Македонија
Мора да има забрана за вршење лекарска дејност за гинекологот Асани, апелираат од Платформата за родова еднаквост
Платформата за родова еднаквост е згрозена од пресудата на струшкиот Основен суд со која му се изрекува условна казна на гинекологот Мухамед Асани, кој во периодот од 2015 до 2020 година нелегално давал гинеколошки услуги во нерегистрирана ординација во својата куќа.
Дополнително, како што велат од таму, фрапира фактот што судот со оваа пресуда не изрече и споредна казна забрана за вршење професија, дејност или должност, иако таа можност е предвидена со Кривичниот законик.
„И покрај наодите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој уште пред две години изврши вонреден надзор на ординацијата, по што поднесе и кривична пријава, и силните реакции на граѓанските организации, Лекарската комора до ден-денес не му ја одзеде лиценцата за работа на гинекологот, меѓу чии пациентки е и Јелдз Веапоска“, додаваат во реакцијата.
Потсетуваат дека гинекологот Асани нелегално ѝ ја водел бременоста во својата домашна ординација, а при породувањето во струшката болница, заведено во официјалната документација како стандарден оперативен зафат, ѝ извадил матка, бубрег и јајчник.
„Оттука, со голем револт констатираме дека на ваков начин и судот и Лекарската комора застануваат во одбрана на нелегалната здравствена пракса во земјата. Условувајќи го казнувањето на нелегалното работење со чекање да се случи дополнително кривично дело, тие не само што ја одржуваат културата на неказнивност туку и недвосмислено ја поддржуваат системската негрижа за здравјето на жените наместо лавовски да се борат против неа.
Пристапот до нелегални здравствени услуги секојпат носи огромен ризик за здравјето на луѓето, што го потврдува и случајот со Веапоска за што Асани исто така кривично се товари.
Оттука, Платформата за родова еднаквост бара:
· Доколку по вака донесената првостепена пресуда се поднесе жалба и предметот е даден на решавање на второстепен суд, тој задолжително да изрече дополнителна споредна казна забрана за вршење професија, дејност или должност во најдолгото времетраење превидено во Кривичниот законик;
· Основното јавно обвинителство да поднесе жалба и да побара построга казна;
· Доколку вака донесената првостепена пресуда е конечна, во постапката во која гинекологот Мухамед Асани се товари поради тоа што при царскиот рез на Јелдз Веапоска ѝ извадил три органи, а чие следно рочиште е закажано за 10 март, покрај главната казна, задолжително да биде изречена и споредна казна забрана за вршење професија, дејност или должност;
· Лекарската комора да се охрабри и по вчерашната пресуда, конечно, да му ја одземе лиценцата за работа на гинекологот;
· Министерството за здравство во соработка со надлежните инспекторати и институции итно да излезе на терен и поактивно да се вклучи во откривање и стопирање на нелегалните ординации и поведување постапки против лекарите што работат на црно“, потенцираат во реакцијата од платформата за родова еднаквост.
Здравјето на жените, како што истакнуваат, мора да биде врвен приоритет за сите институции и за Лекарската комора: затоа, случаи на нелегални ординации кои се потенцијални касапници не смее да се повторат во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Патот Штип-Кочани во прекин поради сообраќајка
Од 17:10 часот, поради сообраќајна незгода на патниот правец Штип-Кочани, сообраќајот е во прекин во една насока, информираат од АМСМ.
Македонија
Маричиќ: Имаме план за зелена Македонија во која граѓаните ќе станат акционери на енергетските компании
Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ денес во изјавата за медиуми се обврза дека СДСМ и Коалицијата за европска иднина нема да се откажат од стремежот за енергетска независност и од зелена енергија.
Во своето обраќање посочи дека е време да се сопре со фосилните технологии.
Изјави дека постоечките енергетски капацитети на фосилни горива да ги трансформираме во соларни електрани кои произведуваат зелена енергија.
„Тој процес го продолжуваме со голема новина: Државните енергетски компании ги даваме во рацете на граѓаните! Граѓаните стануваат акционери во енергетските компании. Висок процент од вкупниот број издадени акции во државните енергетски компании ќе се поделат еднакво на граѓаните. Секој граѓанин, вклучително и децата, ќе добие по најмалку 8.000 денари од вредноста на енергетските компании или 500 евра за едно четиричлено семејство.
Нашиот план е производството на енергија да се зголеми за најмалку 70% за да ги задоволиме домашните потреби за струја. Во наредните четири години за 100% да се зголемат капацитете со обновливи извори на енергија да достигне 60% од вкупната потрошувачка во државата.“
Маричиќ во својата изјава потврди дека целта и програмата на СДСМ е иста со онаа на Европската Унија и Европскиот зелен договор кој предвидува нула штетни гасови од фосилни горива до 2050 година.
„Нашата визија е зелена Македонија како здрава животна средина за граѓаните. Чиста вода за пиење во секое населено место, одржливо управување со отпад и расчистување на дивите депонии. Пречистување на отпадните води за здрава почва за здрава храна.“
Македонија
Со полициски хеликоптер пренесен македонски државјанин од Унгарија до Скопје
Денеска (20.04.2024) по добиено барање од ЦУК, со полициски хеликоптер Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици, од Сегедин, Унгарија до Скопје е пренесен македонски државјанин кој доживеал мозочен удар на 18 април за време на службен пат во Унгарија. Тој е пренесен на скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“.
Oва е втор пат да се извршува ваков вид воздухопловен транспорт од Сегедин до Скопје со хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, откако и на 11 април беше успешно реализирана ваква акција.