Култура
МКЦ за испумпувањето пари од сметката: Секоја исплата оди преку Град Скопје
Од Младинскиот културен центар (МКЦ) не е возможно незаконски да се испумпуваат пари оти секоја исплата оди преку Град Скопје, а ревизијата на финансиското работење градоначалничката Данела Арсовска слободно можела да си ја направи од таму оти ја има истата документација како што ја има и институцијата, појасни денес програмскиот колегиум на МКЦ. Вработените на полчасовна прес-конференција одговорија на вчерашните обвинувања од градоначалничката. За плаќањето шанкери по 750 евра месечно, велат дека е малициозно на таков начин да се потцени нивниот труд.
„Малициозни се изјавите со кои се потценува трудот на овие млади луѓе во градот, драгоцени, кои сè уште се трудат да останат овде и чесно да си ја заработат својата дневница. Понекогаш работат и по 12 саати и на фестивали опслужуваат и по 1.000 и 2.000 луѓе. Навистина ни е жал да ги потцениме нивниот труд и работните одговорности што ги имаат во текот на работењето“, велат од програмскиот колегиум во МКЦ.
Тие уште еднаш посочија дека буџетот на институцијата е скратен наспроти тврдењата на градоначалничката дека нема кратење.
„До одржување на прес-конференцијата вчера, ние на располагање го имавме овој документ – а тоа е дневниот ред на 22. седница на Советот на Град Скопје, каде што стои дека за 2023 година за програмата на МКЦ предвидено е да се доделат 4.500.000 денари. Од нив, 2.500.000 денари се за работата на градското кино ‘Милениум’, а за сите други активности на МКЦ, каде што, меѓу другото, се и едни од најголемите национални фестивали: театарскиот МОТ, филмскиот ‘Синедејс’, и музичкиот ‘Здраво, млади’, како и целата годишна музичка, драмска, ликовна, детска и литературна програма во 365 дена – севкупно 2.000.000 денари. За споредба, годишниот програмски буџет на МКЦ за јубилејната 2022 година лани беше 14,5 милиони денари (не како што кажа градоначалничката – 10,7 милиони), кој веќе беше намален од 22.290.000 во 2021, или 34.280.000 во 2020 или 25.828.000 во 2019… Во меѓувреме, по прес-конференцијата вчера, се одржа седницата на Советот на Град Скопје, на која, конечно, се донесе буџетот за култура за 2023 година. И тогаш ни се постави дополнителна тежина и гризење на совеста дека за да се дополнат плус 2.000.000 денари на МКЦ, се крати повторно од културата – од средствата на одделниот конкурс за независни корисници, кој и онака е можеби најнискиот буџет за таа намена. За жал, ни со овие дополнителни средства додадени на првично најавените 2.000.000 денари нема да можеме да реализираме ни дел од предвидената програма за 2023 година, а не, пак, да креираме и нова“, велат од МКЦ.
Програмскиот колегиум на МКЦ нагласи дека е точно тврдењето на градоначалничката дека институцијата има свои извори на средства, но објаснија дека со нив го покриваат сето она што Градот не може да им го обезбеди.
За обвинувањата дека биле лажни притисоците врз поранешниот директор за нови вработувања, програмскиот колегиум најави дека тој посебно ќе се обрати и ќе ги искористи сите правни механизми за да ја објави вистината.
Градоначалничката Арсовска вчера јавно побара Богоев да се извини за изјавите дека врз него бил вршен притисок за вработувања во институцијата и најави дека доколку не се извини, изнесеното во медиумите ќе треба да го докажува на суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).