Македонија
МНР: Македонскиот јазик е неоспорен и не е условен во предлог преговарачката рамка
Министерството за надворешни работи соопшти дека најостро ги демантира наводите што се споменуваат во јавноста дека македонскиот јазик не е чист во француската предлог преговарачка рамка за почнување на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.
Ваквите наводи, велат од МНР, се неточни, опасни, ја доведуваат во заблуда јавноста и им штетат на интересите на државата.
Во продолжение целото објаснување од Министерството.
„Ја информираме јавноста дека македонскиот јазик е неоспорен и не е условен во предлог преговарачката рамка, која, меѓу другото, е преведена (и објавена) на македонски јазик од страна на преведувачките служби на Советот на ЕУ.
Став 22 од предлогот недвосмислено кажува дека правото на ЕУ ќе се преведе на македонски јазик: „Северна Македонија ќе треба навремено да направи преводи на правото на ЕУ (acquis) на македонски јазик пред пристапувањето и ќе треба да обучи доволен број преведувачи и толкувачи потребни за правилно функционирање на институциите на ЕУ по нејзиното пристапување“.
Во согласност со позициите консензуално утврдени од страна на нашето Собрание во декларацијата за спорот со Република Бугарија наша цел беше позицијата на Република Бугарија во однос на македонскиот јазик да не стане и позиција на ЕУ, а во оваа предлог-рамка тоа е целосно исполнето.
Практичната потврда за ваква неоспорна употреба на македонскиот јазик ќе биде потпишувањето на договорот за Фронтекс, со стандардна клаузула, каде што е наведен македонскиот јазик (без фусноти или дообјаснувања). Потпишувањето на договорот за Фронтекс е предвидено да се случи веднаш по одржувањето на првата меѓувладина конференција помеѓу Република Северна Македонија и ЕУ и државите членки. Оттука, овој меѓународен договор меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, односно државите членки, и на македонски јазик, ќе стане дел од законодавството на ЕУ.
Со овој договор и нему сличните во иднина, како и со преводот на правото на ЕУ на македонски јазик во текот на преговорите за членство, македонскиот јазик ќе биде вклучен на исто рамниште во групата официјални јазици на ЕУ по нашиот прием во ЕУ.
Тврдењето дека Република Северна Македонија требало да бара цврсти гаранции преку внесување на Поглавјето 34 во преговарачката рамка е погрешно и манипулативно. Поглавјето 34 се дискутира на крајот на преговарачкиот процес кога е извесно дека земјата кандидат ќе стане земја членка на ЕУ. Ова поглавје не е ексклузивно посветено на внесување на јазикот на земјата кандидат за членство во семејството на официјални јазици на ЕУ и уште помалку има амбиција да признава јазици.
Во Поглавјето 34 се разработуваат институционалните и процедуралните правила на ЕУ и видовите адаптации кои се неопходни да се направат во постојното ЕУ-право за да ја внесе во прием новата земја членка (на пр., соодветната застапеност на новата земја членка во телата на ЕУ итн.). Земја кандидат нема процедурална можност да го отвора ова поглавје, ниту да го дискутира пред отворањето на преговорите.
Министерството за надворешни работи заедно со Владата на Република Северна Македонија и сите релевантни фактори ќе работи напорно во претстојниот период да ги надмине сите недоразбирања со Република Бугарија во согласност со договорот за добрососедски односи и со цел обезбедување непречени преговори и брза интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ. Предлог-рамката со недвосмислен македонски јазик и идентитет претставува основа за почнување на процесот на преговори“, велат од МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари од централниот митинг во Струга: Зголемување на минималната плата до 800 евра за борба против имиграцијата
Кандидатот за претседател од редовите на ВЛЕН, Арбен Таравари, ја изрази својата заложба за борба против имиграцијата преку зголемување на минималната плата во нашата земја. Во рамките на идната влада се планира зголемување на платите и до 800 евра, со што ќе се создадат нови можности младите мажи и жени да останат и да придонесат за развојот на државата.
Преку грантови за технологија и иновации, Таравари рече дека владата има за цел да ги поддржи нивните креативни идеи, фокусирајќи се на развојот на земјата како атрактивна алтернатива за младите.
„Иселувањето кај нас е над секоја норма, бројките се алармантни. Не можеме да останеме рамнодушни на оваа ситуација. Така како следна влада на ВЛЕН ќе донесеме одлука за покачување на платите. Ќе се заложиме минималната плата до крајот на нашиот прв владејачки мандат да биде 800 евра. Преку грантови за технологија и иновации, ќе ги поддржиме младите мажи и жени со нивните креативни идеи, кои првенствено служат за нашиот развој како држава. Ова ќе биде дополнителна причина да ја гледаат иднината овде со нас, недалеку од нивните домови, недалеку од нивниот роден град“, рече Арбен Таравари на централниот митинг во Струга.
Македонија
(Видео) Силјановска -Давкова: На 9 мај ќе го славиме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, но ќе славиме и за Македонија
„На 9-ти мај ќе го прославуваме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа! На 9-ти мај, ќе ја славиме Македонија како твоја и Македонија како горда! Ви ветуваме дека ќе докажеме дека нема да ве срамиме, дека нема да ги заборавиме државните и нациолнални интереси, кои тие не само што ги заборавија, туку и ги погазија! Молам за доверба!“, рече Горданa Силјановска -Давкова, кандидат за претседател на Македонија.
„Верувајте ми, има моменти во историјата! А таков е овој, кога мора да сме заедно! Кога како никогаш досега, потребна ни е вашата поддршка! Без вас не може да направиме единство! Без вас Македонија не може да биде ниту твоја, ниту горда! Без вас не може да дојдеме до победа! Вие го имате првиот и последниот збор! Ви веруваме!
Денес е Денот на светското културно наследство. Охрид е незаменлив и ценет, драгоцен дел од него. Охрид е споменик и дом на европското христијанство! Да го чуваме! Не заборавајте: Без Охрид, Македонија нема да биде почитувана!
Час поскоро, активирајте го универизтетот на Плаошник! Оваа власт не знае што е култура, за неа културата е бизнис. Ако започна изградбата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, мора да доврши.
Во насока на јакнење на културниот туризам ќе покренам организирање на меѓународен форум – Плаошник форум, на кој ќе се дискутира соработката на цивилизациите, религиите и културите. Сето ова во соработка со УНЕСКО и Министерството за култура! Упатувам порака дека: Плаошник може да биде центар на дијалог на цивилизациите! Дијалог на религиите! Центар на културен дијалог! Затоа сум горда на него!“, додаде Горданa Силјановска -Давкова.
Македонија
Мицкоски: Повикувам на обезбедување на македонско национално единство, обзнанувам мораториум и запирање на сите напади кон партиите Левица и ЗНАМ
Нашето име е ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО – демократска партија за македонско национално единство. Тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО и континуитетот на кој се повикуваме како идеја и организација која ја славиме и која е нераскинлив дел од македонското национално движење и можеби најзначајна за македонскиот национален идентитет, туку истовремено и поради обврската и одговорноста која и вториот дел од името ја носи со себе, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од големиот народен митинг во Охрид, од каде што традиционално ВМРО-ДПМНЕ ја почнува кампањата за парламентарните избори.
Мицкоски посочи дека долго време таа обврска и одговорност како да се одбегнуваше, а понекогаш и се занемаруваше и никогаш како сега не било важно како сега да се случи обединување, да се обезбеди национално единство.
„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум во нападите кон партиите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ но, и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога таа и е најпотребна на Македонија“, рече Мицкоски.
Додаде дека со Левица и ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ има свои разлики по повеќе прашања и од идеолошка но и од принципиелна природа, но смета дека во моментов, најважно за Македонија е да се фокусираат на оние кои што ја киднапираа државата од граѓаните.
„Но, ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните. Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик без разлика на лични и партиски суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор“, порача Мицкоски.