би требало да биде прагот и на кој начин да продолжи активноста, односно целиот процес за ова законско решение. Во текот на утрешниот ден, како што напоменав, ќе имаме дополнителни средби и со други претставници на парламентарните партии, на кои ќе размениме мислење и искуства во однос на ова законско решение“, истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стоилковски: Разликата е над 150 илјади, обработени се 75 отсто од гласовите
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски изјави дека разликата е над 150 илјади во корист на кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова, по обработени над 75 отсто од гласовите.
Тој најави дека во 22 часот ќе има обраќање Силјановска Давкова, а во 22 и 30 ќе се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Македонија
Јакимовски призна пораз, ѝ честиташе водство на Сиљановска и ѝ поска среќа во вториот круг
Лидерот на ГРОМ и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски, вечерва призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Сиљановска-Давкова. Со оглед на поразот, рече дека не е задоволен од изборниот резултат.
„Јас ја одржувам оваа прес-конференција со цел да го признам поразот на овие претседателски избори, а воедно да ѝ честитам на водството на госпоѓата Гордана Сиљановска-Давкова и да ѝ посакам среќа во вториот изборен круг. Дали резултатите се задоволувачки-според мене нормално дека не се задоволувачки. Далеку се од очекувањата. Како и да е битно беше дека граѓаните на Република Македонија имаа избор. Избираа меѓу седум свои кандидати. Дали биле во право за тоа што го избрале, ќе видиме после пет години. Се надевам дека сите ќе бидеме живи и здрави и после пет години ќе констатираме дали изборот бил добар или не“, рече Јакимовски.
За да признае пораз тој не дочека Државната изборна комисија да ги преброи гласовите од сите избирачки места. Се прогласи за поразен со 60 отсто обработени гласови и освоени 4997 гласа.
Според досега обработените гласови во водство е Гордана Сиљановска-Давкова со 197741 глас, повеќе од двојн помалку гласови има актуелниот претседател Стево Пендаровски за кого гласале 97592 граѓани, зад него е Бујар Османи со 81.748 гласови, Арбен Таравари со 9591 гласа, Максим Димитриевски со т42296 гласа и Билјана Ванковска-Цветковска со освоени 23..472 гласа
Македонија
Таравари: Земјотресот почна, се надевам дека на 8 мај ќе дојде промената ДУИ да биде опозиција
Масовниот одѕив на гласачите на овие претседателски избори за Арбен Таравари, претседателски кандидат на коалицијата ВЛЕН, е показател дека промените се почнати. На првата прес-конференција по затворањето на избирачките места тој рече дека очекува победа на 8 мај.
„Земјотресот по се изгледа дека денеска почна со масовното учество на граѓаните во изборите, а се надевам дека на 8 мај ВЛЕН ќе победи и ќе дојде долго очекуваната промена ДУИ да биде во опозиција“, рече Таравари.
Тој јавно се заблагодари на граѓаните за масовниот одѕив и изрази надеж дека набљудувачите нема да дозволат злоупотреби на гласовите.
„Сега веќе се знае дека на овие избори имаше многу помасовно излегување на гласање отколку претходните избори што зборува дека промените ни се приближуваат и ни доаѓаат. Ние како ВЛЕН сме пресреќни дека добивме гласови генерално од Албанците. Сега веќе промените се внатре во кутиите кои веќе се отвораат. Се надевам дека нашите набљудувачи ќе ги контролираат и нема да дозволат да има злоупотреби и ќе се гарантира секој глас кој што е даден на демократски начин дека ќе излезе на површина“, рече Таравари.