Македонија
Мицкоски – Едштадлер: Отворањето на пристапните преговори треба да биде што побргу
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, и секретарот за меѓународна соработка, Тимчо Муцунски, се сретнаа со Каролине Едштадлер, министер за Европа и Устав на Австрија.
На средбата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, како што информираат од партијата, ги афирмира добрите билатерални односи на Австрија со Македонија и се заблагодари за принципиелната поддршка за евроинтеграцискиот пат на нашата земја.
Мицкоски нагласи дека отворањето на пристапните преговори, без дополнителни услови надвор од основачките принципи на ЕУ, треба да биде што побргу. Истовремено, во Македонија се потребни суштински реформи во правосудниот систем и борбата против корупцијата, но, за жал, во последните години гледаме постојано назадување токму во тие области.
Мицкоски и Едштадлер разговараа за потребата од систематски реформи насочена кон правна сигурност, деполитизација на правосудството и јавниот сектор, како и зголемена економска и трговска соработка помеѓу Македонија и Австрија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе закон за забрана на увоз на тутун, за да се откупи македонскиот по повисоки и пристојни цени
Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4 денес заедно со кандидати и идни пратеници во новото македонско Собрание од општините Конче и Радовиш, беше во посета на капитални инфраструктурни проекти во општина Конче. Според Николовски, работата на градоначалникот покажува дека и во малите средини во Македонија може да се работи успешно и убаво доколку се има волја и доколку се работи чесно.
– Можам да кажам дека после изборите ќе има огромна поддршка за општина Конче со цел да се реализираат проектите кои што се од витално значење за сите оние кои што живеат овде. Тука е секако и поддршката на земјоделието каде што можеби и најбитната работа поврзана со земјоделието е тутунот кој што се одгледува најмногу во општина Конче. Планираме да го донесеме законот за тутун кој што два пати го поднесувавме во Собранието, но досегашното мнозинство на СДСМ и ДУИ го блокираше. А, причината зошто го блокираше е затоа што имаа бизнис интереси. Имено, со тој закон ќе се забрани увоз на тутун во Македонија со цел да целокупниот македонски тутун, македонското злато да се откупува по повисоки и пристојни цени, како би можеле сите земјоделци пристојно да живеат. Така што тоа е она наше основно ветување односно тутунот, рече Николоски.
Тој вети и зголемувањата на субвенциите за тутун, воведување на само три класи, а не како досега што има шест или седум класи зависно од откупувачите.
– Во делот на земјоделието планираме возобновување на сите водоснабдителни системи како и изградба на нови и комплетно нов систем на субвенции кој што ќе го врати достоинството на македонскиот земјоделец. А, тука ќе работиме интензивно и на она што е желба на жителите и на Конче и на општина Радовиш а тоа е носење на една поголема странска инвестиција која што треба да отвори нови и добро платени работни места за жителите на целиот овој крај, рече Николоски во Конче.
Тој повика граѓаните масово да излезат и на претседателските и на парламентарните избори оти тоа е клучно. Како што рече Николовски, со масовна излезност ќе може да се спречи оваа влада на СДСМ и на ДУИ, а двете политички партии да одат во опозиција и конечно да се удри во чело на криминалот и корупцијата во Македонија, да се воведе функционален систем на владеење на правото и Македонија економски да се развива.
Македонија
Пендаровски: Прифаќам дебата со сите противкандидати
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски ја прифати поканата на националниот јавен сервис за учество на дебата со сите противкандидати во претседателската трка, информираат од неговата кампања.
„Решив да ја прифатам поканата за заедничка дебата на националниот јавен сервис – Македонска радио телевизија, со оглед на тоа дека сите мои противкандидати ја прифатиле поканата да учествуваат во дебатата.
Дополнително, информирам дека останувам на претходно изнесениот став дека е потребно да се расветли случајот во кој имаше јавно изнесени индиции дека јавниот сервис бил користен за изработка на лажни анкети и дебати за рејтингот на политичките партии и кандидатите за претседатели, а со тоа и фабрикување на јавното мислење.
Останувајќи доследен на принципот на транспарентноста за мојата работа и како претседател и како кандидат за претседател во тековната кампања, ја информирам јавноста за овие прашања за кои имаше интерес изминатите денови“ изјави Пендаровски.
Македонија
Коалицијата ВЛЕН најавува спектакуларен митинг во понеделник на плоштадот Скендербег – не добиле дозвола на митинг на Плоштад Македонија
Шефовите на изборната кампања на Коалицијата ВЛЕН денеска ја информираа јавноста за централниот митинг што ВЛЕН (ВРЕДИ) планира да го одржи во понеделник на 22 април, 2024 година.
– За да бидеме максимално транспарентни пред граѓаните, сакаме да ве информираме дека, како што налага процедурата, поднесовме барање до Град Скопје за да го организираме централниот митинг на плоштадот Македонија, за сите да видат што значи извонреден митинг, со слободна волја и без притисок, додека корумпираната власт во бегство да види што значи народна поддршка, што тие одамна ја немаат, беше кажано на денешната прес конференција.
Од ВЛЕН (ВРЕДИ) информираа дека од Град Скопје се уште немаат никаков одговор на барањето да се одржи митинг на Плоштад Македонија, што тие го толкуваат како негативен одговор. Според шефовите на изборната кампања на претседателскиот кандидат Арбен Таравари, негативна одлука донеле градоначалничката Данела Арсовска, Блерим Беџети и Левица кои се во коалиција. Причината за тоа, според нив е обид да ја спречат коалицијата ВЛЕН да го организира централниот митинг поради, како што рекоа, големата поддршка што ја има ВЛЕН (ВРЕДИ) од граѓаните.
– Секој одговор што ќе дојде во понеделник ќе биде закаснет и тенденциозен поради краткото време за организирање. Но, ние не остануваме со скрстени раце, заедно со нашите структури и народ, решивме да ја завршиме оваа исклучително позитивна кампања за претседател нигд едруго освен овде, на нашиот плоштад, на плоштадот што гоноси името на нашиот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербеу, да ја најавиме победата на Коалицијата ВЛЕН, со голем собир!, рекоа од ВЛЕН нагласувајќи дека централниот митинг ќе се одржи во Скопје, на плоштадот Скендербег, на 22 април, понеделник, во 20:30 часот.