Македонија
На врвот на Пелистер заврши настанот „Зимска приказна“ во Битола
Битолската „Зимска приказна” започна со настап на Фолтин, а заврши со првото изгрејсонце во Новата Година на Пелистер.
Симболично, со изгрејсонцето на првиот ден од новата 2022 година на врвот Пелистер заврши празничната „Зимска приказна“ во Битола, која беше своевиден претпразничен фестивал кој траеше девет денови.
34 планинари своето новогодишно зимско искачување „Први на 1-ви” го започнаа од платото пред Офицерскиот дом, кое во декември беше претворено во празничен плоштад каде се одвиваа сите настани. На 30 минути после полноќ планинарите со музика и аплаузи беа испратени во својата прва акција – зимското искачување на Пелистер во новата 2022 година.
„Зимска приказна“ започна на 23 декември на минусни температури со новогодишниот концерт на Фолтин. 57 различни проекти, 60 часови активна програма и илјадници битолчани во публика беа причина градот Битола да живее претпразнично во посебен амбиент.
Десетици музички групи од сите жанрови, актери, диџеи, театарски претстави, учесници на детски музички фестивали, неколку работилници, изложби на локални учесници се покажаа како вистински рецепт за добра програма.
„Сите ангажирани учесници се избрани на јавниот конкурс кој го објави Општина Битола, мотивирајќи ги сите локални артисти да се пријават, со цел да се поддржи нивната уметничка работа, особено во годината кога заради протоколите имаа ограничен број ангажмани. На оваа локација можност за промоција имаа и малите бизниси како што се занаетчиите, како и селектирана угостителска понуда и анимација со цел да се промовираат нудејќи придружна понуда која ќе асоцира на празници и славење. Битола конечно доби настан кој ја направи културно жива и во зима” истакнаа организаторите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски се сретна со амбасадорот на Турција: врвен приоритет е склучување на билатерален Договор за соработка во областа на безбедноста
Денеска, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и заменик министерот Назим Буши остварија работна средба со амбасадорот на Република Турција Н.Е. Фатих Улусој.
Министерот Тошковски на новоименуваниот амбасадор Улусој му посака пријатен престој и успешно вршење на амбасадорската функција, со желби за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.
На средбата беа отворени тековни прашања од соработката во областа на безбедноста, внатрешните работи и конзуларни прашања во надлежност на министерството за внатрешни работи, за што се потврдија заложбите за искрена соработка на овие теми.
Една од главните заложби е одржувањето на стабилноста и безбедноста на регионот, за што двајцата соговорници се согласија дека од врвен приоритет е склучувањето на билатералниот Договор за соработка во областа на безбедноста кој е во фаза на заемно усогласување.
Скопје
Едукативен мото настан утре во Кисела Вода
Утре, со почеток во 11 часот, пред салата Расадник, ќе се одржи едукативен мото настан од отворен карактер „Сите возиме, но некои знаат“.
На присутните од страна на лиценцирани инструктори, ќе им биде презентирани важноста за техничка исправност на моторното превозно средство (мопед, скутер, мотор), правилната употреба на безбедносна опрема за возење, како и справување во реални ситуации на улица.
„Низ дружење со претставници и членови од мото клубови, автошколи и здруженија ќе се изврши едукација за безбедно возење во и надвор од урбани средини, за брзината како фактор за општа безбедност и за намалувањето на загаденоста на воздухот преку користење на електрични превозни средства“, велат од општина Кисела Вода.
Македонија
Ќе се основа медицински факултет во Битола, усвоени се законските измени
Со усвоениот Закон предложен од пратениците на СДСМ основаме Медицински факултет во Битола, изјави пратеничката Жаклина Лазаревска.
Медицинскиот факултет ќе биде во состав на Универзитетот ,,Св. Климент Охридски” – Битола а ќе ги има отсеците за општа медицина, стоматологија, фармација и Висока медицинска школа.
Како што објави Лазаревска, наставните бази на Факултетот ќе бидат Клиничката болница Битола, Специјалната болница за кардиолошки заболувања „Свети Стефан“ Охрид, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ Охрид , Специјалната болница за нефрологија Струга и болницата со проширена дејност во Прилеп.
„Обезбедуваме висок степен на образование и обука за студенти кои ке станат идни лекари, со потребни знаења и вештини. Со основањето на Медицинскиот факултет Битола ќе го утврди своето место како регионален образовен центар и ќе даде можност на средношколците од градот и околните населени места, да студираат во своето место. Значително ќе допринесе во создавањето на нов стручен кадар, подобрување на здравствениот систем и одржување на високи стандарди за образованието, етиката и праксата во областа на медицината“, изјави Лазаревска.
Како што рече, ова ќе влијае на зголемување на квалитетот на здравствени услуги преку обучени и компетентни лекари за подобрување на здравјето на населението.