Македонија
На Денот на жената се бара пристап до правда за жртвите на семејно насилство
Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените -ЕСЕ, изразува загриженост за лимитираниот прогрес на државата на полето на постигнување на родова еднаквост и справување со родовото базирано насилство.
Воедно, значајно е да се напомене дека жените жртви на насилство се соочуваат со недоволна и неефикасна правна и судска заштита. Особено изразуваат загриженост за новиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство кој не може да обезбеди ефикасна и доследна примена во пракса.
Законски предвидените итни рокови за предлагање и изрекување на Привремени мерки за заштита од семејно насилство не се почитуваат од страна на надлежните институции како што се Центрите за социјална работа, полициските станици и граѓанските судови. Ваквите состојби во дел се должат на непостоење на институционални капацитети за соодветна проценка на ризик, но и на непостоење на дежурни служби за постапување во случаи на семејно насилство.
Дополнително, предвидената прекршочна глоба за непочитување на изречените привремени мерки за заштита од страна на насилникот доведуваат до негово амнестирање за стореното насилство.
Се уште постои тренд на поблаго казнување на сторителите на семејно насилство за разлика од оние предвидени во Кривичниот законик. Според прегледот на набљудувани судски случаи на семејно насилство (март 2015-октомври2016) за кривичното дело телесна повреда изречени се 17 пресуди од кои 10 условни осуди, а пак за делото тешка телесна повреда, изречени се шест пресуди од кои дури четири условни осуди и една ослободителна пресуда.
Мал дел од поднесените кривични пријави за сторено семејно насилство се процесуираат. Според анализата од прибраните податоци од основните судови, една четвртина од поднесените кривични пријави уште во текот на обвинителската постапка се отфрлаат. Од отфрлените кривични пријави, во просек 44 отсто се резултат на повлекување на предлогот за кривичен прогон од страна на жртвата за кривично дело телесна повреда при семејно насилство. Оттука, сосем јасно произлегува дека жртвата за кривичното дело телесна повреда при семејно насилство, директно или индиректно било од насилникот било од блиски роднина е приморана да го повлече предлогот, а со самото тоа сторителот да не биде изведен пред суд и казнет.
Жртвите на семејно насилство немаат пристап до ефективна правна помош.
Државата не обезбедува ефективна правна помош за жртвите на семејно насилство, со оглед на фактот дека дури и во случаите во кои била одобрена бесплатната правна помош, државата не ги покрива трошоците за судски такси и судско вештачење. Во ваква ситуација овие трошоци без кои е скоро невозможно да се водат судски постапки за заштита од семејно насилство, паѓаат на товар на самите жртви или на товар на здруженијата на граѓани каде што жртвите најчесто се обраќаат. Следствено на ова, средствата кои ги алоцира државата за оваа намена не се доволни за да обезбедат соодветна и сеопфатна правна заштита на жртвите на семејно насилство. Имено, за разлика од потрошените годишни средства во износ од 11.950 евра за бесплатна правна помош за сите ранливи категории на граѓани, државата треба да алоцира 91.247 евра за сите видови на трошоци за бесплатна правна помош единствено за жртвите на семејно насилство.
Здружението ЕСЕ бара од државата да обезбеди доследна имплементација на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, како и обезбедување на достапна и сеопфатна бесплатна правна помош и застапување за жртвите на семејно насилство./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Собранието со 78 гласови ,,за” го донесе Предлог законот за измени и дополнување на Законот за извршување на санциите
Собранието со 78 гласови „за“ го донесе Предлог законот за измени и дополнување на Законот за извршување на санциите
Законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во казнено-поправните установи, создавање посигурна безбедносна средина како во затворите, така и генерална и општата безбедност во државата, пред се преку воспоставување на законска основа и формирање на единици за затворско разузнавање и единици за интервенции, воспоставување на систем за видео надзор и користење боди камери во установите, намалување на корупцијата во казнено-поправните установи, решавање на проблемот со пренатрупаноста и регулирање и унапредување на права од работен однос на сите категории вработени лица во КПУ и ВПУ, извести Министерството за правда.
Покрај, зголемување на безбедноста на установите, унапредување на правата на осудените лица и децата со овој Предлог на закон се оди кон подобрување на статусот и на вработените во пенитенцијарниот систем. Постојат повеќе причини за донесување Предлогот на закон за измени и дополнувања на Законот за извршување на санкциите, како на приме,р менување во голем дел на кривичното законодавство во земјава, со тоа и Предлогот на закон за измени и дополнувања на Законот за извршување на санкциите како важна алка во кривичното законодавство и кривичноправниот систем во целина, потоа менување на затвореничката структура во Македонија, а во голем дел појавата на се поголем број на радикализирани осудени лица, потребата од заострување на начинот на кој што осудените лица по доставување на упатните акти имаа можност за менување на адресата на живеење и со тоа таканаречено избирање на казнено-поправна установа во која би ја издржувале казната и условите во истата, се додава во соопштението на Министерството за правда.
Македонија
(Видео) Стоилковски: Доколку Арсовска не е против нови градинки, училишта, да состави документи, а Советот ќе ги прифати онака како што таа ќе ги достави
Данела Арсовска сопре градба на две основни училишта, сопре градба на две градинки и сопре градба на едно затворено спортско игралиште, потребно за граѓаните на општините Гази Баба, на Кисела вода и на Аеродром.
Арсовска запре донесени одлуки на Советот на Град Скопје за ослободување од надоместоци за уредување на градежно земјиште за овие проекти, со образложение дека биле, како самата вели, неписмени, истакна на прес-конференција Наум Столковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ја повикуваме Данела Арсовска таа сама да состави вакви документи, а Советот без сомнеж во високото ниво на писменост на Данела Арсовска, само ќе ги усвои.
Доколку Арсовска не е против нови градинки, училишта и затворени спортски објекти, и ако не е против скопјани и Скопје, се очекува од неа најбрзо таа самата да донесе писмени барања за овие пет проекти за скопјани, а Советот ќе ги прифати онака како што таа ќе ги достави, без сомнеж во високото ниво на писменост на Данела Арсовска“, дециден е Стоилковски.
Во спротивно, како што рече, Данела Арсовска само ќе докаже дека е продолжена рака на Миле Зечевиќ и на СДС, наспроти вистинските потреби на скопјани за две градинки, две училишта и за спортски објекти.
Македонија
Прва пресуда за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација
Основниот суд во Неготино, како надлежен првостепен кривичен суд, одлучувајќи по обвинителен предлог на Основното јавно обвинителство Кавадарци, а по кривична пријава од „Квир центар“, против лицето С. М. од општина Демир Капија, за сторено кривично дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик, на 15 март 2024 година донесе пресуда дека обвинетиот е виновен за делото за кое се товари.
Обвинетиот во јули минатата година на социјалната мрежа „Фејсбук“ под споделена медиумска содржина има напишано два коментара со вознемирувачки говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата, во кои се повикува на насилство кон оваа маргинализирана група. Со тоа обвинетиот сторил кривично дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик, па судот му изрече алтернативна мерка – условна осуда, казна затвор во траење од една година. Утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од една година по правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело.
Ова е прва осудителна пресуда во судската пракса на Македонија, со која се санкционира говор на омраза врз основа на сексуална ориентација, иако уште од февруари 2014 година со измените и дополнувањата на Кривичниот законик говорот на омраза е класифициран како кривично дело, па оттаму се забранува и казнува говор на омраза и ширење материјали преку интернет, кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа. Според чл. 394-г ст. 1 од КЗ, за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем предвидена е казна затвор од една до пет години за секој што ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост, врз некоја дискриминаторска основа, вклучително врз основа на припадност на маргинализирана група.
Скопскиот „Квир центар“ ја поздравува одлуката на судот, кој демонстрира дека ги сфаќа сериозно поттикнувањето насилство и креирањето загрозувачка средина за ЛГБТИ+ луѓето. Говорот на омраза поттикнува сторување дела од омраза, па „Квир центар“ смета дека оваа осудителна пресуда е значајна победа во нашите напори да креираме безбедно опкружување за сите граѓани, без разлика на тоа поради кој основ или нивна различност ќе бидат цел на говор на омраза или дела од омраза.