Македонија
Мицкоски: Насилничкото туркање на законот за Јавно обвинителство ја потврдува намерата на Заев за бегство од одговорност
Насилничкото и шверцерско туркање на законот за Јавно обвинителство ја потврдува намерата на Зоран Заев за бегство од одговорност за скандалите, криминалиите и аферите кои се врзуваат со основани сомнежи за злоупотреби и стравот на власта од пораз на изборите, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Прво, Заев со законот за Јавно обвинителство со кој се сака да не важат прислушуваните разговори спроведува операција за амнестија, и тоа амнестија лично за Зоран Заев и членови на неговото семејство, амнестија за раководството на неговата партија и функционери од коалициската влада за кои постојат сомнежи дека се силно инкриминирани во нелегални активности и амнестија конечно за помал дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, поточно за оние кои се во негово заложништво и решија да одработуваат за негови интереси“, рече Мицкоски.
Според него, со новиот закон се устоличуваат, како што рече, егзекутори на наредбите на Заев во обвинителството, Русковска и Јовевски, кои сега се предлага да може да се сменат исклучиво со 2/3 мнозинство од Советот на јавни обвинители, во услови кога знаеме дека Советот поради партизираноста која ја направија е под директна контрола на СДСМ. Ова е типичен пример на монархистички закон. Според Мицкоски, Русковска и Јовевски му требаат на Заев да продолжат да ги исполнуваат неговите наредби и за да продолжи селективната правда и амнестија на криминалот.
Трето, додаде Мицкоски, на секој еден правник му е совршено јасно дека станува збор за противуставен закон.
„Закон со кој ќе се спроведува селективна правда, односно неправда, каде прислушуваните материјали нема да важат за Заев нему блиските соработници и слуги, но за други ќе важат“, рече тој.
Тој вели дека ако е вистина она што го кажал денеска пратеникот Груби дека се бара бадинтер за избор на државен јавен обвинител е, како што рече, исто така уште еден еклатантен пример како Владата го крши Уставот.
„Бидејќи согласно Уставот, амандманот 30 јасно се кажува како се избира државен јавен обвинител и како се реизбира. Тука не е предвиден бадинтер“, рече Мицкоски.
Според него, Заев со овој закон покажува страв дека се плаши од разговори кои ќе го докажат неговиот криминал, и сега сака тоа да не биде користено за доказ при судска постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предизборен молк пред утрешните претседателски избори, денеска гласа дијаспората, болните и затворениците
Започна предизборниот молк пред утрешните претседателски избори. Молкот завршува на 24 април во 19 часот, кога се затвораат избирачките места.
Денеска ќе гласаат избирачите запишани во посебниот извод од избирачкиот список, односно дијаспората, затворениците, лицата во старските домови, болните и изнемоштени и внатрешно раселените лица.
Гласањето за претседател започна во саботата, први гласаа членовите на избирачките одбори кои отпатуваа да го спроведат гласањето во дијаспората.
Во посебниот извод од избирачкиот список се запишани 191 избирачи кои треба да го спроведат гласањето во дијаспората.
Во дипломатските претставништва и конзуларни канцеларии треба да гласаат наши граѓани кои живеат во странство а кои се пријавиле за гласање.
Право на глас имаат 1.814.317 гласачи запишани во единствениот избирачки список. Избирачките места се отвораат во 7 часот, а гласањето трае до 19 часот. Се гласа на 3480 избирачки места во целата земја.
Скопје
Петровец, Сарај, Карпош, Кисела Вода и Центар денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе останат делови од општините Петровец, Сарај, Карпош, Кисела Вода и Центар.
· од 8.30 до 14.30 часот корисниците од селата Кожле и Бадар, како и тунелот кај Катланово на автопатот Велес – Скопје (општина Петровец);
· од 9 до 11 часот корисниците од село Кондово (општина Сарај);
· од 9 до 11 часот корисниците од делови од улиците Вич и Разловечко востание (општина Карпош);
· од 9 до 12 часот корисниците од делови од улиците Иван Козаров и Тоне Томшиќ. (општина Кисела Вода);
· од 9 до 15 часот корисниците од дел од улицата Максим Горки, односно објектите во околината на Домот на градежниците (општина Центар);
· од 11 до 13 часот корисниците од дел од улицата Орце Николов, поточно објектите во околината на куќните броеви 155 и 156 (општина Карпош)
Македонија
Време денес повремено со пороен дожд и грмежи, температурата ќе достигне 14 степени
Вренето денес ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (и над 20 л/м²) и поројни, проследени со грмежи особено во западните и јужните делови од земјата. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степен.
Во Скопје облачно со повремени врнежи од дожд повремено пороен и проследен со грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 14 степени, јавува УХМР.
Ветерот долж Повардарието ќе продолжи да засилува и во среда. Во среда и четврток ќе има локална појава на повремено пороен дожд и услови за грмежи. Потоа следи период на претежно стабилно и постепено потопло време.