Македонија
Младите на Балканот добиваат фонд за заеднички проекти
Од идната недела младите на Балканот ќе добијат нова адреса – Регионалната младинска канцеларија за соработка преку која ќе можат да учествуваат во проекти чија цел ќе биде уривање на бариерите и предрасудите меѓу младите во регионот, по модел на Француско-германскиот младински совет кој над педесет години ги зближува двете нации.
Канцеларијата е дел од Берлинскиот процес и ќе биде финансирана од владите на земјите во Западниот Балкан и од Европската унија, која веќе обезбедила 400.000 евра за идните проекти. Од четврти јули канцеларијата ќе има веб страница преку која младите во Македонија ќе можат да се информираат за можностите што ги нуди таа, а кои ќе опфаќаат проекти од културата, образованието, размената, иновацијата до спортот. Првиот повик за проекти ќе биде објавен во септември.
Откако повеќе од две децении по војните во регионот етничката омраза е и натаму присутна а мирот се уште загрозен од можни меѓусебни конфликти, Австрија ја покрена оваа иницијатива која ќе биде официјализирана за две недели во Трст, на самитот на балканските лидери.Вчера неја ја промовираа амбасадорите на Франција, Кристијан Тимоние, на Германија, Кристине Алтхаузер, на Италија Карло Ромео и на Австрија Ренате Коблер оценувајќи ја како одлична инвестиција за идните генерации во регионот.
За паралела, Француско-германскиот младински совет бил воспоставен во 1963 година и оттогаш место непријатерли Франција и Германија се земји со најблиска соработка во ЕУ и нејзини столбови. Проектите ги опфаќаат младите од три до триесет години, буквално од градинка па до вработување. Само во 2015 година за овој проект двете влади издвоиле 24 милиони евра и, иако односите меѓу двете нации сега се одлучни, тој се финансира и натаму како успешна „лабораторија„ за транснационални проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
В недела посебен сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи известува дека на 31.3.2024 (недела), со почеток во 9 часот, поради одржување атлетска трка на 10 км, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот на манастирот „Св. Пантелејмон“ и обратно, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот.
Македонија
Левицата: Решението за градба кај болничкиот комплекс Воена болница да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.
Македонија
Инспектори затекнале диви менувачници на Бит-пазар, но наместо да ги запечатат, им дозволиле да работат
Полицијата поднесе кривична пријава против шест инспектори, вработени во Државниот пазарен инспекторат, и тоа: С. Б. (32), Ј. Р. (54), В. М. (47), Б. С. (46), С. С. (61) и Р. Б. (37), сите од Скопје, поради злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Во текот на март и април 2023 година, вршејќи контрола кај три менувачници, лоцирани во близина на Бит-пазар, а за кои било утврдено дека не биле регистрирани како фирми и не поседувале лиценци издадени од НБРМ за вршење менувачко работење, но подолг временски период работеле како менувачници, инспекторите на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот, како и да им изречат глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра во денарска противвредност.
Но, пријавените пазаришни инспектори ги прекршиле сите одредби од наведениот закон и во три извршени вонредни инспекциски надзори на затекнатите лица во сите три објекти како менувачници ниту им издале решение за забрана за вршење нерегистрирана дејност, ниту им ги запечатиле просториите во кои ја вршеле противзаконската активност, ниту им ги одзеле средствата, предметите и опремата со кои е направен прекршокот ниту, пак, им изрекле глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра.
Напротив, во сите три извршени вонредни надзори на сите три менувачници на секој од сопствениците им изрекле еднократна глоба во износ од 80 евра во денарска противредност и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат, со што постапиле спротивно на законот за забрана и спречување вршење нерегистрирана дејност и со неизвршување на својата службена должност го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.