Македонија
МОН: Нема шуга во „Владо Тасевски“, училиштето е безбедно
Министерството за образование и наука ги демантира шпекулациите и дезинформациите што се појавија во врска со појавата на заразната болест во основното училиште „Владо Тасевски“ во општина Карпош.
„Ја уверуваме јавноста дека во училиштето нема појава на заразна болест, а родителите можат да бидат спокојни и сигурни дека нивните деца се безбедни. Станува збор за случај пријавен минатиот четврток од страна на родителот на детето, за изолиран случај што се јавува во одредено семејство, кој е совесно пријавен од страна на родителот.
По добивањето на пријавата, директорката на училиштето веднаш презела итни превентивни мерки, и од страна на Центарот за јавно здравје направен е систематски преглед кај учениците од овие паралелки, по што било утврдено дека нема присуство и други случаи на заразна болест во училиштето, туку дека станува збор за изолиран случај што не се јавува во училиштето.
Дополнително, по завршувањето на наставата, од страна на Центарот за јавно здравје, повторно превентивно, направена е целосна дезинфекција и дезинсекција на училишниот објект“, велат од Министерството за образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кузеска: Констатирани се мали прекршувања на изборниот процес, ги очекуваме резултатите и уверени сме дека граѓаните ќе ја поддржат европската иднина
Богданка Кузеска од Изборниот штаб на СДСМ, по затворањето на избирачките места изјави дека изборниот ден бил демократски, а гласањето се одвивало во фер и демократска атмосфера.
„Граѓаните својата волја ја изразија слободно и достоинствено како што доликува на една демократска земја – членка на НАТО со започнати преговори со ЕУ. Констатирани се само неколку многу мали прекршувања на изборниот процес. Сакаме да изразиме благодарност до сите граѓани кои денеска гласаа. Самото гласање е суштински чин кој произлегува од моќта на граѓаните да одлучуваат за својата иднина и иднината на државата. Ги очекуваме изборните резултати и уверени сме дека граѓаните и денеска и на 8 мај ќе ја поддржат европската иднина за Македонија. Иднина во која Македонија е дел од европското семејство и членка на ЕУ“, порача Кузеска.
Повтори дека ги очекуваат изборните резултати и наскоро ќе излезат со точни податоци.
Македонија
Евидентирани 12 случаи на фотографирање гласачко ливче, шест пријави за нудење поткуп и 15 пријави за агитирање, соопшти Тошковски
Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денешниот изборен ден поминал во безбедна, мирна и демократска атмосфера.
Како што рече, безбедните избори биле резултат на добрата соработка меѓу полицијата, Државната изборна комисија и сите други чинители кои биле вклучени во спроведувањето на изборниот процес
„Овие избори беа уште еден тест за демократијата и во таа насока сакам да им честитам на граѓаните кои излегоа на гласање и ја исполнија својата граѓанска должност и со тоа уште еднаш го истакнаа демократскиот капацитет на државата и значењето на нивната активна улога во градењето на инклузивно општество“, кажа Тошковски.
Истакна дека биле евидентирани повеќе настани кои се однесуваат на прекршување на изборниот процес.
„На ниво на целата држава евидентирани се 12 случаи на фотографирање на гласачкото ливче, два случаи на кинење на гласачко ливче, шест пријави за нудење на поткуп и 15 пријави за агитирање. На подрачје на СВР Скопје во врска со пријавата за испукана димна бомба од страна на тимот за антитероризам извршена е проверка , подигната е направата и предадена е на претседателот на избирачкиот одбор. Констатирани се шест прекршоци, а ќе бидат поднесени и две кривични пријави, една за повреда на тајност на гласањето и една за повреда на избирачко право“, потенцира Тошковски.
Во Охрид било пријавено јавно гласање пред комисијата а во Тетово биле пријавени упатени навреди кон шеф на штаб на политичка партија.
Во Куманово како што додаде, две гласачки места во село Умин Дол биле затворени а избирачкиот материјал бил вратен во канцелариите на ОИК.
Во Струмица едно лице го покажало гласачкото ливче на набљудувач.
Македонија
Одѕивот до 18.30 часот е 48,44 отсто, во Новаци на гласање излегле рекордни 71,07 отсто од гласачите
Одѕивот до 18.30 часот на седмите претседателски избори е 48,44 отсто од гласачите, според податоци од 3174 гласачки места. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски соопшти дека гласале 801.074 граѓани.
„Според податоците за излезност кои се пристигнати досега најголемата излезност, како и досега, е забележана во Новаци од 71,07 отсто, додека најмалата излезност е во Центар Жупа од 16,90 отсто. Во текот на денот гласањето се одвиваше мирно и без поголеми инциденти на гласачките места“, рече Даштевски.
Уважени се 134 приговори и на граѓаните им е овозможено избирачкото право. На бесплатната телефонска линија 0800 555 44, која беше активна во текот на целиот ден има 10 јавувања, а преку видеоповик на телефонската линија 074 488 360 информации побарале осум лица со оштетен слух.
Гласањето ќе се продолжи онаму каде што е прекинато повеќе од еден час. Такви се едно место во Демир Хисар, едно место во Липково, едно место во Делчево и едно место во Могила.
На три места во Куманово имало прекин на гласањето подолг од три часа поради што гласањето било прекинато. Претседателот Даштевски објасни дека за овие три места во Куманово ќе има прегласување само доколку се утврди дека можат да влијаат на конечниот резултат.