Македонија
Мицкоски: Докторите се пуштени да се справуваат со пандемијата незаштитени и голораки
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се обрати до јавноста преку отворено писмо, загрижен, од како што вели, црниот биланс со заразени со коронавирусот, кој станува се поголем од почетокот на оваа пандемија во Македонија.
Мицкоски нагласува дека вирусот не е шега, туку заедничка нова битка на Македонија која мора заедно да ја победиме.
„Будење на свеста значи подадена рака до власта со што сакам да потенцирам дека во нас имате пријател, а заедничкиот непријател кој мора да го победиме е пандемијата која одзема животи“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој истакнува дека има работи кои мора да бидат подобри, зошто ако не се, ќе резултираат со згаснување на животи.
Мицкоски констатира дека има сериозни слабости во системот кој потфрла во време кога мора хируршки прецизно да функционира.
„Сликата на министерот со медицински голорак и незаштитен здравствен тим е сликата за македонското здравство и начинот на кој се работи во Македонија. Докторите се пуштени да се справуваат со пандемија незаштитени, небезбедни, под ризик за својот живот ама пр-от на министерот е важен, а стикерите на Филипче во стилот на супермен поважни. Филипче е далеку од супермен, можеби бизнисмен, ама повеќе е портпарол во време кога треба да биде само министер“, семета претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој повикува дека како општество е неопходно да се мобилизираме и да се преземат итни и драстични мерки без одлагање.
„Потребно е воведување на построг полициски час, најмалку од 18 часот за да има суштина со него и се направи ред, час поскоро. Мора за миг да се испразнат улиците за да се скенира состојбата. Мора да се има протокол на правење на тестови за сомнителни од коронавирусот и тие да бидат целосно бесплатни во државното и приватното здравство. Да се удвојат капацитетите за проверка“, посочува Мицкоски.
Тој вели дека е загрижен и за економската рецесија која престои.
„Државата оди по самиот раб. Илјадници луѓе престануваат да одат на работата, а штетите се поголеми од ноншалантниот однос на владата. Треба веднаш државата да покрие 50% од сите трошоци за вработените, плати и придонеси. Да се замрзнат плаќањата на рати кон банките и заемодавателите бидејќи тоа е добро и за банките, но и да се излезе со детална програма на Владата и функционерите на власт за финансиско кратење на нивните привилегии и непродуктивни трошења. Да почнеме со штедење не од работниот народ, туку од привилегиите на властодршците, со личен пример“, стои во отвореното писмо на партискиот претседател.
Тој бара Заев и Спасовски, независно што ВМРО-ДПМНЕ ги предлага овие мерки, да ги прифатат што побрзо, за доброто на сите граѓани.
Мицкоски воедно апелира граѓаните да купуваат македонски производи за да се спасат работни места во текот на оваа криза.
За оние кои мислат дека може да профитираат од кризата, вели дека треба да знаат дека ќе дојде време да се одговара за тоа кој земал злато и сребро на грбот на напатениот народ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Позитивна оценка за првиот круг од претседателските избори, забелешки за острата и негативна реторика од страна на ОБСЕ/ОДИХР
Првиот круг од претседателските избори беше конкурентен и гласачите можеа да направат информиран избор. Меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР во своите прелиминарни заклучоци со позитивна оценка, но со забелешка за острата и негативна реторика.
Шефицата на мисијата на ОБСЕ, Џилијан Стирк, на денешната прес-конференција посочи дека во кампањата биле почитувани основните слободи, процедурите во гласањето биле испочитувани во голема мера, додека, пак, во некои случаи избирачките одбори не ги завршиле целосно пропишаните процедури при пребројувањето.
„Основните слободи беа почитувани во кампањата, но како што се приближуваше денот на изборите, а границите помеѓу претседателската и парламентарната трка почнаа да се замаглуваат, реториката стануваше сè понегативна и во некои случаи дискриминаторска, одразувајќи ја политичката фрагментација и етничките поделби“, истакна Стирк.
Околу измените во Изборниот законик, истакна дека тие биле воведени преку процес на кој му недостасувало транспарентност и консултации со јавноста.
Беше потенцирана и недоволната застапеност на жените во кампањата, како и ограничениот ангажман на жените гласачи што, како што е посочено, ја покажува потребата од поголема посветеност на обезбедување нивна вклученост во политичкиот живот.
Во врска со распределбата на средствата за кампања беше нагласено:
„Поврзаноста на распределбата на средствата за кампања и медиумските можности со партиската припадност несразмерно ги фаворизираше кандидатите кои се поврзани со големите политички партии“, наведе Стирк.
Набљудувачката мисија ќе го проследи и вториот круг на претседателските избори заедно со парламентарните избори на 8 мај.
Македонија
(Видео) Николоски: Како носител на ИЕ 4 за мене најдрага е победата на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, во следните две недели ќе продолжиме да работиме уште поинтензивно
Денес продолжуваме со кампањата за парламентарните и претседателските избори, денеска се спојуваат повторно двете кампањи. Продолжуваме тука од Струмица каде што планираме големи проекти по формирање на влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Повикувам сите граѓани да ја прочитаат нашата програма Платформа 1198 каде што нудиме решенија за најкрупните проблеми на граѓаните, пред се во делот на владеење на правото и воспоставување на функционален систем на владеење на правото и правна држава, понатаму економскиот развој, решенија за состојбите во образованието и во здравството, поддршка за пензионерите, но и за најмладите преку проектот „Купи куќа“ и бројни други проекти кои што ги имаме во Платформата 1198, порача Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4.
„За нас е огромна привилегија поддршката која што ја добивме вчера, сметаме дека резултатот кој што вчера го постигна Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ е обврска во следните две недели уште поинтензивно да се среќаваме со сите кои што сакаат да се сретнат со нас, да го објасниме нашиот концепт и визија и да ја побараме поддршката. Очекувам на 8 мај да има убедлива победа за Гордана Силјановска Давкова и најмногу пратеници за ВМРО-ДПМНЕ кој што ќе овозможат стабилна влада која што нема да биде уценува од никого и кој што ќе овозможат во опозиција да одат и СДСМ, но и политичката партија ДУИ“, кажа тој.
Додаде дека е среќен како носител во ИЕ 4 што имаат победа во Струмица.
„Тоа мислам дека е голем сигнал не само за Струмица, не само за струмичката околија туку за цела Македонија. Победата за Струмица за мене е најдрага од сите победи вчера, сакам да се заблагодарам на тимот позади мене, во следните две недели ќе работиме уште поинтензивно за да имаме уште поубедлива победа и Струмица конечно да го добие она што го заслужува, а тоа е економски развој и воведување на функционална правна држава каде што ќе има јасно владеење на правото, а не она што се случуваше во годините наназад“, рече Николоски.
Македонија
Стојчевски: Родена е третата политичка сила во македонскиот политички блок
Даниел Стојчевски, носителот на листата на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија во ИЕ 2 истакна дека е родена третата политичка сила во македонскиот политички блок.
„Граѓаните испратија јасна порака. Изборното востание со својата незапирлива позитивна енергија се шири низ цела Македонија. На граѓаните им е доста од неказнета корупција,неправда,сиромаштија,лажни ветувања и криминална власт. Ние од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија,искрено и чесно сме посветени на идејата нашата татковина да ја иградиме како просперитена држава во која обединето живеат среќни граѓани ,и никогаш нема да дозволиме граѓаните да бидат поделени по политичка, етничка или верска припадност“, истакна Стојчевски.
Се заблагодари на подршката на граѓаните и гласот кој го дале за како што рече, просперитетна Македонија.
„Ви благодариме за довербата која ни ја давате, да стигнеме до нашата заедничка цел, да ја видиме Македонија таму каде што заслужува да биде“, посочи тој.