Македонија
МОСТ: Избирачките места се отворени и гласањето се одвива безбедно
Граѓанската асоцијација МОСТ го следи денешното гласање со 900 набљудувачи. На 696 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, распоредени се исто толку набљудувачи, со што се покриени 20% од вкупниот број гласачки места на територијата на целата држава, како и 20% од гласачките места во рамките на секоја изборна единица.
Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори, сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи се отворени навреме и досега не се забележани неправилности во спроведувањето на постапката на гласање. Од МОСТ наведуваат дека гласањето се одвива безбедно, согласно здравствените протоколи.
Набљудувачите на МОСТ се статични и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ има распоредено и 55 мобилни тимови, составени од по двајца набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат местата на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи.
Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.
Како и на претходните изборни процеси, Граѓанската асоцијација МОСТ го спроведува проектот согласно Декларацијата за универзални принципи за непартиско набљудување на изборите од страна на граѓански организации, како и останатите меѓународно признати стандарди за домашно набљудување на изборите.
Во текот на денот, на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните може да пријавуваат евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес.
Набљудувач на МОСТ е единствено оној граѓанин кој носи жолта маичка на која на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано “Monitoring 2020“, поседува акредитација од ДИК и овластување од МОСТ исклучиво за овие избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Штипјанец и скопјанка фатени како ги фотографираат гласачките ливчиња, а жител на Бучим му го покажал ливчето на набљудувач
Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
„Од отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме две фотографирања на гласачко ливче, едно во Штип и едно во Скопје. Во 09.30 часот на избирачко место 2274 во Штип Г.Ј. го фотографирал гласачкото ливче и од страна на полициски службеници од СВР Штип се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во 09.20 часот на гласачко место 2844 во ОУ „Јохан Х. Песталоци“ во Скопје, С.М. (57) го фотографирала гласачкото ливче и од страна на СВР Скопје се преземаат мерки за расчистување на случајот“, додаде Ангеловски.
Тој посочи дека досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, односно гласањето се одвива мирно и без проблеми.
Ангеловски дополни и дека димна бомба има на гласачко место, а пријавени се и летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити.
До 11 часот е пријавено дека на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до 9 часот, се искачи на 12,78 отсто.
Македонија
Најдена испукана димна бомба на гласачко место, летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити пријавени во МВР
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, информира за текот на изборниот процес од отворањето на избирачките места.
„Досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, тоа се одвива мирно, без проблеми. Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач.
За сите овие настани, како што вели тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.
„Покрај тоа, на територијата на општина Чаир се забележани летоци, кои биле оставени на паркирани возила, а исто така се испишани и два графита. На едно гласачко место во Скопје, покрај испишаниот графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6.30 часот во ходникот е пронајдена димна бомба. Веднаш се преземени мерки и активности и на ова место гласањето се одвива непречено“, додава Ангеловски.
Апелира до граѓаните и учесниците на изборите – во текот на гласањето, до завршувањето, да се воздржат од какви било инциденти.
Македонија
На 12,78 отсто се искачи одѕивот до 11 часот, најголем во Демир Капија – 23,99 отсто
До 11 часот на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до девет часот, се искачи на 12,78 отсто.
Најголем е одѕивот во Демир Капија – 23,99 отсто, каде што од вкупно 3.208 граѓани до 11 часот гласале 769.
На седмите претседателски избори во земјата право на глас имаат 1.814.317 граѓани на 3.480 избирачки места.