Македонија
Мицкоски: Ако Заев го одбрани националниот интерес ќе му честитам, ако направи предавство ќе му се случи народ
Ако Заев го одбрани националниот интерес ќе му честитам, ако направи предавство ќе му се случи народ, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција. Тој вели дека со оваа влада ниту Европската унија станува реалност, ниту пак некое билатерално прашање е затворено во наша корист, а доказ за тоа е спорот со Бугарија, бидејќи Договорот со кој се фалела Владата ја отворил пандорината кутија.
„Ако Владата постигне решение заштитувајќи го нашиот македонски јазик, не се откаже од македонското малцинство, ги заштити историјата, имињата и жртвата на дејците кои што животот го положија за независна македонска држава, решение во кое што нема окупаторите да бидат административци, тогаш јас ќе бидам првиот кој што ќе застанам овде пред вас и ќе им честитам и ќе им ја стегнам раката, и ќе им речам секоја чест ги запазивте и одбранивте македонските национални интереси. Но, во исто време предупредувам, ако владата се обидува да преговара за решение кое што ќе го негира нашиот идентитет, историјата, антропологијата на нашиот македонски јазик, неговата посебност, во кое што ќе ги понижи жртвите на македонските дејци кои што се бореа за независна македонска современа држава, ако во исто време преговара за решение со кое што ќе се откаже од македонското малцинство кај нашиот источен сосед, ако во исто време преговара за решение кое што подразбира дека окупаторот бил административец, тогаш јас ви ветувам ќе им се случи народ истиот ден низ цела Македонија“, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека овие неколку дена се многу значајни со разговорите, а искуството со оваа влада ни вели дека мора да бидеме претпазливи. Мицкоски апелира, Владата како свој прв приоритет нека ги постави заштита на националните и стратешки интереси и да постигне решение кое ќе биде гарантор на нашиот идентиет, јазик и посебност и виза за непречен почеток на преговори со ЕУ.
„Овој проблем немаше дотолку да ескалира и денес да имаме една се чини непремослива препрека и кочница на патот кон Европската Унија ако не беше Зоран Заев и неговата лага дека работата со датумот е завршена. Дополнително дека нашиот источен сосед ќе добие нешто што тој неформално им го има ветено, решение за јазикот, историјата и народот по терк на нашиот источен сосед, а се знае дека ова тука во земјава нема шанси да помине кај граѓаните“, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека Владата прифатила нон-пејпер без да објасни во чие име тоа го направила и со кого се консултирала. Главниот проблем, вели Мицкоски, е што ниту тогаш, ниту денес кога се приближуваме во последните денови од финалните разговори Заев и Владата преговараат без притоа да имаме општ политички консензус внатре за едно вакво важно прашање. Затоа, тој побарал лидерска средба на која ќе стане збор и за преговорите со Бугарија, бидејќи сметал дека е неопходно заеднички да се настапи во целиот овој процес.
Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да прифати компромис кој не’ асимилира.
„Ние како нација и држава не можеме да прифатиме да се самопорекнеме, или самоодречеме по секоја цена, јас би рекол по ниту една цена.
Мора некогаш да се каже доста е на лазењето по нерви и навредливата реторика во која ние Македонците ќе се повлекуваме и постојано ќе губиме. Доста е од тоа како држава да даваме се, а да не добиеме барем малку. Не смееме да прифатиме да се самоизбришеме“, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР, ЈО и АНБ комплетно подготвени за претстојните претседателски избори
Во врска со претстојните избори, денеска, во просториите на Министерството за внатрешни работи, министерот Панче Тошковски одржа состанок, на кој присуствуваа дополнителниот заменик-министер Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Зарко Милошевски, републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, и претседателот на комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење евентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами.
На состанокот министерот Тошковски најпрвин се заблагодари за одвоеното време и досегашната успешна соработка на сите фактори одговорни за безбедно спроведување на изборниот процес и потенцира дека досега не се констатирани посериозни активности, кои се насочени кон нарушување. Исто така, побара од присутните секој во својот делокруг да сподели информации што се од интерес за спроведувањето на изборите и начинот на кој ќе постапуваат институциите за време на изборниот ден.
Од страна на дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Бојмацалиев, беше потенцирана тенденцијата од година на година да имаме сè помирни избори, со исто очекување за годинешните изборни процеси, бидејќи МВР е подготвено да биде на висината на задачата да спроведе уште едни фер, слободни и демократски избори по европски терк.
Од страна на директорот на БЈБ беа презентирани информации во врска со оперативната акција претседателски и парламентарни избори 2024 година и во таа насока посочи дека од страна на оперативниот штаб и сите надлежни организациски единици се преземени сите потребни мерки и активности врз основа на претходно изготвен план и притоа не се констатирани никакви позначајни проблеми.
Од страна на АНБ се преземаат организирани и координирани мерки за прибирање сознанија за евентуални изборни нерегуларности, а во насока на безбедно спроведување на изборите.
Републичкиот јавен обвинител, претседателот на комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење вентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами, јавните обвинители на сите виши јавни обвинителства и основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје информираа за активностите во рамките на Обвинителството, каде што определени се зајакнати дежурства за изборниот ден за покривање на целото подрачје на државата и со будно внимание ќе се следи процесот и навремено ќе се известува за сите настани и активности што се од интерес на јавноста, а поврзани со спроведувањето на изборите.
Македонија
ССМ повика на првомајски протест: Бараме враќање на трошоците за храна и превоз и минимална плата од 450 евра во првите 100 дена од новата влада
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) повика на првомајски протест за враќање на трошоците за храна и превоз и зголемување на платите во првите 100 дена од новата влада. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, најави дека пораките испратени од првомајскиот протест треба да бидат црвен аларм за сите оние што ќе го очекуваат гласот на работниците на 8 мај.
„Ние работниците излегуваме на протест и на Први мај ќе побараме враќање на трошоците за храна и превоз, право што го изгубивме во 2009 година поради бруто-системот за пресметка на платите во Македонија. Ќе бараме зголемување на платите, и тоа во првите 100 дена од новата влада, особено зголемување на минималната плата, на најмалку 450 евра, онолку колку што таа изнесува во регионот за да не се доведеме во ситуација нашите граѓани, работниците од Македонија, да градат туѓи економии и да работат за туѓи интереси“, рече претседателот Трендафилов.
Трошоците за храна и превоз што ССМ бара да се вратат во пресметките за плата изнесуваат 20 отсто од просечната плата. Според сегашните пресметки, ако од минималната плата се одбијат овие трошоци и давачките што сега се плаќаат, излегува дека работниците што имаат минимална плата, работат за 14.000 денари.
„Бараме 20 отсто од просечната плата за трошоци за превоз и за храна ако имаме предвид дека секојдневно поскапуваат не само реагенсите туку и трошоците за храна. Ако се има предвид синдикалната кошничка, над 20.000 денари изнесуваат трошоците за прехранување на едно четиричлено домаќинство. Зборуваме за леб и вода, не повеќе. Сметаме дека трошоците за храна и превоз треба да се вратат во платите на работниците ако имаме предвид дека 22.500 е минималната плата од март, доколку ги пресметате трошоците за храна и за превоз, во согласност со даночните ослободувања, ќе видите дека немате плата ниту 14.000 денари. Поради тоа, работниците го очекуваат од нас барањето за враќање на трошоците за храна и превоз“, рече Трендафилов.
Тој потсети на првомајскиот протест од 2018 година организиран со мотото „Гаси скара, касни плата“ за кое рече дека важи и денес оти доцнат платите во „Македонски шуми“, работниците во културата преку протести издејствуваа усогласување и исплата на платите, а повеќе од 20.000 работници, според податоците од Управата за јавни приходи, земаат плати пониски од минималната.
„Да не се лажеме, ако не излезете на протест, нема да добиеме ништо. Колку ќе дојдеме, колку ќе излеземе на протест, толку и ќе добиеме. Доколку очекувате во наредните пет години некој кога ќе ја води државата да ве слушне, сте се излажале. Денеска е моментот кога треба да излезете на улица и да кажете што барате од сите тие што очекувате да ја водат државата“, повика Трендафилов.
Заедно со протестот Трендафилов најави дека работниците ќе го бранат и Работничкиот дом од институциите што го презедоа. „Нека дојдат и нека си ја пробаат среќата“, порача тој.
Протестот ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом, ќе продолжи пред Собранието, пред Стопанската комора и ќе заврши пред Владата, каде што работниците ќе ги упатат пораките, ќе кажат зошто не се задоволни и ќе им кажат на оние што го чекаат гласот од нив дека треба да се погрижат повеќе за работниците.
Македонија
УЈП: До 26 април продолжен рокот за поднесување на ДДВ-04 пријавите
Управата за јавни приходи информира дека пропишаниот рок за поднесување на пријавите за данокот на додадена вредност, ДДВ-04, кој истекува на 25.4.2024 година, се продолжува за еден ден.
Според соопштението од УЈП, краен рок за поднесување на пријавите ДДВ-04, ќе се смета 26.4.2024 година имајќи ја предвид владината одлука, со која 24.4.2024 година (среда) се прогласува за неработен ден за сите граѓани.