Македонија
Мицкоски од Ѓорче Петров: Никој веќе не верува во шарените лаги на Заев
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари средба со граѓани и членови на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорче Петров. Мицкоски пред присутните истакна дека изминува една загубена година за граѓаните и за државата при што нема напредок ниту, пак, граѓаните живеат подобро, се владее со лаги и измами.
„Имаме една година полна со лаги. Имаме една година полна со нереализирани ветувања, со неисполнети очекувања. Имаме една година позади нас каде што се изгуби она ветување за 500 евра просечна плата, се изгубија оние 100 000 денари ветувања за специјалистите доктори, се изгубија поголемите субвенции за земјоделците, се изгубија поголемите стипендии за младите луѓе, се изгубија сите оние средства коишто треба да бидат одвоени за подобрување на стандардот на младите луѓе, се изгубија ветувањата за поголеми пензии за пензионерите, се изгубија ветувањата за што уште не, а тоа е така затоа што не знаеја што ветуваат, ветуваа напразно и ветува само шарени лаги“, истакна Мицкоски.
Тој посочи пред присутните дека во периодот што следува власта засилено ќе се заканува, но тоа нема да ја поколеба ВМРО-ДПМНЕ.
„Во периодот што следува ќе се обидат понижувањето да ви го претстават како национална победа. Ќе се обидат сите нас политички да нè депримираат со нивната таканаречена политичка репресија. Но, ние сме луѓе коишто тоа не смееме да го дозволиме. Не смееме да го дозволиме затоа што од нас зависи каква иднина сакаме да имаме, дали сакаме да имаме иднина полна со шарените лаги на Зоран Заев и групата околу него или сакаме да ја направиме Македонија технолошки тигар на Балканот. Дали сакаме да имаме судство комплетно под чизмата на Зоран Заев или сакаме да имаме судство коешто ќе биде независно и судство кое ќе служи по мерид-систем. Дали сакаме да имам образовани луѓе, луѓе коишто ќе бидат конкурентни на пазарот или сакаме да имаме образование кое ќе ги фингира желбите на Зоран Заев и групата околу него. 2 јуни е денот кога сите ние треба да ја почнеме нашата битка против сите оние лажни ветувања на Зоран Заев, против сите оние неостварени очекувања“, истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека владата доживува економско фијаско, но и дека се покажа дека ветувањето за 500 евра плата е голема лага.
„Не така одамна пред мене седеше и велеше ЌЕ има Македонија 30 000 денари секој граѓанин просек плата еве јас ви ветувам, еве тука седам пред тебе и ќе го исполнам тоа ветување, а притоа заборави да каже дека неколку дена претходно истиот тој Зоран Заев заедно со неговите министри донеле еден документ и го нарекле фискална стратегија. Во тој документ вели во 2018 година номиналната нето-плата ќе расте за 4 проценти, а во 2019 и 2020 година номиналната нето-плата ќе расте за 4,4 проценти. Имајќи предвид дека во декември 2017 година просечната плата во Македонија беше 23 850 денари, ако ја помножиме со овие ставки коишто неговиот министер за финансии ги донел, неговата влада ги усвоила и да немаме предвремени парламентарни избори кога е крајот на неговиот мандат, просечната плата во Република Македонија нема да биде повисока од 27 илјади денари. Тоа е и уште една лага и затоа не само што лаже, туку сите таму собрани заедно сушат од лажење“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Богојески: Хејтери во политиката ми го злоупотребуваат прекарот Бунтур наследен од прадедо ми од Илинденското востание
Колку време трае кампањата за претседателските, а сега и за парламентарните избори, толку време сум мета на напади и говор на омраза од политичките противници, реагира Петар Богојески, лидер на партијата Македонски концепт која на претстојните избори е дел од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Многумина од политичарите, Богојески вели дека во кампањата му го злоупотребуваат прекарот Бунтур, наследен од прадедото.
„Родум сум од Крушево, но малкумина знаат дека сум директен внук по машка линија на Димитар (Миту) Бунтурот, ополченик и борец за ослободување на Македонија во Балканските и Првата Светска војна за што е носител на златен медал за храброст. Внук сум на Петар Богојески – Бунтурот, чие име го носам, учесник во НОБ на Караорман и носител на златен медал на трудот на Југославија. По мајчина линија, пак, внук сум на првоборецот Кицо Петрески, загинат на Сремски фронт и на Борис Петрески, ранет на истото место. Од таму доаѓа и мојот прекар Бунтур, кој често во јавноста се злоупотребува од хејтери во политиката“, вели Богојески.
Нападите, Богојески уверува дека нема да го вратат од намерата за „рестарт на Македонија“ по изборите, но нагласува дека не може да ја разбере фрустрацијата на оние кои секојдневно го навредуваат на лична основа.
„Кратко истражување на јавниот простор веднаш ги отркива фактите и честите деманти на скоро сите обвинувања. Последните клевети за ‘примање мито’ за да се вклучиме во Коалицијата ‘Твоја Македонија’, создавањето на лажни профили со моето име и споделувањето лажни изјави и сл. се веќе основ за вклучување на ОЈО во целиот процес. Буквално освен клевета и навреда, украден ми е личниот идентитет и во мое име се објавуваат лажни изјави, што е кривично дело. Зошто токму јас сум предмет на тие хибридни напади? Кој се плаши од мојата вистинска факторизација на политичката сцена во земјава“, рече Богојески.
Како трагикомична Богојески ја оцени последната клевета од вицепремиерот и главен активист на ДУИ, Артан Груби, кој го обвини Македонски Концепт за „руска партија“. „Тоа веќе е трагикомично, со оглед на јавните прозападни ставови на мојата партија, години и години наназад. Но зошто токму ДУИ толку многу се плаши од Македонски Концепт? Дали мојата чистота како човек, моето потекло и бескомпромисното поведение на борец за каузата се причина за тој страв кај ДУИ?“, прашува Богојески. Како сопруг и татко на две деца вели дека не му е сеедно што политичката пресметка со навреди завршува и пред очите на неговото семејство па јавно прашува дали е тоа нивото на македонската политика или се може и подобро.
ПР текст
Македонија
СДСМ Прилеп: Кривична пријава за градоначалникот Јовчески заради незаконски потпишан анекс на Договор за јавна набавка
Заради постоење основи за сомневање дека со склучувањето анекс на Договорот за јавна набавка од 27.03.2024 година со фирмата ЕЛЕКТРО – ТОЧИЛА ИНЖЕНЕРИНГ увоз-извоз ДООЕЛ Прилеп, градоначалникот на Општина Прилеп Борче Јовчески направил повреда на законските одредби од Законот за јавни набавки, Општинската организација на СДСМ Прилеп против Јовчески поднесе кривична пријава за сторени кривични дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Несовесно работење во службата“, истакна на денешната прес-конференција, Моника Грашеска Илиеска, координатор на советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот на Општина Прилеп.
Она што треба да се истакне, според неа, е дека услугата за која бил склучен анексот воопшто не била опфатена со Програмата за јавно осветлување на Советот на Општина Прилеп за 2024 година, со што градоначалникот Јовчески извршил фаворизирање на фирмата „ЕЛЕКТРО – ТОЧИЛА ИНЖЕНЕРИНГ“.
Дополнително, како што вели, спорниот анекс во висина од 998.614,00 денари бил склучен на 27.03.2024 година, односно за време на мандатот на преодната Влада, што значи дека постоела законска пречка за спроведување јавни набавки кои не биле внесени во Планот за јавни набавки.
„Советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот на Општина Прилеп, подолго време укажуваше на низа неправилности во практикувањето на функцијата од страна на градоначалникот Борче Јовчески, на локалната самоуправа и јавните комунални претпријатија.
Сето тоа доби на интензитет со распишувањето на претстојните двојни избори и со паничниот обид на прилепските локални власти, спротивно на законите, со редица коруптивни договори да дојдат до глас повеќе.
Посочениот пример со потпишаниот анекс со „ЕЛЕКТРО – ТОЧИЛА ИНЖЕНЕРИНГ“, заради кој градоначалникот Јовчески ја заработи кривичната пријава, е слика и прилика на криминалното и насилничко владеење на ДПМНЕ на секое ниво“, вели таа.
Македонија
Спасовски од Куманово: Ја исправивме децениската неправда кон стечајците,
Носителот на листата за ИЕ2 на Коалицијата За европска иднина, Оливер Спасовски, денеска се обрати на прес конференција која се одржа во Куманово. „Време е за подобро и повеќе“ – порача Спасовски, додавајќи дека тоа практично значи имплементирање на европските стандарди во сите сегменти на живеење.
„Откако одговорно и државнички ја утврдивме визијата за иднината на нашата држава, од која нема откажување, го ставаме фокусот одново на граѓаните, а мерките и политиките кои ги испланиравме преставуваат одговор на нивните потреби и барања. Бидејќи секој еден е важен! И сите, без исклучок, под ова парче небо заслужуваат еднаква шанса за подобар живот! Сите сме свесни дека вистински промени може да се случат само со влез во европското семејство. Членството во ЕУ ни е потребно за да можеме побрзо и поефикасно да ги исправиме системските грешки правени низ годините наназад и да го подобриме квалитетот на животот“, рече Спасовски.
Тој појасни дека процесот на преговори со ЕУ ќе ги донесе европските вредности во сите сфери на општеството, а целта е да се изгради вистински хумано општество за сите, како продолжение и надградба на воспоставениот концепт „Едно општество за сите!“.
„За СДСМ социјалната правда била и останува врвен приоритет во политичкото и институционалното дејствување. Нам секогаш ни биле важни луѓето, наспроти стиропорните фасади, споменици и обнова на режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го покажавме и со законското решение со кое во изминатиот мандат го решивме деценискиот проблем на стечајците. Ја исправивме долгогодишната неправда која им беше нанесена на овие наши сограѓани. Тие претходно со години се соочуваа со мачни постапки, поминаа вистинска голгота талкајќи низ улиците во потрага по своите права. И цела деценија беа бесчувствително игнорирани и манипулирани од тогашните креатори на политики“, потсети Спасовски, истакнувајќи дека речиси 13.000 лица кои останале без работа поради стечај, ликвидација и како технолошки вишок во претпријатијата во доминантна сопственост на државата, добија соодветен месечен надоместок, односно право на материјално обезбедување, во висина од 34% од просечна плата по работник до пензионирање или до повторно вработување.
Имено, од 2017 година беа донесени неколку законски решенија за материјален надомест на стечајците, според најдобрите европски практики, кои постојано беа прилагодувани на нивните потреби.
„Нашата цел беше да им овозможиме на овие наши сограѓани достоинствен живот и притоа да опфатиме што е можно повеќе лица. И не само што успеавме во тоа, туку покажавме и дека наместо гол ПР и пропаганда, ние изнаоѓаме системски решенија за проблемите на граѓаните. СДСМ уште еднаш докажа дека е одговорна партија која континуирано се грижи за сите граѓани, го враќа достоинството и гради фер и праведно општество“, истакна Спасовски на прес конференцијата.
Тој додаде дека во изминатиов мандат солидарноста беше вградена во сите владини политики и мерки, а правичното општество ќе продолжи да се надградува и во текот на преговорите со ЕУ, преку неминовните реформи кои ќе обезбедат европски квалитет на живеење за сите граѓани и достоинствени услови за ранливите категории.
„Сега, кога исполнувањето на европскиот сон ни е на дофат на раката, нема откажување од иднината!“, порача Спасовски од Куманово.