Македонија
МТСП: Со младинската гаранција ја намалуваме невработеноста кај младите
Делегација од Министерството за труд и социјална политика, синдикатите и работодавците од Северна Македонија присуствуваат на Меѓународната конференција на трудот во Палатата на нациите во Женева, Швајцарија, на која истовремено се одбележува и 100-годишнината на Меѓународната организација на трудот. Во името на делегацијата на сесијата на која присуствуваат преставници од над 180 земји се обрати Мирјана Алексевска, раководител на сектор за политики од областа на трудови право и политики за вработување.
Алексевска истакна дека овој јубилеј треба да нè потсети на досегашните достигнувања во областа на трудот, но и да ја искористиме 100-годишнината како мотив за гледање нанапред во разрешувањето на динамичните односи што ги носи современиот развој и технологијата.
„За да ја намалиме невработеноста на младите во Северна Македонија, втора година по ред ја имплементираме гаранцијата за млади. Младинската гаранција е дел од европските носечки иницијативи и има цел да им обезбеди на младите лица во период од четири месеци од пријавувањето во Агенцијата за вработување квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука или практикантство. Во оваа пригода би сакала да информирам дека поставената цел е надмината и реализацијата на гаранцијата на млади во 2018 година, која се пилотира во три општини, изнесуваше 41,7 отсто, што нè охрабри и годинава да ја спроведуваме“, рече Алексевска.
Гаранцијата за млади се спроведува со техничка помош на Меѓународната организација на трудот и Република Северна Македонија е прва земја во регионот што ја имплементира.
„Во насока на нашата посветеност за побрзо вклучување на младите лица на пазарот на трудот донесовме и посебен закон за практиканство, со кој се дава можност на млади невработени лица одреден временски период да реализираат практична работа во реални услови и за тоа да им биде платено. Со тоа ја зголемуваме нивната вработливост “, рече Алексевска.
Владата и понатаму останува на патот на унапредување на работните услови, намалување на родовиот јаз и нееднаквоста во пазарот на трудот, свесна за значењето на социјалниот дијалог и заедничката борба на сите фактори за пристојна работа во услови на слобода, еднаквост, сигурност и човечко достоинство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.