Македонија
На инфективните одделенија во земјата се лекуваат 1.145 пациенти
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците во земјата е пријавено дека се лекуваат вкупно 664 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
По извештаите на болниците што пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 54 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 55 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 39 пациенти, во Велес се лекуваат 29 болни, а во Куманово 88 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 70 пациенти, во Прилеп – 82, во ковид-центарот во Гостивар – 45, а во Струга – 36 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 72 пациенти, во Кочани – 15, во Кичево – 20, Кавадарци – 39, во Гевгелија – 15 лица, а во Дебар – 5 позитивни и суспектни на коронавирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час на час според направените приеми и исписи на пациенти.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците во земјата е 1.145 и има речиси 290 празни болнички кревети во ковид-центрите.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти, со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид-одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија денеска избира претседател: пет имиња се на гласачкото ливче
Во Северна Македонија ќе се одржат седмите претседателски избори, а до затворање на избирачките места во 19 часот, на сила е изборен молк.
Евентуалниот втор круг од претседателските избори е закажан за 8 мај, за кога се закажани парламентарните избори.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Владата го прогласи денот на изборите за неработен.
Во избирачкиот список за претседателските избори се запишани 1.814.317 избирачи, а во странство ќе гласаат 2.569 гласачи со државјанство на Северна Македонија.
Во посебен избирачки список запишани се 2.147 лица кои издржуваат затворска казна или притвор.
Скопје
ЈСП: Јавниот превоз по неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи.
Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно и потопло со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има локален слаб дожд, краткотрајно пороен, проследен со појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд со ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Во четврток ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи, а на повисоките планини ќе преминуваат во повремен слаб снег. Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време.