Македонија
Над 90 деца жртви на семејно насилство во земјава
Над 90 деца лани биле евидентирани како жртви на семејно насилство во земјава. Од 903 кривични дела на семејно насилство минатата година, во рамки на кои се евидентирани 976 жртви, жените најчесто биле подложени на семејно насилство.
„За жал, низ полициската практика среќаваме деца жртви и во областите на малолетничка деликвенција, во делот на трговијата со луѓе, трудовата експлоатација, па сè до дела од областа на сексуалната експлоатација. Независно што е крајно сложено работењето во такви случаи, полицијата мора максимално ефикасно да ги исполни таквите задачи. И ние тоа го правиме, бескомпромисно и доследно“, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на презентација на студијата „Превенција, идентификација, пријавување, упатување и заштита во случаи на насилство врз деца – преглед на национални механизми за одговор“, истражувачки труд на „Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство“, изработена во партнерство со Kанцеларијата на УНИЦЕФ.
Според Спасовски, насилството врз децата и според тежината на можните многунасочни последици мора да биде карактеризирано како убедливо најтешка форма на насилство и на секому од нас ни е јасно дека во корпусот на човековите права и слободи, правата и заштитата на децата го имаат примарното место и секое општество е обврзано и должно, преку своите институции таквото примарно значење практично да го демонстрира со квалитетен и крајно ефикасен систем на заштита на децата.
Иако нормативната репресивност, односно документирањето и санкционирањето на таквите дела е исклучително важен фактор во справувањето со насилството врз децата, тоа е една алка од механизмот за заштита на децата, и не може да биде концепт сам по себе.
„Впрочем, од увидот во студијата што денес се презентира очигледна и потврдена е нужноста од сеопфатен, системски, меѓуресорски и меѓуорганизационен пристап, како на локално така и на државно ниво. Се разбира нашата држава веќе има, следствено европските стандарди и практики, воспоставено регулативен систем којшто обединува повеќе институционални сегменти во насока на заштита и превенција од насилството врз децата. Вклучително и постоењето на Национално координативно тело за заштита на децата од злоупотреби“, рече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Спасовски: Минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари
Носителот на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, оствари средба со пензионерите од Куманово.
„Во спектарот на еднаквите можности за сите е и грижата за нашите највозрасни граѓани – пензионерите. Токму затоа, не се откажуваме! Продолжуваме со подобрување на животниот стандард на пензионерите. Во следниот мандат предвидуваме минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. СДСМ и коалицијата “За европска иднина” продолжуваат да вложуваат на вистинскиот пат, патот кон Европа каде нашата земја ќе продолжи да се развива со нови работни места, повисоки плати, повисоки пензии и подобар животен стандард за сите”, истакна Спасовски.
Македонија
Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката Влада
Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор бидејќи се прекршил Законот за техничката влада, соопшти заменик-министерката за финансии, Елена Петрова.
Како што вели, иако одлуките морало да бидат одобрени со нејзин потпис, како што предвидува Законот за техничката влада, министерот Бесими ги потпишал сам.
„Незаконити се одлуките на министерот за финансии и државниот секретар во Министерството за финансии по спроведените постапки за вработување и унапредување во Министерството за финансии, како и одлуките на министерот за финансии за давање согласности за вработување во јавниот сектор, сите донесени по формирањето на преодната Влада за организирање на изборите. Ова е потврдено со судски одлуки. Вишиот управен суд донесе две пресуди во моја корист, со кои ги поништи како незаконити одлуките на ДИК, кои беа донесени врз основа на барање на Министерството за финансии“, рече Петрова и додаде:
„Со поништувањето на одлуките на ДИК сите наведени акти поврзани со вработување во Министерството, кои не се потпишани со врзан потпис на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер, не произведуваат правно дејство. Тоа се однесува и на издадените согласности за вработувања по сите основи во целиот јавен сектор, како и почнатите постапки врз основа на тие согласности“.
Македонија
Македонската армија ѝ се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд
Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд.
Во благодарноста на „Фејсбук“ триесетина минути стоеше, наместо норвешкото, знамето на Исланд.
„Моторните возила од Кралството Норвешка веќе се на својата крајна дестинација. По нивното распоредување, армиските единици ќе добијат поголема транспортната способност и мобилност“, напишаа од македонската Армија.