Македонија
Муцунски: Фијаското со договорите со Грција и Бугарија се случуваше кога Димитров беше на чело на МНР
Пратеникот Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ на собраниската дебата за интерпелацијата на Никола Димитров, актуелен вицепремиер за европски интеграции рече дека покренувањето на прашањето за одговорност на член на влада е многу важно, исто како што е многу важно дали се исполнуваат дадените ветувања кон граѓаните.
Причини за интерпелација има повеќе, додаде Муцунски и укажа на неколку од нив.
Прво, според него, е што старо-новата влада за време на кампања пред парламентарните избори даде ветување дека Македонија формално ќе ги почне преговорите со ЕУ до крај на годината или до крај на 2020 година, што не се случи.
Второ, рече тој, актуелниот заменик-претседател на Владата пред неколку месеци беше и прв човек на МНР, беше во постапка за постигнување на преспанскиот договор, како и на оној за добрососедство со Бугарија.
„Тоа се два асиметрични договори кои беа презентирани како извонреден успех“, рече Муцунски додавајќи дека од нив произлегуваат само проблеми и последици.
Трето, напомена Муцунски, за решенијата во овие договори не бил воден соодветен демократски дијалог и не била вклучена пошироката експертска јавност.
Четврто, рече тој, во два наврати Димитров беше повикан пред Комисијата за надворешни работи во Собранието да се разговара за прашањето со Бугарија и блокирањето на патот кон ЕУ, а тој не се појави да рефереира по овие прашања.
Како петто, Муцунски напомена, „фијаското не го ставам само на негов товар, но тоа се случуваше кога Димитров ја извршуваше функцијата“.
Според Муцунски, за сето ова што се случувало изостанал и соодветен интитуционален одговор.
„Потребно е да констатираме дека за неприфатливиот, навредувачкиот однос и блокирање на патот кон ЕУ од страна на Бугарија, а тоа значи и негирање на идентитет, посебност, немаше институционален одговор“, рече Муцунски.
Според него, потребно е национално единство и соработка, со цел вакви дебакли ги надминуваме стереотипите и да наоѓаме достоинствени решенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски: Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт
Народот уште еднаш покажа дека знае и умее да ја процени важноста на овие избори, како крстопат кога се одлучува за правецот во кој треба да се развива нашата татковина, онаква каква што сакаме да ја видиме напредна земја со европски стандарди во правото, здравството, образованието, земјоделието и сите други области значајни за граѓаните, кажа Тимчо Муцунски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од аспект на изборниот процес, според него, тој поминал како што рече, генерално во фер и демократска атмосфета, со низа помали прекршувања, пред се предизвикани од партиите на власт и нивните активисти.
„Имено од досегашните податоци за нерегуларности кои ги имаме добиено од набљудувачите, забележано е вршење на притисок врз гласачи во општина Сарај, но и импровизиран штаб во непосредна близина на гласачко место во училиштето Гоце Делчев во Гостивар. Исто така забележани се случаи на семејно и колективно гласање, за кое истите лица биле предупредувани од страна на избирачките одбори и акредитираните набљудувачи.
На неколку избирачки места во втората изборна единица, поточно во Куманово, нотирани се нерегуларности од типот на нефункционалност на убиг апаратите или немање на печат. Во едно избирачко место бидејќи немале печат избирачкиот одбор добил насоки од ОИК гласањето да продолжи, па после гласањето да се стави печат. При примопредавањето на изборниот материјал не биле потпишани сите субјекти“, информира Муцунски.
За сите забелешки, како што рече како партија ќе постапат пред надлежните институции.
„Затоа што во наш, но и во интерес на Македонија е да имаме кристално чист изборен процес, процес кој според нас треба да заврши со победа на Македонија и визијата за реформи, правда.
Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт и враќањето на Македонија повторно на народот, процес кој повторно Македонија ќе ја направи горда“, истакна Муцунски.
Македонија
Европскиот фронт: Очекуваме голема, историска победа, тоа го потврдуваат информациите од терен
„Народот го кажа своето, имавме мирен изборен ден и слободни избори“, изјавија веднаш по изборниот молк од Европскиот фронт.
„Покажавме демократска зрелост како што и доликува на земја членка на НАТО и земја преговарач со ЕУ. Денес граѓаните го кажаа својот збор а на нас е да ја преточиме таа волја во акција. Имавме исклучителна кампања, напорна и вредна, беше европска на која треба сите да се гордееме“, посочија од Европскиот фронт.
На прашањето колку се задоволни од одзивот на гласачите и за првичните партиски пресметки Арбер Адеми од ДУИ истакна дека очекуваат голема победа за нивниот кандидат Бујар Османи.
„Сите информации од терен тоа го потврдуваат. Очекуваме победата да биде голема, историска“, рече Адеми.
Македонија
ОЈО: Сите сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани
Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, информираат од оваа институција.
„Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, изборниот ден во првиот круг од изборите за Претседател на Република Северна Македонија помина мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Не се забележани посериозни инциденти кои би имале обележја на кривично дело против изборите и гласањето или други кривични дела кои би го загрозиле изборниот процес.
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за евентуални изборни нерегуларности го следеше текот на гласањето, а во текот на денот беа организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства. Јавното обвинителство се координираше и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес“ се додава во официјалниот допис од обвинителството.
Комисијата, како што нагласуваат, ќе продолжи со својата работа до завршување на изборниот циклус.
Додаваат дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.