Македонија
МТСП: Лицата со попреченост и старите лица ќе добијат асистенција
Министерството за труд и социјална политика, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) реализира услуги за поддршка на лица со попреченост и други ранливи категории во услови на Ковид 19.
Активностите за асистенција на ранливите категории ќе се реализираат во 27 општини со вклучување на околу 200 невработени лица како испорачувачи на услугите за над 1.500 лица крајни корисници. Локалните општински тимови обучени за справување со овој тип теренски околности и опремени со заштитна опрема, секојдневно ќе работат на терен и ќе обезбедуваат поддршка во секојдневното функционирање.
„Министерството за труд и социјална политика ги следи и одговара на потребите на ранливите групи на граѓани. Заедно со УНДП направивме услуга која ќе излезе во пресрет на лицата со попреченост и старите лица. Ќе се почне со поддршка на овие лица во 27 општини за олеснување на нивното секојдневно функционирање што вклучува асистенција за реализација на итни администривни процедури, набавки и друг тип на поддршка согласно потребите на лицето“, велат од Министерството за труд и социјална политика
Почетно, оваа услуга ќе ја користат 1.540 лица, а доколку има потреба, бројот на корисници ќе расте. Лицата со попреченост и старите лица, доколку имаат потреба, може да добијат и поддршка во домот. МТСП постојано ги следи потребите на крајните корисници и ги креира мерките согласно нивните потреби.
Постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Нарине Сахакјан, потенцираше дека во услови на ваква глобална пандемија, грижата за луѓето на кои им е најмногу потребна поддршка е од врвен приоритет.
„Ова е време кога треба да се покаже солидарност, поддршка, посветеност и грижа за сите, а посебно за оние граѓани кои не можат самостојно да се справат во овие деликатни услови на Ковид-19. Затоа новата адаптирана услуга на локално ниво е најдобар доказ дека инклузивните заедници во пракса подразбираат зајакнување на лицата како даватели на услуги и крајните корисници. Оваа услуга е дел од пошироката поддршка која УНДП ја нуди во земјата, но и на глобално ниво, за справување со Ковид-19“.
Швајцарија е долгогодишен партнер на државата во сите околности, и во добри времиња, но и во времиња полни со предизвици. Драго ни е што во овие посебни околности со коишто се соочуваме, проектите кои ги поддржуваме се флексибилни и се адаптираат соодветно да одговорат на кризата и на луѓето од ризичните категории – истакна амбасадорката на Швајцарија во државата, Н.Е Сибил Зутер Техада.
Активноста се спроведува како продолжување на Програмата за општинско корисна работа, како дел од Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување и услуги на пазарот на трудот, и реактивирање на претходно ангажираните невработени лица како даватели на услуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Штипјанец и скопјанка фатени како ги фотографираат гласачките ливчиња, а жител на Бучим му го покажал ливчето на набљудувач
Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
„Од отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме две фотографирања на гласачко ливче, едно во Штип и едно во Скопје. Во 09.30 часот на избирачко место 2274 во Штип Г.Ј. го фотографирал гласачкото ливче и од страна на полициски службеници од СВР Штип се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во 09.20 часот на гласачко место 2844 во ОУ „Јохан Х. Песталоци“ во Скопје, С.М. (57) го фотографирала гласачкото ливче и од страна на СВР Скопје се преземаат мерки за расчистување на случајот“, додаде Ангеловски.
Тој посочи дека досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, односно гласањето се одвива мирно и без проблеми.
Ангеловски дополни и дека димна бомба има на гласачко место, а пријавени се и летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити.
До 11 часот е пријавено дека на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до 9 часот, се искачи на 12,78 отсто.
Македонија
Најдена испукана димна бомба на гласачко место, летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити пријавени во МВР
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, информира за текот на изборниот процес од отворањето на избирачките места.
„Досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, тоа се одвива мирно, без проблеми. Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач.
За сите овие настани, како што вели тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.
„Покрај тоа, на територијата на општина Чаир се забележани летоци, кои биле оставени на паркирани возила, а исто така се испишани и два графита. На едно гласачко место во Скопје, покрај испишаниот графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6.30 часот во ходникот е пронајдена димна бомба. Веднаш се преземени мерки и активности и на ова место гласањето се одвива непречено“, додава Ангеловски.
Апелира до граѓаните и учесниците на изборите – во текот на гласањето, до завршувањето, да се воздржат од какви било инциденти.
Македонија
На 12,78 отсто се искачи одѕивот до 11 часот, најголем во Демир Капија – 23,99 отсто
До 11 часот на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до девет часот, се искачи на 12,78 отсто.
Најголем е одѕивот во Демир Капија – 23,99 отсто, каде што од вкупно 3.208 граѓани до 11 часот гласале 769.
На седмите претседателски избори во земјата право на глас имаат 1.814.317 граѓани на 3.480 избирачки места.