Македонија
МОН: Не се укинува ниту историја ниту друга научна дисциплина, ќе се изучуваат поврзано
Министерството за образование и наука соопшти дека не се укинува предметот историја, туку дека се подготвува целосно нов модел на настава, во кој ниту една научна дисциплина нема да се изгуби, туку ќе се смени концептот на кој учениците го изучуваат материјалот.
Целта на овие реформи велат дека е на ученикот да му даде целосна слика за одреден настан или тема, а тоа се постигнува преку интердисциплинарен и интегриран пристап.
„На овој начин учениците подобро ќе ги разберат и запомнат темите што ги изучуваат и притоа ќе ги развијат своите аналитички способности.
Досегашниот модел на настава ги учи нашите ученици само на факти и не им овозможува да ги поврзуваат информациите и знаењата од разните дисциплини што ги изучуваат во основното образование. Ова го докажуваат и ниските рангирања во согласност со домашните и меѓународните истражувања и извештајот на ОЕЦД за нашата земја. Токму затоа е особено важно да се воведе учење преку истражување, преку кое ќе го подобриме образованието и ќе негуваме креативни и иновативни ученици.
Новата концепција за основно образование е развојна и се подготвува врз основа на образовните модели што функционираат во повеќе европски земји, меѓу кои Словенија, Естонија и Финска. Клучни за промените се и резултатите од меѓународните тестирања, домашните анализи, како и ставовите на наставниците, родителите и учениците, кои даваат јасна слика во која насока треба да оди нашето образование.
Во овој момент во рамките на јавната расправа се дискутира за концепт на образование, а не за конкретни наставни програми. При изработката на наставните програми ќе бидат поставени очекуваните резултатите од учењето, а врз основа на нив и содржините што учениците треба да ги совладаат од одделните научни дисциплини (историја, географија, граѓанско образование итн). Во овој процес ќе бидат вклучени универзитетски професори, наставници од соодветните области и сите релевантни фактори“, соопшти министерката Мила Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема докази дека уапсените за убиството на докторот се сторителите
Нема докази дека лицата кои беа приведени за убиството на докторот во Железара се сторителите.
Од Обвинителството велат дека продолжуваат со дејствија, со цел идентификација на сторителите.
-До овој момент, со преземените дејствија од МВР и извршените вештачења од Институтот за судска медицина не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата лишени од слобода се сторители на кривичното дело. Од тие причини, јавниот обвинител, по истекот на времетраењето на определената мерка краткотраен куќен притвор, нема да предлага судот да определи нови мерки за претпазливост за трите лица кои беа задржани во врска со овој настан, велат од ОЈО.
Министерството за внатрешни работи, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, продолжува да презема дејствија за идентификација на сторителите на кривично дело.
Македонија
Постигната либерализација во товарниот транспорт за и од трети земји со Црна Гора
Министерството за транспорт и врски на Северна Македонија и Министерството за собраќај и поморство на Црна Гора потпишаа Протокол за либерализација на товарниот транспорт за и од трети земји.
Согласно Протоколот, либерализацијата ќе стапи на сила од 1 мај 2024 година и ќе има важност една година, период во кој ќе се прави анализа на состојбата во меѓународниот патен превоз, се со цел да се постигне конечно ослободување од системот на дозволи и во наредниот период.
Ова беше постигнато на состанокот на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока кој се одржа во Скопје.
До сега, двете земји врз база на реципроцитет разменуваа вкупно 300 дозволи за и од трети земји кои беа од огромно значење за товарниот транспорт.
Либерализацијата е чекор напред кон отстранување на сите админстративни постапки во однос на дозволите, процес што ќе придонесе за побрз и ефикасен транспорт како и зголемување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Со Протоколот исто така двете страни се обврзаа да пристапат кон меѓусебно признавање на Сертификатите за професионална компетентност на возачите за учество во меѓународниот патен сообраќај. На состанокот се усогласија и процедурите во делот на превозот на патници меѓу двете земји.
Ова е прва средба на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока после тринаесет години, на која се донесоа низа мерки со кои значително се подобрува соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора во делот на патниот и товарниот транспорт.
Македонија
Воздухопловните сили на Италија од денеска ќе патролираат над македонското небо
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето во Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец го потпишаа Техничкиот договор со кој Италијанските вооружени сили и официјално се вклучија во НАТО мисијата за воздухопловно патролирање над македонското небо.
Министерката Петровска по потпишувањето истакна дека со вклучувањето на Италија во оваа НАТО мисија, единството во Алијансата го гледаме на дело.
„Често споменуваме дека Алијансата е приказ на сојузништво и единство, но зборовите не можат да го отсликаат тоа што можеме да го видиме на дело – италијански и грчки воени воздухоплови, во координација со македонското воено воздухопловство гарантирајќи ја безбедноста на небото на Северна Македонија“, рече министерката.
Со Италија изградивме вистинско сојузништво и развивме силна соработка, рече Петровска, и додаде дека фактот дека италијански воздухоплови ќе ја гарантираат безбедноста на нашиот воздушен простор е приказ за целосна меѓусебна доверба.
Италијанскиот министер Крозето порача дека со денешното потпишување на овој историски договор, Италија заедно со Грција ја презема обврската за заштита на небото на Северна Македонија и дополни дека сојузништвото во Алијансата значи своите сили да се стават на располагање на други земји кога има потреба за такво нешто.
„Италија има чест што може да даде свој придонес во оваа насока и ѝ благодари на Северна Македонија за довербата“, рече Крозето.
Небото на Северна Македонија со официјалниот почеток на НАТО „air policing“ мисијата во нашата земја во декември 2021 година, и официјално стана дел од колективниот систем на Алијансата за воздушно патролирање. Досега, воздухопловното патролирање беше доверено на грчкото воено воздухопловство, а отсега тоа ќе се врши со воздухоплови на грчките и на италијанските воздухопловни сили, во координација со военото воздухопловство на Армијата на Република Северна Македонија.
Мисијата за воздухопловно патролирање на нашето небо ја раководи Сојузничката воздухопловна команда на НАТО, а тактичката контрола на мисијата е под раководство на Центарот за комбинирани воздухопловни операции во Торехон, Шпанија.