Македонија
Мицкоски: Најавуваа правда и мир, а донесоа рекет и криминал
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати пред жителите на Кривогаштани, на кои им ја претстави изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните четири години.
Мицкоски потенцираше дека ова се можеби најважните избори од осамостојувањето на земјава, бидејќи на овие избори ќе се донесе одлука дали Македонија да ја биде или не. На овие избори народот ќе бира помеѓу гордост, чест и достоинство или неправда, криминал и корупција.
„Кривогаштани масовно ќе излезе на гласање и ќе го заокружи бројот 14. Уверени сме во мудроста и одлучноста на народот кој недвосмислено сака обнова на Македонија. СДСМ ја понижи интелегенцијата на народот со манипулациите кои ги шири веќе речиси четири години. Дрско манипулирање со народот, лаги, невистини и многу криминал. Тоа е се што остави СДСМ за речиси четири години. Зоран Заев ја потона Република Македонија во политичкото мочуриште. Ја втурна во криминал, корупција, уцени и рекет. На сето ова мора да му дојде крај и тој ќе се случи за неколку дена.
На 15-ти јули во Кривогаштани и во цела Република Македонија ќе победи ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е јасно. Македонскиот народ секогаш се сплотувал кога било најтешко. Така ќе биде и сега. Без разлика на етничката припадност на граѓаните, сепак ќе се сплотат, бидејќи Македонија мора да победи. Најавуваа правда и мир, а наместо тоа донесоа рекет и трас трас судски одлуки. Го заробија судството и обвинителството за политички да се пресметуваат“, рече Мицкоски и додаде:
„Го променија првото уставно знаме на Република Македонија и за тоа немаше одговорност. Потоа дојде територијалната распределба за која исто така никој не одговараше, а на сметка на тоа се лажеше дека ќе има вработување во секое семејство. Лажеа и тогаш, лажеа и денес.
Мицкоски истакна дека СДСМ е вмешан секогаш кога треба да се посегне по национален идентитет, како што беше промената на уставното име на Република Македонија. Срамен и беден чин.
ВМРО-ДПМНЕ макотрпно работеше на читанката на речена Проект – Обнова на 360 страни, во која има над 1000 проекти и мерки за секој еден граѓанин. Таа читанка е иднината на Република Македонија. Во неа ќе најдете 25% зголемување на просечната плата, 20% зголемување на пензиите, 4 милијарди инвестиции во еден мандат, 640 милиони евра субвенции за земјоделците, стапка под 10%, ослободување од партиципација на студентите и уште многу мерки кои ќе го олеснат животот на граѓаните.
Таа програма е изработена од врвни професионалци, луѓе од партиските структури, од вас граѓаните и од секој кој истакнал желба да помогне. Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ има и дел во однос на историјата на Република Македонија и односите со соседите. Децидно кажуваме дека Гоце Делчев е Македонец и ништо поинаку од тоа.Се обврзуваме да ја чуваме Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ќе ја чува Република Македонија се додека постои партијата, а таа ќе постои вечно.Ваш носител на листата во ИЕ4 е Александар Николоски. Тој е чесен и честит човек, човек на партијата од најмлади години, докажан патриот. Беспрекорен работник и човек од народот.На 15-ти јули Кривогаштани ќе гласа за број 14 и за носителот Александар Николоски.Кривогаштани ќе гласа за ВМРО-ДПМНЕ“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема да има работни саботи за учениците, МОН донесе нова одлука
Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање, 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ во Скопје, наместо во саботи, ќе се надомести во работни денови.
Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, велат од МОН.
Од Министерството потсетуваат дека наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, додека за учениците од основните училишта до 17 јуни.
„Потребно е да го зачуваме најдобриот интерес на учениците, а тоа подразбира тие во целост и квалитетно да ја совладаат предвидената наставна материја“, додаваат од МОН.
Македонија
Со супервештачење ќе се бара вина кај лекарите за родилката од Дебар, која, по породувањето, се врати дома без јајчник, матка и бубрег
Судот нареди да се направи супервештачење за родилката од Дебар, Јалдз Веапоска, на која по породување во струшката болница ѝ беа извадени јајчник, бубрег и матка. Наредбата за супервештачење доаѓа откога судот доби целосно спротивни вештачења од Обвинителството и од одбраната. Вештачењето од Институтот за судска медицина, приложено од Обвинителството, посочи одговорност кај лекарите од струшката болница, а вештачењето нарачано од одбраната, кое го направи вештакот Драге Дабески, заклучи дека лекарите ѝ го спасиле животот на родилката.
„Со супервештачењето верувам дека, конечно,. вистината ќе излезе на виделина и правдата ќе биде задоволена. Вештакот на одбраната не најде лекарска грешка, ме убедува дека со вадење три органи по породувањето со царски рез, ми го спасиле животот иако вештачењето од Судска медицина покажа дека лекарите имаат вина. Јас здравјето не можам да си го вратам, органите ми се извадени и функционирам како половина човек, но очекувам супервештачењето на лекарите да им покаже дека има лекарска грешка и на пациентите да им порачам дека не треба да молчат, треба да се охрабрат и да се борат за вистината“, вели Вепоска за „Макфакс“.
Се пожали дека секое судење дополнително ја исцрпува, а извадените органи ја ограничуваат во мајчинството, во работата и во секојдневниот живот.
„Здравјето целосно ми е нарушено. Освен физички, имам и психички проблеми, се лекувам и од тоа. Особено тешко ги поднесувам судењата, ми треба време да закрепнам од нив. Работам со скратено работно време оти немам сила за осумчасовна работа. Како мајка не можам да им се посветам на децата онака како што треба оти постојано имам здравствени проблеми, еве сега тукушто ја испив терапијата“, рече Веапоска по денешното судење.
Судијата Јодран Јованов, кој го побара супервештачењето, е трет судија што го добива нејзиниот случај откога претхдните двајца се пензионираа. Следното рочиште е закажано за 3 јуни кога Вепоска очекува да биде готово и супервештачењето.
За извадените органи по породувањето со царски рез на Веапоска, обвинети за несовесно лекување се гинекологот Мухамед Асани, кој во 2020, кога беше направено породувањето, беше директор на болницата, син му Блертон Асани и докторката Лилјана Јовановска.
Македонија
МВР, ЈО и АНБ комплетно подготвени за претстојните претседателски избори
Во врска со претстојните избори, денеска, во просториите на Министерството за внатрешни работи, министерот Панче Тошковски одржа состанок, на кој присуствуваа дополнителниот заменик-министер Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Зарко Милошевски, републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, и претседателот на комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење евентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами.
На состанокот министерот Тошковски најпрвин се заблагодари за одвоеното време и досегашната успешна соработка на сите фактори одговорни за безбедно спроведување на изборниот процес и потенцира дека досега не се констатирани посериозни активности, кои се насочени кон нарушување. Исто така, побара од присутните секој во својот делокруг да сподели информации што се од интерес за спроведувањето на изборите и начинот на кој ќе постапуваат институциите за време на изборниот ден.
Од страна на дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Бојмацалиев, беше потенцирана тенденцијата од година на година да имаме сè помирни избори, со исто очекување за годинешните изборни процеси, бидејќи МВР е подготвено да биде на висината на задачата да спроведе уште едни фер, слободни и демократски избори по европски терк.
Од страна на директорот на БЈБ беа презентирани информации во врска со оперативната акција претседателски и парламентарни избори 2024 година и во таа насока посочи дека од страна на оперативниот штаб и сите надлежни организациски единици се преземени сите потребни мерки и активности врз основа на претходно изготвен план и притоа не се констатирани никакви позначајни проблеми.
Од страна на АНБ се преземаат организирани и координирани мерки за прибирање сознанија за евентуални изборни нерегуларности, а во насока на безбедно спроведување на изборите.
Републичкиот јавен обвинител, претседателот на комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење вентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами, јавните обвинители на сите виши јавни обвинителства и основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје информираа за активностите во рамките на Обвинителството, каде што определени се зајакнати дежурства за изборниот ден за покривање на целото подрачје на државата и со будно внимание ќе се следи процесот и навремено ќе се известува за сите настани и активности што се од интерес на јавноста, а поврзани со спроведувањето на изборите.