Македонија
Муцунски: Димитров и владата со нов удар врз идентитетот на Македонците и Македонија
Согласно јавно објавениот документ видлив на веб-страната на Австрискиот Парламент ноторно е дека се воспоставени дополнителни услови и пречки за Република Македонија поврзани со закажувањето на првата меѓувладина конференција, односно отворањето на пристапните преговори за членство со ЕУ, тврди Тимчо Муцунски, секретар за меѓународна политика на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, еден од повеќето спорни аспекти во овој документ e поврзувањето на почетокот на преговорите со барање на Република Бугарија за понатамошно именување на македонскиот јазик како „официјален јазик на“ државата со новата придавка. Истовремено, додава Муцунски, се бара и од институциите на ЕУ да не го признаваат постоењето на посебниот македонски јазик.
„Согласно денешна изјава на претставник на официјална Софија, Европратеникот Ковачев, ставoт на Бугарија е потврда дека за жал Владата на СДСМ до сега не ја кажуваше вистината во врска со ова клучно прашање за нашата земја“, рече тој.
Според Муцунски, ова значајно прашање кое се отвора на таков невообичаен и непримерен начин од аспект на меѓународното право истовремено претставува и непосреден удар врз идентитот на Македонија и Македонците.
„Како политичка партија сметаме дека едностраните решенија прифатени и имплементирани од страна на Владата на СДСМ, без демократски дијалог, консултација со релевантните политички субјекти и пошироката експертска јавност и нанесуваат сериозна штета на нашата држава. За тоа ние како политичка партија предупредуваме веќе подолг период. Во наведената насока и земајќи го во предвид фактот дека се потврди веродостојноста на документот кој излезе во македонски медиуми, и тоа од страна на парламент на земја членка на Европската унија, сметаме дека е крајно време да вложиме дополнителни напори во градење на цврста и единствена национална платформа и стратешки пристап, како вистински патоказ за ослободување од стегите на попустливата надворешната политика, чии сведоци сме во последните три години“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
„Маски, смеа, рингишпил- дојди во Шеговил!“ – голема забава под маски во Кисела Вода
Под слоганот „Маски, смеа, рингишпил- дојди во Шеговил!“ општина Кисела Вода, в понеделник, на први април, организира голема забава под маски за најмладите.
Пред салата Расадник ќе биде поставен забавен парк со најразлични реквизити, ќе има кловнови и аниматори, а за музичкиот дел се задолжени „Поточиња”.
Настанот започнува во 11 часот, а за изборот на најдобра маска ќе одлучи жири комисија од општината. Најдобрите маски ќе добијат награди, велат од општината и ги покануваат сите дечиња да дојдат во Шеговил и со своите насмевки, шеги и маски да поминат еден прекрасен ден.
Македонија
Ванковска: Преспанскиот и бугарскиот договор се колонизаторски договори
Професорката Билјана Ванковска и претседателски кандидат на Левица во Фејсбук статус истакнува дека има разочарани млади луѓе кои мислат дека кога политичарите говорат за прашањата за Преспа и другите договори, тоа е само губење време и одвлекување на вниманието од реалните проблеми на земјата, сиромаштијата, невработеноста, корупцијата и сл..
„Точно е! Мнозинството граѓани едвај врзуваат крај со крај, очајни се од непостоење здравствен или образовен систем, сакаат развој а не вртење кон минатото.
Она што овие млади (а инаку умни) луѓе уште не го научиле е дека геополитиката (која ни ја наметнаа) е тесно поврзана со геоекономијата. Би очекувала својот критички ум да го свртат кон, на пример, поврзаноста на нашата колонијална положба со Преспа и Митилинеос. Или дури и со Бехтел и Енка… и уште многу ситни и не толку ситни зделки на македонските компрадорски елити кои нѐ продадоа како на сточен пазар, ни ги одзедоа и идентитетот и достоинството, ама и ги наполнија своите џебови врз база на бајките за ЕУ интеграција со смена на името и уставот.
It’s all about geopolitics, stupid!“, пишува Ванковска.
Според неа, Преспа и Бугарскиот договор не се само национални, идентитетски прашања, туку и класни и социоекономски. Ние, додава таа, сме во класично ропство, а принудени да аплаудираме на колонизаторите кои не се тука за наше добро, туку за свои интереси.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Идната наша влада ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип
Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Главен фокус на идната влада во здравството ќе биде укинување на дуализмот. Ќе се спроведе спојување на клиниките во еден интегриран Универзитетски Клинички центар „Мајка Тереза“. Интегриран Клинички центар во Скопје ќе значи подобри услуги за пациентите и намалување на трошоците при јавните набавки, кои ќе бидат вршени централизирано. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го заокружи целиот процес со Клиничкиот центар во Скопје со изградба на нов објект“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат, истовремено владата ќе биде силно фокусирана и на довршување со градбата на Клиничката болница во Штип.
„По изградбата на Клиничката болница истата ќе биде опремена со најсовремена опрема и истата ќе се доекипира со соодветен медицински кадар. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го има здравјето на граѓаните на прво место, затоа континуирано ќе вложуваме во здравството. Време е да ја вратиме државата на народот“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.