Македонија
Мицкоски – Јанша: Македонија во овие тешки времиња има пријатели и подадена рака
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари телефонски разговор со премиерот на Република Словенија и претседател на сестринската партија СДС, Јанез Јанша, со кого разговараше за актуелната здравствена и политичка состојба.
Мицкоски ја пренесе својата загриженост за сериозноста на состојбата со корона-заразата и со растечкиот тренд на новозаразени и починати што Република Македонија ја става убедливо на првото место по бројот на заразени и починати на жител во состојба кога таа бројка во регионот драстично опаѓа. Во исто време ја истакна и пожртвуваноста на лекарите и медицинскиот персонал, кои се непосредно во првата линија на борба против короната, како и натчовечките напори што тие ги даваат наспроти сериозните недостатоци во креирањето мерки и начинот на нивното спроведување.
Разговараа за словенечките искуства во справувањето со корона-кризата и фактот што Словенија беше првата европска држава која прогласи победа над вирусот. Токму затоа Мицкоски побара од премиерот Јанша да испрати тим од доктори и експерти од Словенија, кои ќе дојдат во Македонија и ќе помогнат во пренесување на своите искуства и знаења во надминување на корона-кризата. Премиерот Јанша веднаш се согласи да испрати помош доколку за тоа постои волја кај македонските здравствени власти, тим од врвни доктори, кои ќе ни помогнат во справување на состојбите.
„Во таа насока претседателот на ВМРО-ДПМНЕ има остварено и разговор со министерот за здравство, Венко Филипче, кој го запозна со идејата и подготвеноста на премиерот Јанша да помогне. Тој ја прифати идејата и изрази уверување дека ќе обезбеди комуникација со словенечкото Министерство за здравство за реализација на хуманата идеја.
Благодарност до Република Словенија и премиерот Јанез Јанша што повторно излегуваат во пресрет и поддршка на нашата земја. Мицкоски ќе продолжи во рамките на неговите сили и можности да се борби за заштита на здравјето на нашите граѓани и справување на комплицираната здравствена состојба. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, апелира до Владата да ги искористи своите контакти и позиции и да доведе меѓународна помош, која е добредојдена во овие моменти. Бројките се поразителни и укажуваат на тоа дека ни е потребна итна помош. Колку побргу се признае тоа, толку повеќ еживоти ќе се спасат“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Куманово не се гласа на три избирачки места, на едното се изгубил печатот
Прекин на гласањето има на три места во Куманово, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски.
Како што појасни, на едното бил изгубен печатот. На останатите две, биле направени обиди да се замени уредот за биометриска верификација, пришто гласањето во едниот случај продолжило па прекинало, а во вториот не продолжило.
„Тоа се трите места за коишто имаме добиено писмено известување. Ќе видиме вечер за што точно се работи и ќе одлучиме“, рече Даштевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Од ДИК појаснуваат дека се работи за прекин за повеќе од три часа, додека онаму каде што имало помали прекини, гласањето ќе се продолжи за онолку време колку што било прекинато.
На сите останати гласачки места, гласањето тече нормално и мирно, додаваат.
Пред полноќ се очекува да бидат обработени над 50 отсто од гласовите и ДИК да ги објави првичните неофицијани резултати.
Во однос на информациите за починати луѓе на избирачкиот список од ДИК обазложија дека оние коишто ќе починат 30 дена пред гласњето ги има на избирачкиот список, бидејќи тој е веќе заклучен. Велат дека списокот се ажурира неколкупати годишно во координација со Управа за водење на матични книги.
Македонија
Одѕивот до 17 часот изнесува 44,18 отсто – за околу 9 проценти повеќе во споредба со претходните претседателски избори
До 17 часот во првиот круг од претседателските избори, своето право на глас го оствариле 397.612 избирачи, или 44,18 отсто.
Како што соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, засега најголема е излезноста во Новаци, каде гласале 67,19 отсто, а најмала во Пласница – 15,5 отсто.
Засклучокот е дека гласањето се одвива мирно.
Во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2019 година, до 17 часот, излезноста е поголема за околу 9 отсто.
Досега до ДИК се доставени 308 приговори, од кои 85 се усвоени, 27 отфрлени како неуредни, а 38 се одбиени. Останатите се во процес на обработка.
Македонија
Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати
Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки ливчиња додека го остварувале своето право на глас, објави МВР.
-Во 11.10 часот е пријавено дека во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место број 1602 С.А. од с.Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место бр.0006 во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, се наведува во извештајот на МВР.