Македонија
#МојаНаграда само со дневни награди од 500 денари
МојДДВ и МојДДВ #МојаНаграда во духот на солидарноста се приклучуваат кон борбата против Covid-19. Дел од фондот #МојаНаграда ќе се насочи кон борбата против Covid-19, така што дневните награди ќе се сведат на 10 награди по 500 денари, додека месечните извлекувања од по 100.000 за мај и јуни нема да се одржат. Граѓаните ќе можат и да донираат средства од својот поврат на ДДВ преку апликацијата МојДДВ, соопшти Министерството за финансии.
Фондот на наградната игра МојДДВ #МојаНаграда е намален за 4,4 милиони денари, средства кои ќе се вложат во Covid-19 фондот. Од почеток на мај до крајот на јуни ќе се доделуваат по 10 дневни награди од по 500 денари преку #МојаНаграда, додека месечните извлекувања од по 100.000 денари ќе запрат во мај и јуни. Со ова, наместо 12 извлекувања, ќе има 10 извлекувања за повисоките парични награди.
Месечните извлекувања ќе продолжат од 4 јули, кога ќе се одржи петтото извлекување во кое ќе учествуваат сите валидни и недобитни сериски броеви од дневните извлекувања од скенираните фискални сметки за периодот од 01.04.2020 година до 30.06.2020. Втората премија од 3 милиони денари ќе се извлекува на крај од наградната игра на 19.12.2020 година.
Граѓаните преку апликацијата „МојДДВ“ ќе можат и да го донираат својот поврат на ДДВ за првото тримесечје од 2020 за борбата против Covid-19. Преку опцијата „скенирам и донирам“, со која e надоградeна апликацијата „МојДДВ“ граѓаните ќе можат одберат дали сакаат да го донираат својот поврат од ДДВ за првото тримесечје од 2020 година. Изборот ќе може да го направат до 5ти мај.
На граѓаните преку апликацијата им се на располагање две опции -,да, го донирам мојот поврат на ДДВ” и ,,не, благодарам”. Оној кој потврдно ќе одговори на опцијата за донација, дава согласност за донирање на целиот износ кој треба да му биде вратен на трансакциска сметка, и нема да има можност за отповикување на дадената согласност. Корисникот кој ќе одговори негативно на прашањето, ќе има можност да го промени одговорот се додека е отворена опцијата за избор, а ако не го промени мислењето повратот ќе му биде исплатен на трансакциска сметка. Можноста за донирање, односно откажување од повратот за првото тримесечје е до 5 мај.
За првото тримесечје во 2020 граѓаните преку скенирање фискални сметки оствариле право на поврат од 5,59 милиони евра. Во овој период скенирани се 49,95 милиони фискални сметки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.