Македонија
МОН ги објави конкурсите за ученички стипендии – воведени нови категории за техничките струки
Министерството за образование и наука информира дека од вчера почна аплицирањето за стекнување на правото на ученичка стипендија во учебната 2020/2021 година. Конкурсите се објавени на интернет-страницата на МОН, а крајниот рок за поднесување на документите е 9.11.2020 година.
Покрај вообичаените категории на стипендии што беа достапи досега: стипендии за социјална поддршка на ученици, стипендии за талентирани ученици, за талентирани ученици спортисти, за деца без родители, за ученици со посебни потребни, за ученици запишани во ДСУ „Спортска академија“, стипендии за ученици Роми и за ученици од угостителско-туристичката струка, за оваа учебна година Министерството за образование и наука обезбеди и неколку дополнителни категории на стипендии за учениците од средното стручно образование.
Имено, можност за аплицирање за стипендија имаат и учениците од машинската, земјоделско-ветеринарната, текстилно-кожарската, електротехничката и градежно-геодетската струка. Изборот на овие струки е направен врз основа на истражување за потреба од вештини на пазарот на трудот во Република Северна Македонија за 2020 година, спроведено во соработка со Агенцијата за вработување. Резултатите покажаа исклучителен недостиг на одреден тип кадар, особено за потребите на приватниот сектор, како машински техничар, градежен техничар, електротехничар, келнер, готвач, ракувач со градежни машини, металостругар и заварувач, така што стипендиите се дополнителна стимулација на веќе запишаните ученици максимално да се заложат во градењето на сопствените капацитети и стручни компетенции, но и мотив за избор на средното стручно образование од страна на идните генерации средношколци.
Новина во процесот на доделување ученички стипендии оваа година е тоа што на сите кандидати им се дава можноста да изберат својата апликација заедно со сите потребни документи да ја достават или хартиено преку архивата на МОН или, пак, да аплицираат електронски преку интернет-платформата www.konkursi.mon.gov.mk. Кандидатите што ќе аплицираат електронски немаат обврска да ги достават документите хартиено и обратно – учениците што поради каква било причина немаат можност или нема да изберат да аплицираат електронски, ги доставуваат документите само хартиено во МОН, а апликацијата ќе се смета за валидна и ќе биде предмет на разгледување од надлежните комисии.
Дополнително, покрај конкурсите за доделување ученички стипендии, информираме и дека во тек е конкурс за поврат на средства за купен музички инструмент за учебната 2020/2021 година, со кој на 25 ученици, запишани во државните средни училишта во кои се реализираат планови и програми за музичка уметност, а кои ќе ги исполнат конкурсните услови, Министерството за образование и наука ќе им изврши поврат на дел од средствата за купен музички инструмент во висина од 75 % од исплатените средства, но не повеќе од 100.000 денари од инструмент. Аплицирањето трае 60 дена од денот на објавата на конкурсот.
Документите за аплицирање по однос на конкурсите се достапни на следниот линк. За какви било прашања поврзани со аплицирањето за остварување на правото на стипендија, односно финансиска поддршка за купување музички инструмент, Министерството за образование и наука им стои на располагање на учениците. Контактите на вработените во Секторот за ученички и студентски стандард, како и на сите сдруги вработени во МОН се објавени на овој линк, а официјалната електронска адреса на Министерството е [email protected].
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари од централниот митинг во Струга: Зголемување на минималната плата до 800 евра за борба против имиграцијата
Кандидатот за претседател од редовите на ВЛЕН, Арбен Таравари, ја изрази својата заложба за борба против имиграцијата преку зголемување на минималната плата во нашата земја. Во рамките на идната влада се планира зголемување на платите и до 800 евра, со што ќе се создадат нови можности младите мажи и жени да останат и да придонесат за развојот на државата.
Преку грантови за технологија и иновации, Таравари рече дека владата има за цел да ги поддржи нивните креативни идеи, фокусирајќи се на развојот на земјата како атрактивна алтернатива за младите.
„Иселувањето кај нас е над секоја норма, бројките се алармантни. Не можеме да останеме рамнодушни на оваа ситуација. Така како следна влада на ВЛЕН ќе донесеме одлука за покачување на платите. Ќе се заложиме минималната плата до крајот на нашиот прв владејачки мандат да биде 800 евра. Преку грантови за технологија и иновации, ќе ги поддржиме младите мажи и жени со нивните креативни идеи, кои првенствено служат за нашиот развој како држава. Ова ќе биде дополнителна причина да ја гледаат иднината овде со нас, недалеку од нивните домови, недалеку од нивниот роден град“, рече Арбен Таравари на централниот митинг во Струга.
Македонија
(Видео) Силјановска -Давкова: На 9 мај ќе го славиме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, но ќе славиме и за Македонија
„На 9-ти мај ќе го прославуваме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа! На 9-ти мај, ќе ја славиме Македонија како твоја и Македонија како горда! Ви ветуваме дека ќе докажеме дека нема да ве срамиме, дека нема да ги заборавиме државните и нациолнални интереси, кои тие не само што ги заборавија, туку и ги погазија! Молам за доверба!“, рече Горданa Силјановска -Давкова, кандидат за претседател на Македонија.
„Верувајте ми, има моменти во историјата! А таков е овој, кога мора да сме заедно! Кога како никогаш досега, потребна ни е вашата поддршка! Без вас не може да направиме единство! Без вас Македонија не може да биде ниту твоја, ниту горда! Без вас не може да дојдеме до победа! Вие го имате првиот и последниот збор! Ви веруваме!
Денес е Денот на светското културно наследство. Охрид е незаменлив и ценет, драгоцен дел од него. Охрид е споменик и дом на европското христијанство! Да го чуваме! Не заборавајте: Без Охрид, Македонија нема да биде почитувана!
Час поскоро, активирајте го универизтетот на Плаошник! Оваа власт не знае што е култура, за неа културата е бизнис. Ако започна изградбата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, мора да доврши.
Во насока на јакнење на културниот туризам ќе покренам организирање на меѓународен форум – Плаошник форум, на кој ќе се дискутира соработката на цивилизациите, религиите и културите. Сето ова во соработка со УНЕСКО и Министерството за култура! Упатувам порака дека: Плаошник може да биде центар на дијалог на цивилизациите! Дијалог на религиите! Центар на културен дијалог! Затоа сум горда на него!“, додаде Горданa Силјановска -Давкова.
Македонија
Мицкоски: Повикувам на обезбедување на македонско национално единство, обзнанувам мораториум и запирање на сите напади кон партиите Левица и ЗНАМ
Нашето име е ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО – демократска партија за македонско национално единство. Тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО и континуитетот на кој се повикуваме како идеја и организација која ја славиме и која е нераскинлив дел од македонското национално движење и можеби најзначајна за македонскиот национален идентитет, туку истовремено и поради обврската и одговорноста која и вториот дел од името ја носи со себе, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од големиот народен митинг во Охрид, од каде што традиционално ВМРО-ДПМНЕ ја почнува кампањата за парламентарните избори.
Мицкоски посочи дека долго време таа обврска и одговорност како да се одбегнуваше, а понекогаш и се занемаруваше и никогаш како сега не било важно како сега да се случи обединување, да се обезбеди национално единство.
„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум во нападите кон партиите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ но, и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога таа и е најпотребна на Македонија“, рече Мицкоски.
Додаде дека со Левица и ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ има свои разлики по повеќе прашања и од идеолошка но и од принципиелна природа, но смета дека во моментов, најважно за Македонија е да се фокусираат на оние кои што ја киднапираа државата од граѓаните.
„Но, ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните. Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик без разлика на лични и партиски суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор“, порача Мицкоски.