Македонија
Набавени најсовремени медицински апарати за справување со ковид-кризата, соопшти Министерството за здравство
Министерството за здравство информира дека во рамките на проектот за итно справување со кризата предизвикана од такоронавирусот, кој е финансиран од страна на заемот од Светска банка, набавени се најсовремени медицински апарати.
Во текот на вчерашниот ден почна испораката и инсталацијата на апаратите и тие се веќе инсталирани на Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле, во Штип, Струмица, Куманово и во Гевгелија, а во текот на следните денови ќе бидат опфатени и сите други установи во согласност со набавката на медицинската опрема, информираат од Министерството.
Според нивното дообјаснување, се работи за 17 ултразвучни уреди и 17 мобилни рендген-апарати, кои обезбедуваат современа и модернизирана технологија на располагање на здравствените работници за вршење детекција, дијагноза и третман на пациентите заболени од вирусот, како и за други заболувања.
Иновативните технологии на уредите е предвидено да овозможуваат поголема резолуција, да имаат напредни процесори за пренос и прием на сигнали, како и високочувствително и прецизно дијагностицирање преку ехо-системот.
„Сите овие параметри значително го подобруваат дијагностичкото искуство. Моторизираниот дигитален систем за снимање Х-зраци со интелигентна подвижност, како и бионичкиот манипулатор, кој создава најширок опсег на покриеност, ги задоволува посакуваните параметри во иновативното клиничко опкружување. Постојаното вложување во здравствениот систем, детектирајќи ги потребите на пациентите преку обезбедување апаратура со врвен квалитет, лесно адаптабилни и преносливи уреди, е уште еден показател за остварувањето на нашиот стремеж кон модернизирани, современи и достапни здравствени услуги за сите граѓани на нашата држава. Со нивно поставување на ковид-центрите им се овозможи двојно зголемување на постојниот болнички капацитет, обезбедени се дополнителни 10.000 квадратни метри, кои беа ставени на располагање, и дополнителни 624 болнички легла во тек на пандемијата“, велат од Здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.