Македонија
Мицкоски: Со СДСМ се договоривме за изборниот законик, а потоа ни се јавија да ни кажат дека тоа не важи
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека пред да замине за Париз, имале низа средби со СДСМ на кои се договорале околу измените за изборниот законик. Пред посетата во Франција, вели Мицкоски, практично завршила последната рунда на преговори каде што биле договорени заедничко соопштение и текст, а само две работи не биле јасни.
„Ние заземавме став на барање на преговарачкиот тим на СДСМ – еве вие договорете се во партија, како ќе договорите за било кое од тие две работи, ние ќе прифатиме. Потоа ни се јавија и ни кажаа дека сепак тоа што ние сме го договориле, не сме го договориле. Не можеле да го прифатат бидејќи тоа било премалку политички за нив“, вели Мицкоски.
Според Мицкоски, на средбите било договорено дека сега нема време за измени оти се ближат парламентарните избори и остануваат уште неколку недели до техничката влада, а по завршувањето на изборите треба да се седне и да се преговара за измена на Изборниот модел.
„Како втора точка да се разговара и да се отворат преговори за примена на преференциалниот модел којшто патем речено никој не го пробал, еве функционира во Косово и гледате дека еден месец ги броеја гласовите, каде што имаше три пати повеќе неважечки ливчиња. Но, велиме ајде еве да го видиме преференциалниот модел како би функционирал на следните локални избори од аспект на советничките листи. Имаше два заклучока, и им рековме еве изберете, консултирајте се вие во партија, како ќе каже Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, бидејќи друг преговара., и кажете ми каков тој заклучок ќе биде. Потоа, ни се јавија и ни рекоа – ова е премалку за нас, се откажуваме. Заеднички го договоривме, заеднички се сложивме, еве ајде да видиме. Но, тоа не е прв пат, така беше и за законот за јавно обвинителство, така е и сега, немаат стратегија, конфузни се, збунети се внатре, она што навистина можам да го кажам е разочарување. И потоа го гледам кажува зошто сме поднеле толку амандмани. Па кој менува Изборен закон на три месеци пред избори. Кажете ми еднаш во која нормална демократска земја која што претендира да биде земја членка на ЕУ се случуваат такви работи“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
В недела посебен сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи известува дека на 31.3.2024 (недела), со почеток во 9 часот, поради одржување атлетска трка на 10 км, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот на манастирот „Св. Пантелејмон“ и обратно, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот.
Македонија
Левицата: Решението за градба кај болничкиот комплекс Воена болница да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.
Македонија
Инспектори затекнале диви менувачници на Бит-пазар, но наместо да ги запечатат, им дозволиле да работат
Полицијата поднесе кривична пријава против шест инспектори, вработени во Државниот пазарен инспекторат, и тоа: С. Б. (32), Ј. Р. (54), В. М. (47), Б. С. (46), С. С. (61) и Р. Б. (37), сите од Скопје, поради злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Во текот на март и април 2023 година, вршејќи контрола кај три менувачници, лоцирани во близина на Бит-пазар, а за кои било утврдено дека не биле регистрирани како фирми и не поседувале лиценци издадени од НБРМ за вршење менувачко работење, но подолг временски период работеле како менувачници, инспекторите на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот, како и да им изречат глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра во денарска противвредност.
Но, пријавените пазаришни инспектори ги прекршиле сите одредби од наведениот закон и во три извршени вонредни инспекциски надзори на затекнатите лица во сите три објекти како менувачници ниту им издале решение за забрана за вршење нерегистрирана дејност, ниту им ги запечатиле просториите во кои ја вршеле противзаконската активност, ниту им ги одзеле средствата, предметите и опремата со кои е направен прекршокот ниту, пак, им изрекле глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра.
Напротив, во сите три извршени вонредни надзори на сите три менувачници на секој од сопствениците им изрекле еднократна глоба во износ од 80 евра во денарска противредност и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат, со што постапиле спротивно на законот за забрана и спречување вршење нерегистрирана дејност и со неизвршување на својата службена должност го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.