Македонија
Мицкоски предизборно ветува четири клинички центри и за 20 отсто повисоки плати во здравството
Четири клинички центри, реконструкција на болници и повисоки плати во здравството, најави денеска предизборно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Се обврзуваме на обнова која ќе значи изградба на капитален проект за воспоставување на национална мрежа на 4 нови клинички центри што ќе подразбира нов квалитет во македонското здравство. За првпат досега интегриран систем од 4 клинички центри и тоа: Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“; Универзитетскиот Клинички Центар „8 септември“, кој што практично планираме да го трансформираме во Клинички Центар кој е планирано да работи под административна капа на Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“; воспоставување на Универзитетска клиничка болница Штип што ќе опфати подигнување на нивото на сегашната болница; воспоставување на Универзитетска клиничка болница Тетово“, рече Мицкоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат и обнова која ќе опфати реконструкција на болниците во Велес, Кичево, Струмица, Струга и Битола, реконструкција и модернизација на Универзитетска клиника за Хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје, односно Градската Болница, како и нов модерен ургентен траума центар.
Како што кажа Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ по победата на изборите би обезбедило 20 отсто повисоки плати во здравството за сите.
„Предвидуваме линеарно во еден четиригодишен мандат континуиран раст од вкупно 20 отсто на платите на лекарите, стоматолозите, средниот медицински персонал и техничкиот и административниот персонал“, рече Мицкоски.
Истовремено, додаде првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш во првите 100 дена планираат да интервенираат во законот, каде што ќе се овозможи на медицинскиот персонал, лекарите, техничкиот персонал заедно со лекарите да можат покрај услугите кои што ќе ги даваат во државното здравство, да даваат услуги и во приватното здравство. И обратен процес, да може лекарите кои што даваат услуги во приватното здравство да можат да даваат услуги во државното здравство.
Меѓудругото, Мицкоски најави и ревидирање на позитивната листа, односно повеќе бесплатни лекови за ранливите групи, како и целосна дигитализација на рецепти, упати, извештаи и резултати. ВМРО-ДПМНЕ се залага и за зајакнување на дежурните служби и итна медицинска помош, а дел од ветувањата е и ослободување од административни процедури на матичните лекари.
„Се обврзуваме на обнова преку која ќе изградиме Здравство ориентирано кон пациентите. Затоа ќе донесеме Национална здравствена стратегија заснована на следните постулати: Зајакнување на јавното здравство – заради тоа што лекарите и здравствените работници треба да останат во Македонија и тука во јавното здравство; Зајакнување на примарното здравство, стоматологијата и превентивата; Оптимизација на здравствениот систем, ориентиран кон бенефит за пациентот; и конечно Нулта корупција во здравството, која што ќе опфати како заклучок Интегрирање и функционално реорганизирање на здравствените единици“, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.