Македонија
Мицевски: Џафери мора итно на дневен ред да го стави разрешувањето на Јанева
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара итна седница за разрешување на осомничената специјална јавна обвинителка Катица Јанева, истакна денеска координаторот на пратеничката група на опозициската партија, Никола Мицевски, кој порача дека собранискиот спикер Џафери треба да ја свика седницата.
„Согласно Деловникот на Собранието, по барање на 20 пратеници, господинот Талат Џафери треба да свика итна седница на која на дневен ред ќе биде разрешувањето на Јанева и тоа инсистираме да биде денес, а не како што најави Џафери, за два или три дена“, нагласи Мицевски.
Според него, само на овој начин Советот на јавни обвинители ќе има време да го разгледа предлогот и да ја разреши Kатица Jанева.
Мицевски потсети дека вчера бил експресно одбиен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ разрешувањето на осомничената Катица Јанева да се стави на дневен ред како прва точка.
„Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ вчера наместо на страната на правдата застана во одбрана на криминалот и рекетот. Јавноста беше сведок како СДСМ и Талат Џафери ја спасија осомничената Катица Јанева“, истакна тој.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ вели дека СДСМ и Зоран Заев не смеат да ја разрешат Катица Јанева, бидејќи тие се поврзани во, како што рече, најголемата рекетарска афера во Република Македонија.
„Зошто СДСМ не сакаат да биде разрешена? Дали Владата на Заев е во координација и синхронизација со самата Катица Јанева, обвинителката Вилма Рускоска и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и се дел од планот за спас на Катица Јанева?“, јавно праша Мицевски, кој порача дека одговор на овие прашања мора да има и ги повика пратениците на владејачкото мнозинство да застанат на страна на законот и да гласаат за разрешување на осомничената Катица Јанева уште денеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Штипјанец и скопјанка фатени како ги фотографираат гласачките ливчиња, а жител на Бучим му го покажал ливчето на набљудувач
Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
„Од отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме две фотографирања на гласачко ливче, едно во Штип и едно во Скопје. Во 09.30 часот на избирачко место 2274 во Штип Г.Ј. го фотографирал гласачкото ливче и од страна на полициски службеници од СВР Штип се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во 09.20 часот на гласачко место 2844 во ОУ „Јохан Х. Песталоци“ во Скопје, С.М. (57) го фотографирала гласачкото ливче и од страна на СВР Скопје се преземаат мерки за расчистување на случајот“, додаде Ангеловски.
Тој посочи дека досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, односно гласањето се одвива мирно и без проблеми.
Ангеловски дополни и дека димна бомба има на гласачко место, а пријавени се и летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити.
До 11 часот е пријавено дека на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до 9 часот, се искачи на 12,78 отсто.
Македонија
Димна бомба на гласачко место, летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити пријавени во МВР
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, информира за текот на изборниот процес од отворањето на избирачките места.
„Досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, тоа се одвива мирно, без проблеми. Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач.
За сите овие настани, како што вели тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.
„Покрај тоа, на територијата на општина Чаир се забележани летоци, кои биле оставени на паркирани возила, а исто така се испишани и два графита. На едно гласачко место во Скопје, покрај испишаниот графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6.30 часот во ходникот е пронајдена димна бомба. Веднаш се преземени мерки и активности и на ова место гласањето се одвива непречено“, додава Ангеловски.
Апелира до граѓаните и учесниците на изборите – во текот на гласањето, до завршувањето, да се воздржат од какви било инциденти.
Македонија
На 12,78 отсто се искачи одѕивот до 11 часот, најголем во Демир Капија – 23,99 отсто
До 11 часот на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до девет часот, се искачи на 12,78 отсто.
Најголем е одѕивот во Демир Капија – 23,99 отсто, каде што од вкупно 3.208 граѓани до 11 часот гласале 769.
На седмите претседателски избори во земјата право на глас имаат 1.814.317 граѓани на 3.480 избирачки места.